Соопштение за јавност
Криминалните политики што ВМРО-ДПМНЕ 11 години ги спроведуваше резултираа со уништено зеленило и енормно загадување на воздухот, последици што и денес се чувствуваат.
Покрај уништувањето на зеленилото, заради криминални интереси ВМРО-ДПМНЕ ја укина евтината тарифа на струјата, а цената на електричната енергија за зголеми за 100 отсто, со што илјадници домаќинства мораа да се префрлат на поевтин и нееколошки начин на затополување.
Директните виновници за спроведување на овие погубни политики се раководството на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски како советник за енергетика на Груевски и прв човек на АД ЕЛЕМ кои директно влијаеа на порастот на загадувањето.
Наспроти таквиот однос кон граѓаните и животната средина, Владата предводена од СДСМ заедно со сите надлежни институции, спроведува мерки што имаат за цел да стават крај на проблемот со загадувањето.
Интензивно се работи на капиталниот проект за гасификација на државата.
Изработени се основни и идејни проекти за поставување секундарна гасоводна мрежа во неколку градови како Тетово, Охрид, Свети Николе, Прилеп, Кавадарци, а во завршна фаза е 36 километарската делница на гасоводот Неготино-Штип. Се работи и на поврзување на магистралниот гасовод од Неготино преку Кавадарци и Прилеп до Битола, во должина од 92 километри.
Истовремено, за 12 отсто се намалува цената за пренос на природен гас што значи пониски трошоци за компаниите кои го користат овој енергенс. Намалувањето на цената за пренос на гас позитивно ќе влијае на забрзување на процесот на гасификација на државата и ќе ги мотивира граѓаните да се приклучуваат на гасоводната мрежа, за помали трошоци и почист воздух.
Гасификацијата е врвен приоритет на Владата предводена од СДСМ, а за овој капитален проект, во 2019 се обезбедени дури 1,1 милијарда денари повеќе отколку во 2018 година.
Проблемот со загадувањето е сложен и долготраен, но Владата и сите институции се силно посветени на негово решавање и обезбедување здрава животна средина и чист воздух за сите граѓани
Скопје, 28.12.2018
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА