fbpx

Интервју на Атанасов за Фактор

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на Петар Атанасов, претседател на комисијата за образование на СДСМ за порталот Фактор

Фактор: Без учество на опозицијата власта одлучи по итна постапка да донесе законски измени за основно и средно образование, конкретно околу екстерното тестирање. Како го оценувате овој чекор особено поради фактот што го сепак екстерното како модел на проверка остана, нема да влегува во општиот успех но оценките можат да бидат пресудни при уписот во средно училиште или на факултет?

Атанасов: Проектот за екстерно тестирање не е прифатен ниту од еден сегмент или сектор од општеството. Се изрекоа безбројни критики. Во суштина ништо не се менува. Оценките остануваат и влијаат врз уписот на децата во повисоките нивоа на образование. Сега ќе бидат уште поизразени популизмот и клиентелизмот. Овој проект е лош, не ги остварува целите за кои е дизјаниран и треба да се укине. Исто така, СДСМ се залага оценките да бидат поништени во законска постапка. Ова мачилиште треба да престане.

Фактор: Дали конечно надлежните ја сватија пораката, критиката и реакцијата на учениците, наставниците и родителите за последиците врз успехот особено за учениците кои завршија со негативни оценки во свидетелствата и практично дел од нив не успеаа да го продолжат своето образование?

Атанасов: Не знам што сфатиле или не сфатиле. Знам дека тврдоглаво го поддржуваат проектот што веќе четири години прави штети во образовниот процес. Ниту нешто мери ниту го подига квалитетот на наставата. Оценките од ваквото тестирање не можат да ги измерат нијансите во знаења, усвоените меки вештини или емоционалниот развој на учениците. Образованието е наука, филозофија. ВМРО-ДПМНЕ го претвори образованието во гранап за тендери и притисоци врз вработените во училиштата. Овие притисоци со казни и закани мора да престанат. Образованието е професија која треба да го прати професионалното созревање и развој на децата, а не да ги претвори во бубалици на бројки и дефиниции.

Фактор: Кој ќе им ја надомести штетата на оштетените ученици, каде да се лоцира вината?

Атанасов: Виновни се Никола Груевски и сите министри за образование во негово време. Тоа беа околу 7-8 мининистри за образование главно млади луѓе и без познавања на областа. Тие му ги исполнуваа желбите на Никола Груевски и на неговите квази консултанти.

Се прашувам вака јавно, дали може да се формира стручна комисија за анализа на штетите кои владите на Никола Груевски ги направија во образованието. Дали може некој да одговара за злонамерните и лоши закони, програми и проекти кои оставија хаос во образованието на сите нивоа. Дали може некој да понесе политичка, морална, но и кривична одговорност за ова?

Фактор: Дали екстерното проверување беше замислено како своевидна казнена политика кон наставниот кадар која се рефлектираше врз грбот на учениците?

Атанасов: Да, главниот напад беше всушност врз наставниците. Точно врз наставниците беа насочени сите казнени мерки и закони. Како тие да се единствените виновници за слабиот квалитет на образованието! Не знам дали ова беше поради политичка пресметка со неистомислениците или пак независно од политичката опција се градеше систем на страв и послушност. Во таков систем разбирливо е дека најдобро владеат неписмените и насилниците. Притоа, зад параванот на сеење страв, се остваруваа и спроведуваа вработувања на партискиот кадар на владејачките партии, тендери за милионски набавки, притисоци врз професорите и интелектуалците за замолчување на критичката мисла.

Во секој случај, независно од целите и намерите, образованието системски беше уништувано. Овој напад особено беше изразен врз најдобриот и најстар државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“. Од тука доаѓаа и најголемите критики за режимот на Никола Груевски.

Фактор: Казните и наградите не се укинати, само се одложени, екстерното не е укинато туку ќе се реализира од шесто одделение. Одложување на маките или?

Атанасов: Со измените всушност ништо суштински не се менува. Екстерното тестирање продолжува со сите штетни последици. Оценките остануваат, притисоците продолжуваат а продолжува и хипер продукцијата на закони со кои се прави магла и никој денес не знае што и како важи или е во сила. Целиот образовен систем е поставен на омраза врз знаењето и професорите. Страшно

Фактор: Образовниот процес како никогаш досега не бил ставен пред толку предизвици и наплив на проекти за кои во пракса имаше проблеми во начинот на спроведувањето и сериозни критики од страна на наставниот кадар, учениците.(екстерното тестирање, новите програми по Кембриџ програмата, државната матура и сл). Што добивме, а што изгубивме?

Атанасов: Не добивме ништо. Бевме сведоци на многу импровизации. Плановите создавани во една канцеларија во владата, како идеи беа уште покатастрофално спроведувани. Изгубивме многу време и пари, а ефектот е назадување во време кога околните држави се обидуваат да фатат приклучок со светот и цивилзациските придобивки.

Сега треба да почнеме повторно онаму каде бевме пред 10-тина години. Потребно е време да се санираат последиците и добро планирање за тоа каде сакаме да биде образованието во следната декада. Ние сме мала земја и главно корисник на знаењата што се создаваат во големите држави. Можеме брзо да се преструктуираме за новото време. Во светот тренд е мобилноста, интеграцијата на образовните програми и практичното образование. Треба да ги прецизираме начините како најбрзо да ги оствариме нашите цели и идеи. А тоа не е невозможно.

Фактор: Каде е излезот од ваквата состојба во која се најде образованието и колку истата се рефлектира врз целата општествено-политичка состојба во која се наоѓа земјава?

Атанасов: Се е поврзано. Не може да се гради интегрирано образование во дезинтегрирано општество или општество кое се наоѓа во длабока криза. Ако сакате демократско општество тогаш во курикулумите мора да има лекции и приказни за демократските вредности. Предметите во светот се повеќе се поврзуваат во целини во кои се учи за интегрални решенија. Резултатите доаѓаат за неколку генерации. Но мора да се почне од некаде. Да се направи храбар обид да се излезе од калта на локалното мочуриште.

Излезот е во слободни и демократски избори на кои овој режим ќе биде испратен во историјата. Потоа треба да постулираме што и како сакаме. Ние сме мала земја и за краток рок може да направиме големи резултати. Нашите деца веќе живеат во дигиталното општество. Овие предности и алатки мора да се стават во функција.

 

 

Последни вести