Интервју на заменикот министер за финансии и претседател на Комисија за финансии на СДСМ, Кире Наумов за Радио Слободна Европа
Радио Слободна Европа: Господине Наумов, ги слуша ли, ги прифаќа ли вашите сугестии министерот за финансии?
Наумов: Во принцип прашањето можеби е на место, онака како што гледате вие, но далеку од тоа дека ги прифаќа и ги слуша. Ако го правевме тоа немаше да стигнеме до оваа состојба во којашто за првпат многу брзо после формирањето на владата во која влеговме ние, јас како дополнителен заменик министер, немаше да стигнеме до вето, односно до онаа ситуација во којшто имавме несогласување околу тоа како треба да продолжи задолжувањето на домашниот пазар. Мислам дека на почетокот кога говоревме околу еврообврзницата која на некој начин ја договаравме, да речам договаравме, и успеав да го убедам дека не се потребни 500 милиони евра, после тоа далеку дека ги прифаќа моите сугестии. Кога зборуваме како економисти се разбираме, но потоа кога политиката, односно притисокот којшто мислам дека го има самиот министер во тоа дека мора да ги исполни сите желби кои владата или премиерот ги прави, а тие се такви какви што се, од таа причина сме во состојба во којашто секоја недела го зголемуваме долгот на домашниот пазар без согласност на дополнителниот заменик министер. Во последниот период имаме и многу послаба комуникација и да речеме една конфликта ситуација, пред сè на оваа точка, но и на други.
Радио Слободна Европа: Владата и натаму продолжува со задолжувањата. Повторно ли постоеше опасност јавните финансии да крахираат или немаше потреба од нови задолжувања?
Наумов: Кога размислувал министерот, па и гувернерот економски, кога ги согледале бројките било дека еврообрзницата е доволна да го покрие дефицитот, барем во првите шест месеци. Наеднаш после тоа, кога биле испорачани барањата коишто се секогаш такви од страна на оваа влада во месеците пред изборите доаѓа до тоа дека ние треба да правиме сè поголеми и поголеми задолжувања на домашниот пазар. Драматично е она што се случува сега, значи имаме само во првите две недели во јануари со 28 милиони евра е направено екстра ново задолжување, тоа е темпо со кое само во првите две недели веќе 10 проценти од дефицитот планиран за цела година е позајмен од домашните инвеститори. Тоа е страшно темпо и бројките покажуваат дека долгот ќе расте ако оваа влада не се смени, дека тој ќе расте и нè носи во дефинитивно должничко ропство
Радио Слободна Европа: Тогаш за што се потребни овие средства?
Наумов: Единствено објаснување за што ќе се трошат овие средства е дека следува предизборен период. Ако ги видите бројките во сите изборни години во првите три до четири месеци се истураат парите во трансфери, плаќања кон компании и слично што покажува класична изборна корупција и во првите месеци се испумпува некаде од 60 до 70 проценти од целиот дефицит. Тоа покажува дека ваквото задолжување има за единствена цел, а тоа е како да влијаат врз изборите.
Радио Слободна Европа: Најдовте ли досега докази за трошење на јавните средства за изборна корупција?
Наумов: Доказите може да ги најдете во другите министерства, немој да ги барате во Министерството за финансии. Министерството за финансии го прави трансферот на средствата, налозите доаѓаат од другите министерства и од таа причини ние ги баравме и ги имаме тие места Министерство за труд и социјала, за земјоделство и слично кадешто отприлика веќе излегуваат документи со коишто се кажува дека постои криминал. Кога ќе кажеме изборна корупција тоа не значи дека во Министерството за финансии ќе најдете документ со кој се кажува дека на тие и тие гласачи сте им платиле за нешто. Но самиот факт дека пред избори ги одложувате своите плаќања, и потоа им кажувате отворено на компаниите и оние кои треба да ги добијат своите трансфери од средства по било кој основ дека исплатите треба да ги добијат своите трансфери од средства им кажувате дека исплатите ќе следуваат во февруари, март, април точно пред изборниот период , тоа е де факто корумпирање на гласачкото тело. Конкретен документ можеби не можете да најдете, но самото тоа, тоа што им го објаснувам и на странските инвеститори, банки, банакри, Светска банка и слично е дека тоа е начинот како го темпирате исплаќањето со кое што потоа, го имавме и во Вистината за Македонија, слушнавме, како луѓето се уценувани да гласаат.
Радио Слободна Европа: Која е поентата на вашето учество во Владата во претстојниот месец кога веќе најавивте дека ќе ги бојкотирате изборите?
Наумов: Ние остануваме дека одиме на избори само доколку тие се фер. Заклучено е и ние нема да ја промениме таа одлука, на 24 април тие не можат да бидат тоа. Остануваме затоа што одлуката за 24 април може да се промени во наредниот месец или до 24 февруари. Не даваме ни на еден начин, кој било, односно Груевски каже дека пропаѓа Договорот од Пржино заради Социјалдемократскиот сојуз, ќе продолжиме да работиме со ова, ќе продолжиме и јас во Министерството во финансии, колегите во другите министерства, да се обидеме во овој период сопреме што било што значи влијание на изборниот процес, но дефинитивно одлуката за тоа дали ќе одиме на избори е да се одложат, односно тие да не се одржат на 24 април, како што е сега одлуката. Се надевам дека таква одлука ќе има и дека ќе учествуваме на некои избори подоцна после 24 април.