Нашиот колективен глас, нашето национално и општествено обединување, сега е време да го потврдиме не само како идеал, туку во конкретен чекор, со глас за Европа, порача денеска од Македонска Каменица, генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски, на маалска средба со граѓаните во рамки на теренските активности на партијата, „Рамо до рамо, до победа“.
-Долго време нашето општество гласно зборува за потребата од единство. Сега е време да го потврдиме националното и општествено обединување на дело, не само како идел, туку во конкретен чекор, во глас за Европа. Во името на иднината на земјата и наредните генерации. Повикувам на разум, на трезвеност, да се согледа националниот интерес, геополитичкиот и регионалниот контекст. За да се разбере суштинското значење на членството во Европската Унија, за македонската држава, за Македонците и за сите наши граѓани. Тоа ги надминува економските придобивки, ги надминува политичките партии. Членството во ЕУ значи сигурна, европска иднина со обезбеден македонски јазик и идентитет. Ја повикувам и ВМРО-ДПМНЕ, да ги оставиме настрана нашите разлики, да најдеме заеднички јазик и да се собереме зад заедничката цел за европска интеграција, рече Зечевиќ.
Обединувањето е стремеж вкоренет во духот на нашата нација и сега е време повторно да ја најдеме силната во единството, во нашата способност да се здружиме за национална и државна цел, членство во ЕУ.
-Имаме силна поддршка од САД за продолжување на европскиот пат. Имаме историска шанса која не знаеме кога повторно ќе ја имаме и затоа не смееме да ја пропуштиме. Со глас за Европа, со заедничка работа, можеме заедно да изградиме европска република, Европска Македонија, рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски.