Интервју на Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на СДСМ за порталот Револуционер.мк
РеволуционерМк: Политичката криза во државата е на работ на ескалација. Власта и опозицијата не можат да се договорат околу спроведувањето на договорот од Пржино. Спорни се избирачкиот список, медиумите, работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и на Уставниот суд, а сето тоа асоцира на можно одлагање на изборите закажани за 5-ти јуни. Г-не Сугарески, во кој правец се движи Република Македонија?
Сугарески: Република Македонија, ќе си дозволам сликовито да се изразам, тоне во живиот песок. Колку повеќе таканаречената влада на ДПМНЕ се обидува да ја избегне заслужената казна за направениот криминал и преку владеењето на фамилијата на власт преку лажни потфати, пропагандно покриени од медиумски куќи под нејзина контрола, толку се поголеми шансите да заедно со себе во бездната ја одвлечат и државата. Сѐ што прават од потпишувањето на Пржинскиот договор до сега оди во таа насока. Ги забавуваат договорените процеси до крајни граници за да мора на крајот кога сите рокови ќе бидат пробиени да се вклучи и странскиот фактор, гарант на договорот, со што ја потврдуваат нивната некадарност за носење на државнички одлуки. Го оспоруваат дел од договореното и дрско го доведуваат до фаза на неизвршување, како што е случај со договорот за медиумите, гласаат за заеднички решенија па истите ги оспоруваат незадоволни од решеноста на истите за расчистување со криминалот и непотклекнувањето пред нивните притисоци, како што е случајот со СЈО. Со еден збор, цело време глумат конструктивност, а при тоа целиот процес позадински го минираат со користење на сите можни средства кои им се на располагање, а кои за волја на вистината ги имаат енормно многу. Да го погледнеме само седиштето на партијата на ДПМНЕ и на сите нам сѐ ќе ни биде јасно колку се имаат збогатено како партија во изминативе години. Не сум стопроцентно сигурен, но мислам нема да погрешам ако кажам дека никаде на планетата Земја не постои како метод, контра протест на владејачка партија и нејзини симпатизери на претходно закажан протест на незадоволен народ од владеењето на истата таа власт подржан од опозицијата. Тоа е еден од методите кои се потенцијална опасност која може да ги втурне нашите граѓани еден против друг, што никако не смееме да го дозволиме.
Во оваа состојба за која зборувам, како надеж за спас од тонење во бездната се појавија голем број на прогресивни сили претставени преку разни поединци, форуми, здруженија и партии кои со својата позитивна мисла и љубов кон татковината се спремни со идеи и личен несебичен ангажман да се спротивстават на ова зло кое што не снајде, сѐ со цел за враќање на демократијата и опстанок на нашата Република Македонија.
РеволуционерМк: Прочистувањето на избирачкиот список отвори повеќе прашања и донесе многу контроверзии. Наспроти првичните најави, бројот на гласачи кои ДИК ќе ги проверува на терен се сведе на само 89.000. Се чини дека СДСМ не е премногу среќен од ваквиот исход?
Сугарески: Она што сите изминати години СДСМ го тврдеше, дека Избирачкиот список не е прочистен, го потврди ДИК со тоа што, не само овие 89.000 за кои треба да се изврши теренска проверка, туку дополнително преку административна проверка, од страна на МВР и Управа за матична евиденција треба да се проверат преку 120.000 лица. Така да, она што и пред носењето на одлуката за распуштање на Парламентот го тврдевме, дека не е прочистен Избирачкиот список, ДИК со својата одлука го потврди дека постојат спорни записи на гласачи.
РеволуционерМк: Што со оние 124.000 гласачи за кои се претпоставува дека се иселени во странство? Која е гаранцијата дека нивните идентитети нема да бидат злоупотребени за време на процесот на гласање?
Сугарески: Кога се носеше одлуката, дека овие 124.000 не треба да бидат проверени, членовите на ДИК предложени од СДСМ не учествуваа во нејзиното носење и ја напуштија седницата. Меѓутоа ние постојано инсистираме дека овие 124.000 лица мора да бидат проверени и она што беше презентирано изминатите денови, очигледно е дека во ДИК се вршат дополнителни консултации за проверка на овие 124.000 лица.
РеволуционерМк: Собранието е еден од полигоните каде битката помеѓу власта и опозицијата добива на жестина. Поради недоаѓањето на Катица Јанева, Влатко Ѓорчев ги закажува и одлага седниците на Комисијата за политички систем, а Вие како координатор на пратеничката група на СДСМ најавивте дека нема да присуствувате на следните седници. Каде го гледате излезот од оваа папазјанија?
Сугарески: Пратеничката група на СДСМ и коалиционите партнери, со 31 глас дадоа поддршка да се формира СЈО и да се изврши избор на Катица Јанева за Специјален јавен обвинител. На тој начин сметаме дека СЈО, како независен орган, треба да си ја врши својата работа за којашто е избран.
Она што се случува на Комисијата за политички систем е класичен циркус и театар во презентација на ВМРО ДПМНЕ, очигледно со цел овој Извештај никогаш да не биде разгледуван од страна на Собранието на РМ. Да потсетам, точката на дневен ред за пленарна седница е ставена пред десетина дена, а на Комисијата за политички систем, точката за Извештајот на СЈО не е утврдена. Се согласувам со Вас, дека ова е класична папазјанија и бегање од разгледувањето на Извештајот од страна на ВМРО ДПМНЕ, а за кој ние имаме многу што да кажеме.
РеволуционерМк: Дали во овој случај, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, Јанева го крши Уставот, или пак како што тврдите вие, Ѓорчев не го почитува Деловникот за работа?
Сугарески: Господинот Ѓорчев најпрво треба да го утврди дневниот ред по Извештајот и потоа треба да се премине на негово разгледување. Само за потсетување, Извештај на Јавен обвинител не е разгледуван во ова Собрание од 2005-та година.
РеволуционерМк: Што е тоа што го содржи Извештајот на СЈО, а што предизвикува видна нервоза и загриженост кај раководството на ВМРО-ДПМНЕ?
Сугарески: СЈО е независен орган, кој како што вели Законот, треба да достави Извештај за неговото работење до Советот за обвинители и до Собранието на Република Македонија. Претпоставувам дека нервозата која е видно изразена кај ВМРО ДПМНЕ е заради тоа што во истрагите од СЈО опфатени се лица кои се од врхушката на ВМРО ДПМНЕ и на секој можен начин ја опструираат работата на СЈО. Тоа го прават и многу државни институции на Република Македонија. СЈО, како што и претходно кажав, треба да се остави, потенцирам, како независно избран орган од сите парламентарни партии во Собранието со огромно мнозинство на пратеници, да ја работи својата работа.
РеволуционерМк: Зошто опозицијата не реагира на однесувањето на екс премиерот Груевски, кој од позиција на претседател на партија поставува камен темелници, сече ленти, ветува проекти кои се надвор од неговите ингеренции? Според правните експерти, во сето тоа постојат елементи на повеќе кривични дела?
Сугарески: Во безброј случаи, не само во Парламентот, туку и на многубројните прес -конференции на СДСМ, се укажува дека Никола Груевски во моментов е претседател на ВМРО ДПМНЕ, а не и премиер и дека оваа држава има друг премиер. Тоа, да не заборавиме, беше еден од условите за организирање на фер и демократски избори, покрај целосното прочистување на Избирачкиот список, регулацијата на медиумите и одвојување на партијата од државата. Околу тоа какви кривични дела се прават со неговото постапување, треба да го утврдат државните органи.
РеволуционерМк: После сето ова што го кажавте, сметате ли дека државата, односно државните институции, имаат капацитет да обезбедат услови за да на 5. јуни во Македонија се одржат кредибилни избори?
Сугарески: За нас како партија од исклучително значење е што побрзо завршување на изборниот процес, од едноставна причина што секој ден повеќе поминат со власта на ДПМНЕ расте опасноста од губењето на државноста. Било преку нејзина политичка, било преку сѐ поизвесното економско пропаѓање. И самите сте сведоци на енормното задолжување кое сѐ почесто го прави оваа власт и кое е изразено во милиони евра, како и на сѐ поголемата опасност од предизвикување на политичко безбедносна криза за што со партијата на власт имаме лошо искуство од не така далечното минато, кога со крајни напори и со помош на пријателите на Македонија, успеавме да ја спасиме државата.
После сите информации кои излегоа на виделина за тоа какви сѐ криминални методи биле спремни да преземат за да ја зачувуваат власта, како и долгогодишното практикување на тие методи и доведување на процесите на криминално организирање на избори до ниво на совршенство, многу претпазливо приоѓаме кон одлуката за прифаќање на било кој датум за одржување на избори. Најпрвин сакаме да решиме голем дел од отворените прашања поврзани со регуларното одржување на изборите, како што е прашањето за целосното прочистување на Избирачкиот список и регулацијата на медиумите. Со нивното решавање, секој датум е прифатлив за нас, бидејќи СДСМ е подготвен за избори.
РеволуционерМк: Најголемите надежи за промена на власта граѓаните ги полагаат во Специјалното јавно обвинителство и во лидерот на опозицијата Зоран Заев. Од друга страна, општ е впечатокот дека нефункционирањето на дел од општинските организации, меѓу кои е и Вашата матична, прилепската, се најслабата алка во партиската машинерија. Во тој контекст, прави ли нешто СДСМ во насока на зајакнување на сопствените капацитети?
Сугарески: Во овој момент на тотално искривување на вистината од страна на власта претставена од ДПМНЕ, не е можно здраворазумско логично објаснување на настаните без да се преземе ризикот од тотално погрешни предвидувања за развој на настаните. Разумот вели дека имаме Специјално обвинителство формирано врз база на изнесените информации за криминалното работење на власта преку бомбите изнесени во јавноста од страна на нашиот лидер Зоран Заев. Потсвеста пак опоменува дека оваа власт неразумно оди кон тоа да го компромитира претходно прифатеното и од нив и од Парламентот изгласано Специјално обвинителство, до таму што не е вон памет да помислиме дека како крајна мерка ќе го искористат Уставниот суд за укинување на истото. Она што е охрабрувачко, е дека и покрај големите опструкции СЈО опстојува на патот кон расчистување и обезбедување докази за направениот криминал, како и тоа што партијата предводена од нашиот лидер никогаш нема да се повлече од зацртаниот план да ја промени оваа компромитирана власт на ДПМНЕ и заедно со другите прогресивни сили ја поведе државата напред кон подобро утре.
Терминот партиска = државна машинерија, ќе ми дозволите да им го оставам на трајно користење на партијата ДПМНЕ и на нивниот лидер кој е задолжен за ставање во погон на истата преку уцени со губење на работни места, поткупувања со пари и ветувања на функции. За разлика од нив и нивниот начин на опстојување, за кој историјата покажала дека на крајот пукнува како пренадуен балон, ние немаме потреба нашите членови да ги анимираме дополнително. Тие се свесни за кризата во која живеат и за потребата од давање личен придонес како патриотски чин кон опстојување на државата. Заедно со другите прогресивни сили тие се вклучуваат кон фронтот во масовен број, што ќе доведе до пад на оваа ненародна власт пред тоа да биде предоцна. Реков предоцна, затоа што веќе и сега е доцна. Прилепската општинска организација на СДСМ не е исклучок од ова правило и слободно можам да кажам предничи во процесот.
РеволуционерМк: Вие бевте дел од собранискиот состав и во оној 24. декември 2012 година, кога според многумина, демократијата во Македонија беше дефинитивно погребана. После настаните од „црниот понеделник“, каков е денес амбиентот за работа во највисокиот законодавен дом?
Сугарески: Собранието на Република Македонија според начелата на своето формирање е замислено како законодавен дом во кој ќе се носат закони кои треба да бидат почитувани од било која тековна Влада. За моја а и за голема жал на многу мои колеги пратеници, Собранието на РМ е претворено во маша на извршната власт и служи како гласачка машинерија за изгласување на законите напишани во кабинетите на Владата на ДПМНЕ. Зарем за некого е етички и нормално донесувањето на огромен број закони без расправа и без присуство на опозиција во било која држава која претендира да биде демократска? Однесувањето на власта на тој црн ден за демократијата беше врв на нивната самобендисаност и ароганција, но може да се смета и како почеток на нивниот крај. Ќе си дозволам да кажам колку и неприродно тоа да звучи, дека тој ден носи и нешто добро во себе: тоа е денот кога ДПМНЕ на најдрзок начин го покажа своето вистинско недемократско лице, денот кога паднаа маските зад кои до тогаш успеваа да се затскријат. И, замислете, тоа го направија истите оние кои тропаа со тенџериња во некои од претходните парламентарни состави, кои рецитираа поезија како дел од амандманска расправа и на кои сето тоа, и покрај бизарноста, им беше овозможено како демократско право согласно деловникот за работа на Собранието. Освен што заради доброто на нашата држава повторно сме вратени во пратеничките столчиња и се обидуваме да придонесеме кон демократските процеси, малку од работите се суштински променети.