Интервју на Рената Дескоска, член на Извршниот одбор на СДСМ за порталот Фактор
Фактор: На повидок е Виенски Договор, со посредство на САД и ЕУ, откако на меѓународните партнери им стана јасно дека концептот од „Пржино“ е речиси мртов. Има ли се’ уште простор за премостување на разликите меѓу двете најголеми партии и каков копромис е можен?
Дескоска: Договори заради договори на граѓаните на Македонија не им се потребни! За ВМРО-ДПМНЕ зборот не е збор, а договорите се палома! Затоа СДСМ може да седне со нив на преговори само за договарање на начинот на нивното заминување од власт. Тоа значи, прво одложување на изборите, а потоа може да се седне и да се разговара за преодна експертска влада која ќе ги подготви условите за слободни и фер избори. Се друго би значело продолжување на агонијата и влегување во непродуктивен процес на “преговори заради преговори”. Лекциите од Пржино не смее да ги заборави ни СДСМ, ни меѓународната заедница!
Фактор: Протестите се граѓански револт кон власта. Комбинирано со бојкотот на изборите дали би можело да се очекува вонинституционална разрешница на длабоката криза ?
Дескоска: Граѓанскиот отпор е автентичен изблик на незадоволството и револт предизвикан од сите злоупотреби на власта во изминатиов период. Граѓаните покажаа дека се противат на неправдите, на селективната правда, се противат на корумпираната власт и бесрамното кршење на човековите права, на дискриминацијата, на постоењето “недопирливи касти” кои можат да прават што сакаат и на граѓани од втор ред. Тие се спротивставуваат на мафијата што ја “зароби” и самоволно управува со Македонија речиси цела деценија.
Всушност граѓаните покажаа голема свест и совест и ја вршат својата граѓанска должност: да се спротивстават на неограничената тиранска власт која работи за сопствена корист, но на штета на граѓаните!
Кризата која власта ја занемаруваше и мислеше дека ќе ја надмине со нови фалсификувани избори се прелеа на улиците затоа што луѓето го препознаа обидот за нови злоупотреби. Најдобро е институционално решавање на кризата, преку одложување на датумот заради организирање на фер и демократски избори. Но тоа зависи од владечката коалиција, пред се од ВМРО-ДПМНЕ.
Фактор: Лидерот на СДСМ најави интензивирање на протестите, па дури и уривање на власта со масовни и континуирани демонстрации. Се организираат и контрапротестите од ГДОМ, со фејсбук закани за физички пресметки. Возможно ли е да дојде до македонско-македонски судири и кој ќе биде виновен доколку ситуацијата излезе од контрола ?
Дескоска: Протестите секој ден се се помасовни и поинтензивни. Секојдневно бројот на граѓани кои се приклучуваат се зголемува. Можете да сретнете луѓе кои се идеолошки различни, биле политички противници, имаат различни ставови за исти прашања, но кои сега чекорат заедно против оваа власт! Со својата антидемократска политика и криминалните одлуки, со своето неодговорно однесување Власта практично ги мобилизира граѓаните на отпор оставајќи ги на страна меѓусебни разлики. Колоните од незадоволни се здружување на индивидуи, групи, здруженија, партии со различни погледи, но со иста цел – смена на оваа власт и заложба ова зло никогаш повеќе да не се повтори! Во западноевропските земји гледаме примери кога по вакви масовни протести владите паѓаат. Тоа е одговор на актуелното владеење! Всушност одговорноста за разрешување на кризата најмногу лежи врз тие кои и ја предизвикале, а тоа е власта со своето неуставно и незаконско однесување!
Фактор: Се заговараат и крајно радикални чекори за повлекување на депозитите на граѓаните од банките врз чии кредитен потенцијал се потпираат се поинтензивните задолжувања на Владата…
Дескоска: Ако оваа влада во нешто е шампион – тоа е во задолжувањата. Всушност нејзиното неодговорно и расипничко владеење се огледа и во непродуктивните трошоци кои ги направи и енормотото задолжување заради кое ќе страдаат генерации. Секој обид да се спречи понатамошното задолжување е легитимен! Исто така е легитимно и правото на граѓаните да ги заштитат своите штедни влогови во ситуација на голема криза и несигурност во која не втурна оваа власт!
Фактор: Во изјавите на лидерот на СДСМ провејува одредена нерешителност околу тоа дали Спасовски и Ременски треба и натаму да партиципираат во владата. Зошто Заев тактизира околу нивното повлекување од министерствата?
Дескоска: Нема тактизирање околу повлекувањето на министрите на СДСМ од владата. Тие на време си ги поднесоа своите оставки со цел да се остави време ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да си ги пополнат тие места пред да се распушти Собранието. Но, нивните оставки не беа констатирани. Со тоа тие се најдоа во една непријатна ситуација: има одредени активности кои се однесуваат на права на граѓаните, а кои зависат од нивниот потпис. Најлесно беше да се кренат рацете и да се направи хаос за кој ќе бидат одговорни ВМРО-ДПМНЕ, но ќе страдаат граѓаните. Ставот на СДСМ е како и секогаш до сега: да се однесува како одговорна партија која на прво место ги става интересите на граѓаните.
Фактор: Како е возможно да се направи македонски санитарен коридор против општиот грабеж и криминал во земјата. Се развива теза дека и за време на владеењето на ВМРО ДПМНЕ и во перидот додека СДСМ беше на власт се крадеше, но политичкиот опстанок се базира на тоа кој помалку бил апаш?
Дескоска: Во Македонија мора да се воспостави принцип на владеење на право и одговорност. Затоа СДСМ силно се противи на аболициите на Иванов и бара нивно повлекување за сите, без исклучок! Одговорност за криминалите мора да има. Инаку, ВМРО-ДПМНЕ имаше шанса да расчисти со криминали на секое претходно владеење, доколку ги имало. И мислам дека ако имаше докази за такво нешто, немаше да простат! Всушност до сега ги гледавме со каква крвожедна страст се однесуваа кон сите неистомисленици, па ги апсеа пред камери, во некои случаи и со “пиштол во уста”… СДСМ во својата програма се обврза на неселективна борба против криминалот, па дури внесе и една радикална мерка, а тоа е две години по изборот на владата јавниот обвинител на Република Македонија да се избира по предлог на опозицијата. Целта е, откако ќе се расчисти со криминалите на претходната власт, опозицијата да има можност ефективно да биде вклучена во контролата на законитоста на работењето на власта.
Фактор: Во неисполнетите обврски од договорот во Пржино се и медиумските реформи. Лидерот на СДСМ Зоран Заев во една недела имаше интервју на три различни телевизии. Какви беа ефектите од гостувањата во медиумите кои вршат политичко-партиско ѓилотирање на опозицијата ?
Дескоска: Имаше различни коментари дали требаше или не лидерот на СДСМ да оди на интервјуа во тие медиуми или не. Но неподелено беше чувството на згрозеност на сите кои ги гледаа интервјуата од однесувањето на домаќините кон Зоран Заев. Граѓаните со емоции, со денови ги коментрираа тие интервјуа, затоа што се соочија со вистината за работата на овие медиуми. Всушност овие интервјуа уште еднаш многу пластично ја потврдија непрофесионалноста и пропагандата на овие медиуми.
Фактор: Колку е издржана тезата дека е невозможно спласнување на тензиите без заминување на Груевски и Заев од челните позиции во партиите ?
Дескоска: Мислам дека е многу, многу неправедно и многу погрешно да ги ставате во ист кош Груевски и Заев. Тезата за нужност од заминување на Груевски и Заев како начин на решавање на кризата е всушност само еден перфиден обид да се изедначат насилникот и бунтовникот против насилството, а со тоа да се затскрие изворот на кризата. Извор на македонските неволји не е личниот анатагонизам меѓу Заев и Груевски, туку злоупотребите на власта. Груевски, а на Заев, е тој кој ја зароби Македонија во изминативе 10 години. Заев е оној кој покажа огромна храброст да го разобличи тоа владеење. Со проектот “Вистината за Македонија”, тој го ризикуваше сопствениот живот и сопствениот мир за да им покаже на граѓаните кaко се владее изминативе години. А после тоа што го слушнал за мафијашкото владеење на власта, мора да му се признае дека е чин на херојство да се осмели тоа да го презентира пред целата јавност. За надминување на тензиите потребно е воспоставување на правдата, а тоа значи одговорност за злоупотребите на власта и создавање на амбиент за слободни и фер избори.
Фактор: Постои ли опасноста Специјалното јавно обвинителство да биде укинато и како ја оценувате одлуката на претседателот Иванов да аболицира лица за кои постојат сомневања за сторени кривични дела?
Дескоска: Во изминатиов период ВМРО-ДПМНЕ реагира прилично хаотично, па ништо не би ме изненадило од страна на нивниот послушнички Уставен суд. Аболицијата на Иванов е вусшност прикриен обид да се укине Специјалното јавно обвинителство, како централен столб на кој почива Договорот од Пржино. Наместо да го укинат како државен орган, преку аболицијата сакаа да ги направат недостапни за правдата криминалците од нивните редови, кои тоа обвинителство треба да ги гони. Нивните обиди за суспендирање на СЈО, ги правеа уште во Собрание кога сакаа да “протнат” измени на Законот за кривична постапка за да ги одолговлечат постапките пред ова обвинителство. Потоа преку Уставниот суд ги укинаа измените на Законот за помилување од 2009 година. Ама наскоро од помилувањата на Иванов се покажа дека Уставниот суд е неспособен слуга, а со тоа е лош слуга. Помилувањата се случија на крајно незаконит начин и како такви се ништовни. Со нив само се продлабочи кризата бидејќи се промовира принцип на неодговорност, принцип на привилегирани функционери кои не ги “фаќа” закон и кои можат да прават што сакаат и за тоа да не одговараат. Со масовноста на опфатот на лица кои се помилувани, со тежината на делата за кои се помилувани, актот на Иванов е “антидржавен чин” и нешто што е надвор од уставот, законот, но и од здравиот разум. Со ваквото однесување, Иванов ја врати Македонија во Средниот век.
Фактор: Каде е поранешниот претседател, екс премиер и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски. Не’ ли ви изгледа симтоматичен неговиот молк во време кога се соочуваме со една од најдлабоките кризи од осамостојувањето на Македонија ?
Дескоска: Поранешниот претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски веднаш се огласи во јавноста по срамниот чин на Иванов и со резигнација ја одби аболицијата за измислените дела кои оваа власт проба да му ги стави на товар, за потоа да наводно да го ослободи од нив. Што се однесува до неговото однесување во целиот изминат период, тоа е конзистентно на она што тој го најави на последниот конгрес како претседател на СДСМ, дека ќе остави простор за новото раководство да ги реализира своите програмски замисли. Мислам дека никој нема дилеми дека неговиот став е отпор кон оваа власт. Всушност тој и неколку пати се појави во јавноста при што му оддаде признание на Заев за храброста за проектот Вистината за Македонија и повика на отпор. Јас немам никакво сомневање во искреноста на неговата желба да заврши оваа десетгодишна агонија во Македонија.