fbpx

Колумна на Перо Костадинов: ЗАЕДНИЧКИ И ОДГОВОРНО ЗА ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА

Facebook
Twitter
LinkedIn

ЗАЕДНИЧКИ И ОДГОВОРНО ЗА ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА

Со оглед на тоа што популацијата во светот се зголемува, прогресивен е и трендот на регулирани и нерегулирани (диви депонии) локации на кои се депонира отпад и претставуваат потенцијални места од каде може да има негативно влијание врз животната средина, преку воздухот, подземните и површинските води и почвата. Како граѓани честопати сме неодговорни кон сопствената околина и го загрозуваме сопствениот животен простор, фрлајќи го отпадот неконтролирано, на несоодветни места.

Зелените движења, не се нова појава, но во последните години го привлекуваат вниманието на се поголем број граѓани кои демонстрираат одговорност и бунтовност по прашања за екологијата. Еколошката свест, како вредносен концепт според кој еден човек живее, нѐ поттикнува на размислување во склад со природата и нѐ охрабрува на акција за заштита на животната средина.

До сега, кај нас а и во поголем дел од земјите на Балканскиот полуостров, животната средина се третира како споредна или помалку важна тема за која се вложува многу малку. Најголемата поддршка со проекти за истражување, заштита и унапредување на животната средина доаѓа од странски, приватни или државни институции и фондации. Според еколошките проблеми со кои се соочуваме, како и според ефектите од климатските промени кои надоаѓаат, како држава немаме друга опција освен водење на зелена политика.

Позитивни примери во оваа сфера постојат во светот и се патоказот по кој треба да се движиме и ние. Со 18-годишно искуство, островот Крк е хрватски пионер во одделното собирање отпад. Тој има достигнато високи 60 отсто, со цел да достигне 70 до 75 отсто, што ќе му овозможи што помалку од преостанатиот мешан комунален отпад и целосна економска независност на процесот. Ми претставува особено задоволство што како локална заедница, воспоставивме соработка со општина Крк и нивното претпријатие Пониква. Искуството кои го имаат е одлична можност за нас, да учиме од најдобрите и да имплементираме идеален систем дома. За да го постигнеме нивниот успех потребна е посветеност и темелност. Предизвикот е голем но истиот е благороден, импонира и нѐ охрабрува. Се разбира, за процесот да биде успешен, неопходно е да ги вклучиме сите општествени чинители, да обезбедиме целосна инклузивност и да го ослободиме од прангите на политиката и бизнисот. Да креираме сеопшта граѓанска цел и идеја, која секој еден човек ја чувствува за своја. Свеста за природата и чистата животна околина потребно е да ја развиваме од најмали години. Кон тоа потребно е да се вклучат градинките, училиштата, медиумите, невладините, па дури и религиозните организации. Отворено да разговараме за селектирање на отпадот како наш потенцијал, за значењето на тој процес за нашето здравје и за сомнежите околу него.

Несоодветното депонирање претставува еден од најголемите еколошки проблеми и остава големи последици за животната средина. Селекцијата и рециклирањето се најдобриот начин да се намали отпадот на депониите, да се помогне во заштитата на животната средина и да се направи значајна разлика кон подобро. Процесот можеме да го спроведеме на неколку начини. Основен предуслов на рециклирањето е сортирањето според видот на материјалот од кој е направен. Низ сите населени места да поставиме корпи за селектирање на најразличен отпад. Важни се и машините за рециклирање, во кои може да се вметне отпад за рециклирање и за возврат да се добие одреден паричен надомест. Тие средства може да поттикнат на посветено селектирање, да ја засадат одговорноста кај индивидуите, како и да ја зајакнат солидарната компонента во заедницата. Овој процес може да биде поврзан со добротворни цели и бенефитот да е повеќекратен. Освен што помагаме за зачувување на околината, им помагаме и на оние на кои тоа им е најпотребно.

Правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско право. Нема економија без одржливост и нема здравје без чиста околина. Ова ќе ни биде најголемиот предизвик наредниот период. Чиста, здрава и добро зачувана средина како поддршка на одржлива економија и општество, во кое живеат задоволни граѓани. Неопходен ни е социјален, еколошки и економски напредок кој носи благосостојба и правда за сите граѓани, но воедно и создава вредности за идните генерации.

Последни вести