fbpx

Интервју на Наумов за Банкарство.мк

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, Кире Наумов за порталот Банкарство.мк

Банкарство: Господине Наумов, еврообврзницата се издаде во вторникот на износ од 450 милиони евра. Дали сметате дека вашите обиди за оспорување на задолжувањето беа контрапродуктивни и влијаеа во насока на зголемување на каматната стапка на еврообврзницата? Зошто сепак се најдоа кредитори кои го превземаа ризикот и ја откупија еврообврзницата? Дали еврообврзницата ќе се пласираше под подобри услови доколку не интервениравте кај агентите кои ја издаваа обврзницата?

Кире Наумов: Каматата на оваа незаконска обврзница можеше да биде помала само во случај власта да ги почитуваше законите и истата да беше издадена по истиот принцип како во ноември 2015 година. Тогаш камата изнесуваше 5.125%. Во четвртокот при првиот обид за издавање на еврообврзницата според Ројтерс каматата се движела околу 5.5%. Не смееме да заборавиме дека по издавањето на еврообврзницата минатата година, во февруари оваа година Стандард и Пурс излезе со негативна проекција за кредитниот рејтинг на Македонија кој во овој момент изнесува ББ-. Стандард и Пурс во наредниот период повторно ќе излезе со проценка на нашиот рејтинг и воопшто не треба да не изненади ако го намали. Тоа ќе биде трето намалување на кредитниот рејтинг на Р. Македонија откога Никола Груевски и Вмро Дпмне се на власт. Само да потсетам дека во 2006 година кога ја превземаа власта рејтингот на Македонија според Стандард и Пурс изнесуваше ББ+.

Инаку што се однесува до тоа како се најдоа сепак кредитори кои ја откупија евробврзницата, иако не успеаја да ги издадат планираните 650 милиони евра, земете го примерот со Грција. Грција де факто беше во банкрот па сепак успеа да издаде еврообврзница во изминатиот период и тоа со каматна стапка слична на нашата. Знаете како, за очајни позајмувачи секогаш ќе се најдат средства од очајни кредитори. Се разбира ризикот се пресметува низ каматата.
Вистинското прашање е за што ќе бидат употребени средствата од еврообврзницата. Ова е трето задолжување на меѓународните пазари во последните две години. Вкупно само преку овие задолжувања јавниот долг е зголемен за 1 милијарда и 220 милиони евра. Каматата што вкупно ќе ја плата граѓаните само за овие три задолжувања изнесува речиси 400 милиони евра. Односно износ рамен на уште една еврообврзница. А намената на средстават е целосна мистерија. И при издавањето на третата еврообврзница во 2014 година и во 2015 година кога се издаде четвртата велеа дека средствата ќе ги искористат за враќање на првата еврообврзница издадена во 2005 година на износ од 150 милиони евра, односно како што викаат издадена во времето на СДСМ.

Добро, се вратија тие средства минатата година. Сега викаат оваа година им требаат нови 200 милиони евра за враќање на стари долгови. Внимавајте трите последни еврообврзници кои не се вратени, доспеваат во 2020, 2021 и 2023 година. Па замислете тие години колку средства ќе треба да враќаме, ако во 2016 година треба да исплатиме 200 милиони евра стари долгови, а не доспева ниту една еврообврзница. Оваа власт директно не внесе во должничко ропство. Јавниот долг кој во овој момент изнесува речиси 5 милијарди евра, односно 52% од БДП ќе претставува огромен терет за идните генерации.

Банкарство: Во неколку наврати цитиравте неколку закони што се прекршени, а од друга страна Министерството за финансии тврди дека процесот е кристално чист. Која е вистината? Зошто го сметате ова задолжување за нелегално?

Кире Наумов: Со издавањето на еврообврзницата се прекршени Законот за Влада, Законот за Јавен долг, Законот за Буџет и Кривичниот законик. Никола Груевски и неговите послушници очајно се обидуваат да излезат од кашата во која се најдоа, при тоа во континуитет прекршувајќи го законите во Р.Македонија. Но, времето безмилосно ги гази. За краток период вистината, не само за прекршувањата во финансиската област, туку во сите сегменти, ќе излезе на површина. Знаете како, вистината е како шило. Врти, врти и излегува на површината.
Само како пример за нелегалноста на издавањето на еврообврзницата ќе потсетам дека министерот за правда сеуште јавно не излегол да каже дали согласно Законот за Јавен долг, член 18 став 6, издал правно мислење за правната важност на задолжувањето. Иако министерството за финансии тврди дека издал, министерот за правда на одредени медиуми, но без изјава во камера или официјално соопштение, тврди дека не издал. Затоа веќе неколку дена го повикуваме јавно да излезе и да ги расчисти дилемите. Самиот молк е потврда дека има нештоо незаконско во неговото постапување или непостапување. Исто така не одговорил и дали и дал овластување на заменик министерката за правда да присуствува на телефонскиот состанок со кредиторите или пак таа без овластување била присутна. Тоа пак повлекува лажно претставување. Присуството на Гувернерот Богов на истиот состанок дополнително ќе отвори многу прашања за причините поради кои го смени својот став дека издавањето на еврообврзница не е во надлежност на Гувернерот и на НБРМ.

За останите прекршувања ситуацијата е јасна. Затоа по промената на власта на сите можни легални начини ќе го оспориме ова задолжување како законски јавен долг.

Банкарство: Прашањето сега е што понатаму. Дали ќе може да се воспостави контрола над трошењето на овие средства? Дали средствата се доволни за непречено функционирање на буџетот? Во кој момент ќе треба да почнеме да размислуваме за враќање на средствата и со кој интензитет ќе треба тоа да се случи?

Кире Наумов: Прво велеа дека средствата им се потребни за две буџетски години, а во Ребалансот на буџетот ставката депозити беше 0 (нула). Како појаснување во таа ставка се наведуваат средствата кои се планираат да се пренесат во наредната година. Откога укажавме на оваа манипулација, во текот на оваа недела на шверцерски начин предложија дополнување на ребалансот и сега предвидуваат дека во 2017 ќе пренесат 165 милони евра. Ние бараме овие средства веднаш да се стават на посебна сметка и да не смеат да се трошат оваа година. За враќање на стари долгови како што кажав и погоре потребни се 200 милиони евра.
Дополнителниот заменик министер за финансии што повторно ќе биде во техничката влада, примарна задача ќе има да спречи можни злоупотреби не само со останатите 85 милиони евра од еврообврзницата, туку генерално за сите исплати во предизборниот период.
Да, средства во буџетот за плати, пензии, социјални трансфери и субвенции има. Но оваа влада сака да троши и за Панорамски тркала, барокни фасади, нагрдување на ГТЦ и редица други криминални проекти, од кои граѓаните немаат никаква корист. Ние сме против тие трошења. Тие трошења ќе бидат предмет на идни постапки.

Инаку по промената на власта подитно ќе пристапиме кон фискална консолидација. Намалувањето на рекордниот износ на јавен долг, ќе го таргетираме преку дисциплинирана потрошувачка и преку прооекти кои ќе го зголемат растот на БДП од моменталните 2%, на над 5%. Тоа нема да биде лесно, но СДСМ има економска програма во која точно наведуваме конкретни чекори и мерки преку кои ќе овозможиме повисоки стапки на раст на БДП, а со тоа и намалување на износот на јавниот долг и во апсолутен износ, но и пресметан како процент од БДП.

Инаку уште еднаш повторувам дека заплашувањата дека нема или нема да има средства за исплата на тековните расходи е само манипулација на Груевски и Вмро Дпмне. Вистинската состојба на државната каса ќе ја откриеме по следните избори, но без разлика на дупката која ќе ја најдеме, редовните исплати нема да бидат загрозени.

 

Последни вести