fbpx

Интервју на претседателот Заев за Капитал

Facebook
Twitter
LinkedIn

Интервју на претседателот на СДСМ, Зоран Заев за Капитал

Капитал: И во одредени опозициски кругови ве критикуваат дека сте ја изгубиле ударната сила од периодот кога ги презентиравте „бомбите“. Кога би можеле, би вратиле ли некој од потезите што ги повлековте досега, почнувајќи од преговорите што резултираа со Договорот од Пржино?

Заев: Ударната сила на проектот Вистината за Македонија беше вистината. Сите ние како граѓани ја знаевме вистината, го имавме на своја кожа почувствувано суровото, расипничко, криминално и корупциско владеење на Никола Груевски со коешто одзеде 10 години живот на граѓаните на Македонија. Но, Вистината за Македонија го соголи Груевски од сите негови маски, тоа беше најголемиот удар што можеше да му се нанесе на виртуелниот добротвор и патриот Груевски, за кого пропагандата и медиумите под негова контрола ја лажеа и ја лажат јавноста.

Во реалноста постоел само еден Груевски, распослан на милионски парцели на Водно, во неколку станови низ Скопје, кој се вози во мерцедес од 600.000 евра пари на граѓаните, со наочари од 60.000 евра. Премиер на кого на крај памет не му се граѓаните, кого го интересираат само бизнисите по рајските земји што ги водел со неговиот братучед Мијалков за интересите на нивната фамилија, кој без грам совест секојдневно со кумот Ставрески ги задолжува сегашните и идните генерации, кој ужива додека луѓето патат, се смее додека руши милионски инвестиции, кој нема мерка кога треба да ги задоволи сопствените апетити и сѐ тоа користејки ги граѓаните, нивните пари, нивните права, нивните земјишта, нивните работни места, социјална помош, пензии, нивниот живот.

И имате право за јачината на ударната сила на оваа Вистина којашто го раздрма Груевски, но уште поважно, го сруши до темел виртуелиот свет во којшто ги држеше во заложништво граѓаните. Но, има нешто позитивно и во сето ова, се создаде простор за обнова на институциите и државата. По секоја бура следува време на стабилизација. По Вистината за Македонија, се насочивме кон стабилни чекори со коишто внимателно, посветено работиме кон нормализација на состојбите во Македонија што е незапирлив процес. Не е важно што е во интерес на СДСМ, важно е што е во интерес на граѓаните на Македонија. Тоа се кристално чисти предизборен и изборен процес и од оваа цел отстапки нема да има. По ударната сила на вистината, доаѓа ударната сила на правдата. Затоа, не, ништо не би сменил во нашите политики кои имаат искрени намери и гледам дека граѓаните тоа го препознаваат.

Сакал Никола Груевски или не, тој е тој кој ќе биде сменет, колку и да се обидува да ја одолговлекува реализацијата на Договорот од Пржино. Следните избори во Македонија ќе бидат слободни и демократски и на нив ќе победат Социјалдемократскиот сојуз со коалициските партнери и граѓаните на Република Македонија. А оваа 2015 година ќе остане добра поука и за Груевски и за неговата фамилија и за сите кои ќе помислат да владеат како него, дека вистината е шило од кое никој не успеал да побегне.

Капитал: Во Владата сега имате министри и заменици министри. Колку реално можете да влијаете врз предизборното трошење од буџетот, бидејќи во изминатиов период власта секојдневно објавува разни мерки, субвенции, ослободувања за одредени групи на граѓани, кои имаат сериозни фискални ефекти?

Заев: Груевски не знае на друг начин да владее, освен да троши милиони евра пари на граѓаните за лични, партиски, предизборни цели. Преку проектот Вистината за Македонија граѓаните слушнаа лично од кумот на Груевски, министер за финансии Ставрески, како се фали дека „ќе истурел“ 200 милиони евра пред избори. Тоа е вистината, Груевски победува на избори на криминален начин. Злоупотребува пари на граѓаните што им следуваат по закон, за субвенции, плати, пензии, социјална помош, што не смее да го прави.  Истото сценарио  се обидува сега да го повтори. Да, имате право, секој ден се расфрла со по неколку милиони евра. Јавноста треба да знае дека најголем дел од тие најави не се планирани во Буџетот за 2016 година, ги немаше во експозето на Ставрески при неговото усвојување и декафинансиските последици од овие предизборни манипулации на Груевски се огромни.

Тие средства Груевски и Ставрески не можат да ги обезбедат на ниеден друг начин, освен со нови и нови задолжувања, што го прават сите изминати години на власт.Дополнителните заменици министри од СДСМ, кои имаат контролна функција, веќе обелоденија докази за незаконски постапувања. Спречивме нови 300 милиони евра задолжувања, што ќе беа на товар на идните генерации, а Груевски ќе ги употребеше за неговите предизборни цели. Во престојниот период целосно ќе го разобличиме расипничкото владеење на Груевски.

И казната за Груевски ќе стигне од граѓаните, од оние над 500.000 граѓани кои поради расипничките чолокадо-политики на братучедско – кумската власт живеат под прагот на сиромаштија, од оние над 180.000 граѓани живеат со по 40 денари на ден, од народот што тој го потцени. Бидете убедени, заедно со граѓаните си ја враќаме државата и што и да се обидува да направи Груевски во последните денови на власт, ова е неговиот крај.

Капитал: Реално ли е да се очекува дека Специјалното обвинителство ќе поднесе обвиненија со таква тежина што клучно ќе ги определат околностите под кои ќе се оди на следните избори?

Заев: Специјалното обвинителство е професионален, самостоен орган и да оставиме да си ја заврши работата околу расчиствувањето на скандалот со нелегалното прислушување и делата што произлегуваат од него. Не станува збор за тоа дали исходот од потенцијалните истраги ќе ги определи околностите за избори. Насушна потреба за граѓаните и за Република Македонија е правдата да ја види светлината на денот. Тоа само ќе отвори пат за нормализација на институциите и на државата и за враќање на Македонија на демократскиот колосек и европскиот пат. Од она што го знам од материјалите, има неколку чисти случаи со конкретни докази за злоупотреби од страна на власта, што мислам дека може да резултира со обвиненија во скоро време. Гледате власта се обидува да ја кочи работата на Специјалното јавно обвинителство со одбивањето на Законот за јавнообвинителска дејност, неопходен за уредување на правата, должностите, одговорностите, платите на лицата вработени во јавнообвинителската служба, затоа што се плашат од расчистување на скандалите. Некој можеби ќе рече дека сум непоправлив оптимист, но сѐ што досега реков и најавив се случи и тоа ми дава за право да верувам дека таму каде што е вистината, таму е и правдата и од тоа назад нема.

Капитал: Што очекувате од случаите Пуч и Поткуп? Едниот сега е во надлежност на Катица Јанева, а другиот не.

Заев: Да, Пуч е веќе во надлежност на Специјалното јавно обвинителство. Очекувам оваа институција да ја врати надежта во правдата во Македонија. Јас за овој предмет не очекувам да падне или да се повлече, туку да се отвори до крај. Ќе се потврди апсурдноста на овој монтиран случај што за јавноста веќе е јасна. Во врска со вториот монтиран случај против мене, поднесов кривична пријава против јавниот обвинител кој го води процесот, Владо Милошески и судијата во предистражната постапка. Во прилог на кривичната пријава се докази за неовластено следење на комуникациите на Зоран Заев и во овој случај, така што очекувам и овој случај да го превземе Специјалното јавно обвинителство.

Капитал: Теоретски шанси сеуште има, но со оглед на досегашните проблеми со имплементацијата на Договорот од Пржино, какви се реалните можности до 24 април да се постигнат условите за фер избори?

Заев: И самите гледате дека Груевски и неговите соработници од петни жили се напнуваат да ги одложат сите зацртани рокови со Договорот од Пржино. Медиумите сеуште не се затворено прашање, а требаше да бидат до крајот на август. Пробиени се роковите за почеток на работа на Државната изборна комисија, за прочистувањето на Избирачкиот список. Доверлив изборачки список во којшто ќе веруваат сите граѓани е услов број еден за регуларно гласање. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги добивале изборите во криминален систем што сега е пробиен и тие се тие кои сега го доведуваат во прашање одржувањето на изборите на 24 април. Но што и да се обидува да направи Груевски, нема бегање од Договорот од Пржино! Уште еднаш укажувам, опција за Република Македонија се само кристално чисти избори. Во залог е иднината на граѓаните и на државата и потенцирам дека Социјалдемократскиот сојуз е подготвен за постигнување на оваа цел. Уште едни криминални избори во Македонија нема да се случат.

Капитал: Која е крајната точка или рок, од која СДСМ ќе смета дека веќе не може да се очекува оти на 24 април ќе има фер избори?

Заев: Сите рокови се длабоко пробиени, тоа не е став на СДСМ, тоа го знае целата јавност во Македонија, тоа е јасно и за меѓународната заедница. Никола Груевски е исплашен од избори, не сака избори. Груевски не сака да има избори затоа што на тие избори ќе го добие тоа што го најавуваше, соочување со народот, а тој народ веќе го испраќа во историјата.

Капитал: Велите, договор поради договор не е опција. Што доколку вие оцените дека нема услови за фер избори на 24 април, а меѓународната заедница смета дека рокот за изборите договорен во Пржино мора да се испочитува?

Заев: Еве ќе повторам, само кристално чисти избори се опција за Република Македонија.

Капитал: Што ќе значи, односно, како ќе се одвиваат работите понатаму ако изборите не се одржат во рокот (24 април)?

Заев: СДСМ заедно со коалициските партнери се подготвува за чист изборен процес на којшто ќе биде изразена слободната волја на граѓаните. Фокусирани сме на создавање услови за фер избори, однесувајки се грижливо кон својата земја. Но никој да не се лаже дека ќе дозволиме да се изиграат граѓаните. СДСМ е подготвена за заштита на интересите на граѓаните и на државата. Јас се надевам дека сите ќе се надминат себеси за доброто на Република Македонија.

Капитал: Играат ли улога геополитичките околности – како бегалската криза, или спорот со името што го имаме со Грција, во овој внатрешно-политички процес што треба да доживее катарза со изборите напролет?

Заев: Бегалската криза е сериозно прашање што не ја засега само Македонија, туку и регионот и Европската унија. Поради тоа, според информациите што ги имам, МВР постапува во координација со надлежните органи во земјите од соседството и земјите од ЕУ, со цел менаџирање на кризата на начин што ќе обезбеди хуман третман на бегалците, а нема да ги загрози интересите на граѓаните на земјите. Околу спорот за името, што се случува најдобро знае Никола Груевски. Ние како опозиција, повеќе пати сме кажале дека немаме информации околу преговарачкиот процес. Од проектот Вистината за Македонија слушнавме дека Груевски договара, преговара зад грбот на јавноста. Социјалдемократскиот сојуз ниту е вклучен во вакви заткулисни договарања, ниту ќе биде вклучен.

Капитал: Еден од основните постулати на програмата на СДСМ е враќање на средната класа. Зошто сте убедени дека прогресивното оданочување е вистинскиот чекор што ќе ја намали нееднаквоста?

Заев: Денес за жал Македонија е претворена во земја на огромно мнозинство осиромашени граѓани и на мала богата група на власт. Ова е резултат на политиките на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ кои имаа за цел да го осиромашат народот, затоа што знаат дека со гладен народ полесно се владее. Ставаме крај на ова неправда. Сиромашните граѓани ќе плаќаат помалку данок. Богатите ќе плаќаат повеќе. Ова е една од мерките со којашто ќе влијаеме на намалување на нееднаквоста во општеството. Станува збор за цел еден системски пристап преку којшто ќе ја постигнеме оваа цел. Досега ниту една реформа во Македонија немаше за цел корекција на нееднаквоста, затоа што тоа и одговараше на богаташката фамилија на Груевски. Нашата цел е да ја вратиме бројната стабилна и спокојна средна класа. Таму каде што граѓаните се финасиски стабилни, таму е можна слобода и демократија. Од друга страна, само слободни граѓани можат да носат одлуки во нивен интерес, а не во интерес на власт, партии или слично. Цврсто сме одлучни да обезбедиме еднаквост во Македонија и знаеме како да го постигнеме тоа.

Капитал: Еден од столбовите на вашата програма е градење на одговорна власт. Дали, според Вас, е можно некоја власт да биде одговорна без да се напушти принципот на партизација на институциите, кој владее премногу долго во Македонија? Како тоа, според Вас, може да се случи?

Заев: Едноставно е. Главен критериум за вработување нема да биде партиската книшка, туку стручностаи работното искуство. Ова е една од мерките со којашто ќе се обидеме да ги вратиме заминатите граѓани од Македонија и да спречиме натамошни заминувања. Знаете дека бројката на иселени од Македонија во потрага по подобар живот достигна 626.312 граѓани. Останавме земја без луѓе! Мора нешто да се смени. Нашата цел е државата и институциите да ги вратиме во владение на граѓаните.

Капитал: Според некои неофицијални проценки јавната администрација во Македонија надминува 170 илјади вработени. Што планирате да направите за намалување на превработеноста, партизираноста и неефикасноста на јавната администрација, за која секојдневно сведочат граѓаните и фирмите?

Заев: Многу конкретно ќе ви одговорам. Нема да има бркања од работа. Каде што има превработеност ќе има реорганизација, по претходно направени анализи. Ќе ја зголемиме ефективноста и ефикасноста на јавната администрација.

Капитал: Како, според Вас, Македонија може да дојде до стапки на економски раст од над 5%-6%? Кои се мерките со кои приватниот бизнис може да ја повлече економијата, наместо државата да биде таа што го крева растот – политика што досега беше доминантна?

Заев: Ние сме фокусирани на развој на економијата чијшто двигател ќе бидат пред сѐ домашните претпријатија. За таа цел ќе овозможиме голема државна поддршка за домашните претпријатија, пред сѐ на малите и средните претпријатија, што ќе изнесува од 20 до 50 милиони евра. Овие средства ќе бидат дополнети со надворешни кредитни линии, како на пример од Европската инвестициона банка и ќе бидат насочени кон започнување нови бизниси, поврзување на домашни со странски инвеститори, поддршка на извозот, иновации на технологии од странство. Еве уште една мерка во таа насока. Ќе креираме деловни старт-ап центри во сите поголеми општини, за повеќе нови компании, во коишто државата ќе обезбеди деловен простор, заеднички служби, сметководство, коишто ќе бидат бесплатни за учесниците во центарот. Гледате сега што се случува.

Од политиките на виртуелни странски инвестиции на Никола Груевски и Зоран Ставрески над 10.000 домашни фирми се затворени, секоја трета е со блокирана сметка. За Груевски домашните претпријатија служат само за полнење на Буџетот преку даноци и казни и доказ за тоа е предвидената мизерна државна помош што им ја дава. Замислеле, 123 денари по претпријатие, годишно! Наш приоритет ќе биде развојот на домашните претпријатија. Развиените домашни претпријатија ќе отворат и реални работни места со пристојни приходи за граѓаните. Ова е една алка во системот мерки со коишто ќе постигнеме стабилен и реален економски раст, за финанскиски стабилни граѓани и семејства. Штом тоа се постигне и државата ќе биде економски стабилна.

Капитал: Една од мерките што ја најавувате е сите оф-шор компании во Македонија да ги соопштат нивните сопственици. Колку е ова сериозен проблем за Македонија? И кога сме на ова прашање, имате ли некаков став за амнестија на капиталот, по примерот на повеќе земји што ја воведоа оваа мерка за да ги вратат назад парите кои се одлеани од земјата?

Заев: Колку е сериозен проблемот со оф шор компаниите во Македонија покажаа сериозните докази што водат до рајските земји, Панама, Лугано – Швајцарија, Белизе, од каде што потекнуваат бизнисите на братучедската двојка Груевски – Мијалков. Видовме докази и слушнавме што сѐ тие правеле и од каква помош била кумската врска со Ставрески. Па сетете се кои фирми ги добивале најубавите и најскапите плацеви во Скопје, на Водно, за што лично се заложувал Никола Груевски. Затоа, нема логика за никаква амнестија на тие кои со години ги пљачкосувале граѓаните и државата. Криминалците ќе одговараат, а парите ќе мора да им ги вратат на граѓаните.

 

Последни вести