БАНКРОТ БЛУЗ БЕНД
Хаосот во Скопје од ден на ден расте. Градот буквално се распаѓа на сите можни нивоа, не функционира ниту градската управа, ниту јавните претпријатија, но она што е најстрашно е фактот дека градот се наоѓа пред банкрот.
Што тоа ќе значи за Скопје и скопјани?
Најпрвин, во текот на летото, ќе бидеме сведоци на најлошото сценарио кое некогаш му се случило на нашиот град. Ќе видиме како дел од јавните претпријатија доцнат со исплата на платите, а дел од нив воопшто нема да можат да исплатат плати на своите вработени. Градот Скопје и институциите во негова надлежност веќе доцнат со исплати кон добавувачите, но ситуацијата веројатно целосно ќе излезе од контрола и ќе следуваат низа тужби сѐ со цел да си ги наплатат средствата кои јавните претпријатија ги должат. Следствено на тоа, услугите кои ги даваат овие јавни претпријатија ќе се влошуваат, градот ќе станува се позапустен и понечист, за жал глетката на преполни и со денови неисчистени контејнери ќе биде секојдневие, но не затоа што немаат возила или луѓе, туку заради тоа што нема да имаат средства да набават нафта.
Доцнењето на автобусите нема да биде главен проблем, туку вистинското прашање ќе биде дали воопшто ќе дојде автобус. ЈСП веќе е доведено пред колапс, долгот кон дел од добавувачите надминува десетици милиони евра, но кога за краток период нема да може да исплати ниту плати на вработените очекувам да доживееме дежа ви со протести на шоферите и повторна блокада на главниот град.
Скопје ќе стане град без перспектива кој од ден на ден целосно се уништува. Еве ќе ја земам за пример зоoлошката градина, од една преубава приказна која постојано се надградуваше со нови содржини и нови животни, сега има процес на намалување на фондот на животни и уништување на дино паркот.
Веројатно по ваквата ситуација ќе следи барање од страна на градоначалничката за задолжување кое ќе дојде на дневен ред пред советниците, барање кое ќе биде оплеменето со низа обвинувања дека сето ова се случува благодарение на претходните раководства, но вистината секогаш излегува на виделина, односно ќе се види дека состојбата во која се наоѓа градот е исклучиво поради неспособноста на „светската” менаџерка и тимот кој го раководи градот.
СПАСОТ ЗА СКОПЈЕ
По низа драми и неизвесност за понатамошното функционирање на градот, многу веројатно ќе следува оставка од градоначалничката која нема да знае како да се справи со ситуацијата. Друг излез ќе нема освен поднесување на неотповиклива оставка, по што ќе влеземе во избори за нов градоначалник на Скопје и тоа градоначалник кој ќе има мандат од само една ипол година во време-невреме. Во оваа ситуација ќе постои само едно решение, а тоа е надпартиско обединување за СПАС НА СКОПЈЕ. Оваа ситуација се надевам ќе ги надмине ситно партиските интереси бидејќи спасот ќе значи носење на низа тешки одлуки, како намалување на јавна администрација, избор на директори по МЕРИТ систем, а не по партиски или етнички клуч, кратење на буџети, дигитализација на сите можни процеси за да се надополни намалувањето на јавната администрација и најважно од сè е дека една ваква агенда може да биде остварена само со обединување на сите политички субјекти за во таа година ипол односно до крајот на мандатот да се стави во колосек сѐ она што се уништи за правата половина од владеењето на Данела Арсовска. Скопје го заслужува ова затоа што ние кои живееме тука и планираме да останеме во Скопје заслужуваме да имаме функционален град, главен град на Европска Македонија.