Обраќање на заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска,
Осмомартовски марш под мотото „Ти си ТАА промена – Заедно за Македонија!“
Охрид, 06.03.2016
Добар ден на сите пријателки, пријатели.
Добар ден на сите наши соборци со коишто пешачевме по многу улици, се боревме на многу фронтови.
Затоа сме денес овде. Затоа што ова е празникот на силните жени. Ова е празникот на силните жени кои ги гледаме секој ден околу нас, ги гледаме како се борат дома, ги гледаме како се борат на работа, ги гледаме како се борат за своето семејство, за својата општина и својата Македонија.
Ова е празник на силните жени какви што сакаме да бидеме и празник на силните жени какви што сакаме нашите ќерки да пораснат.
Затоа дозволете ми да ви го честитам овој 8-ми март, два дена порано и да порачам дека нашата борба продолжува, ние сме промените.
Промените не доаѓаат сами, и промените не доаѓаат лесно. Последниве 12 месеци покажавме уште еднаш дека промените се можни само ако сме подготвени за нив да се жртвуваме. А жените знаат да се жртвуваат, и се жртвуваат секој ден во годината, промените се можни само ако сме подготвени да се менуваме и себеси.
Тоа жените знаат да го прават, се менуваат во девојки, во жени, во мајки, во сопруги и во баби, и секој ден покажуваат дека заедно можеме повеќе, секој ден покажуваат дека семејството, заедницата и државата, ни важат и ни се важни заради тоа што само така можеме напред.
Покажавме дека оваа партија и овие луѓе, сакаат во Македонија да дојдат вистински промени и секој пат кога СДСМ е храбар, и Македонија е храбра.
Секој пат кога СДСМ ќе направи чекор напред, и Македонија оди напред.
Затоа горда сум што овие жени беа силата којашто направи во СДСМ да го зголемиме бројот на жени во секое ниво. Вашата борба во СДСМ и помогна на Македонија, и затоа сме горди што овие следни избори ќе бидат првите избори кои после 2002 година, на кои повторно ќе имаме нови дополнителни, повеќе жени на листите, за да се бориме за Македонија и во Собранието.
Почитувани пријателки,
Се надевам дека проверивте колку непознати луѓе стојат на вашата адреса. Се надевам дека проверивте колку доселени, фантоми или непознати се доселиле во нашето или ваше соседство.
Таа вистина, вистината која ја слушавме сите изминативе 12 и повеќе месеци, отвори очи на илјадници луѓе низ Македонија. Покажа не само дека го краделе буџетот, туку дека го краделе вашиот глас, земале од вашата слобода, посегнале по вашите права. И затоа ова се избори на кои ќе кажеме стоп. Ќе кажеме стоп на тоа едно семејство и една група, да бидат господари на животот секоја жена и маж во Македонија.
Доста е. Промени! Доста е. Ни треба нешто подобро!
Почитувани сограѓанки, почитувани сограѓани,
Во оваа битка успеавме заради храброста, во оваа битка успеавме заради истрајноста, успеавме заради заедништвото. Како што рекоа, оваа партија, овие луѓе, покажаа и сила да издржат и храброст да продолжат. Сега ни треба со нас да ги понесеме и сите оние кои знаат дека вака веќе неможе ама им треба уште едно, им треба уште храброст им треба уште сила за да видат дека силата е во секој од нас поединечно.
Затоа да тргнеме, заедно да зборуваме со еден глас, да ги повторуваме истите пораки за подобра Македонија, за Европска Македонија. Македонија во која никој веќе нема да се плаши.
Сите станаа жртви на еден режим, на еден човек и на една фамилија. Самите вие знаете дека луѓето и во власта беа жртви на таквото владеење. Ама жените во Македонија, три пати испаднаа жртви. Жртви како граѓани чии права се погазени, жртви како жени чии уставно загарантирани права едно по едно сакаат да ги погазат. И третиот пат како мајки и баби на деца кои секој ден заминуваат за да повеќе не се вратат.
Заедно сме да кажеме стоп!
Ти си таа промена!
Секој од нас е промената!
Сите ние сме Македонија!
И затоа сите ние ќе победиме!
Да живее Македонија!