Прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ
Почитувани граѓани,
На повидок е голем скандал, за жал со трагични последици, кој директно и индиректно се поврзува со Белата палата и опозициската ДПМНЕ.
Скандал кој покажува дека на ДПМНЕ не им се важни човечките животи туку бизнисите и дека непочитувањето на законите е нивна одлика.
На 17 ноември, при ископ за изградба на нова зграда, на улица „Пиринска“ во Скопје загинал работник кој управувал со багер.
За оваа трагедија во којашто за жал е загубен човечки живот има поднесени кривични пријави за незаконско работење.
Градежната јама не била соодветно обезбедена, не биле преземени безбедни услови за работниците.
Загубен е човечки живот а прекршен е законот.
Одговорност за овој случај мора да има и затоа надлежна институција веќе има поднесено кривични пријави.
Очекуваме од страна на надлежното Јавно обвинителство целосно да се расчисти случајот и да понесат одговорност сите инволвирани.
Но, граѓаните треба да знаат дека во случајов станува збор за работник кој бил ангажиран за компанија на Ивица Георгиевски – Фреди.
Човек близок до ДПМНЕ и актуелниот потпретседател Александар Николовски.
Во дел од медиумите се објавени и информации дека наводно Николовски е ортак со Георгиевски.
Сега надлежните институции треба да испитаат и дали е точно дека ископот се вршел без одобрение за градба?
Почитувани граѓани,
Во оваа партија ништо се нема променето. Ова е доказ како работи ДПМНЕ.
За ДПМНЕ не е важен човековиот живот, не се важни работниците, само нивните бизниси.
Очекуваме Александар Николовски да излезе пред граѓаните и да се изјасни за овој скандал.