fbpx

Богоев: Младите можат, младите ќе успеат!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Oбраќање на претседателот на СДММ и пратеник, Стефан Богоев на јавната трибина насловена „Младите можат! „Унапредување на состојбата на младите во Македонија преку суштински дијалог“

 

Благодарам до нашите пријатели од Албанија, Босна и Херцеговина , Србија, Шведска, особено до Евин Инчир, генерален секретар на Интернационалната унија на млади социјалисти (IUSY).

Благодарност до Прогрес институт за организацијата.

Ние, како СДММ сме и членка и членка основач на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и ние со таа идеја за Министерство за млади, подолго време сме ја дискутирале неформално во нашите кругови, но сега кога веќе е произлезена од НМСМ, целосно застануваме позади тоа.

Мора да бидеме свесни, да бидеме реални сите тука, чинители во креирањето на младинските политики дека тешки 10 години поминаа за РМ. Но, овие 10 години мора да се согласиме дека најтешки беа за младите.

Со 52 проценти младинска невработеност според Светска Банка сме рекордени во Европа и светски рамки. Со состојбата во студентските домови може да дојде Спилберг некој филм да снима или Леонардо Ди Каприо да го добие својот втор оскар, доколку глуми во некој хорор филм.

Како резултат на сето ова и како што укажува истражувањето на Прогрес, преку 70 проценти од младите сакаат да ја напуштат РМ, додека во изминативе години повеќе од 600 илјади млади ја напуштиле Македонија, првенствено млади, високо образовани кадри, во коишто државата особено преку образовниот процес инвестирала огромни средства, млади кои треба да бидат моторот, иднината на РМ.

Ако велиме во континуитет дека иднината на државата на младите останува а истите тие млади се гледаат себе во друга држава, тогаш значи дека имаме навистина сериозен проблем.

Тоа претходно и со Дона, во неформален разговор, пред трибинава го спомнавме. Во нареден период не треба многу да се концетрираме на колку млади ја напуштиле РМ, туку како да ја превенираме онаа сериозна бројка на млади, која најавува дека доколку остане иста ситуацијата во РМ планира да ја напушти државата.

Можеби за некој ќе звучи како политичка реклама или слично, но на крајот на денот, партиите и постојат за да ја кажат својата понуда, своите решенија.

Дозволете накратко, како резултат на проектот Визијата за Македонија, кадешто преку јавни дебати собравме мислења од граѓани, граѓански организации и заедно со нив ја направивме Програмата за претстојните избори. Клучно нешто, на што ние како СДММ инсистиравме да се најде во Програмата и партијата со огромно задоволство го прифати е младинската гаранција.
Младинската гаранција е добро познат проект, применета пракса во Западна Европа. На младиот човек по завршување на образованието, државата треба да му понуди 3 опции. Првата опција е да го вработи, втората опција да му најде практично дообучување во траење од 4 месеци каде или преку пракса или преку изучување на странски јазик/ компјутерски вештини младиот човек ќе стане поконкурентен на пазарот на трудот и третото е дообразување. Младиот човек ако дипломирал, државата да му помогне за магистерски студии, ако завршил само средно да му помогне да се запише на факултет. Но, клучната поента е младите по завршување на образованието да не седат дома.

Оние кои се економисти, подобро го знаат тоа, дека што подолго си невработен и седиш дома, тоа е потешко да најдеш работа, вештините застаруваат.

Најверојатно, еден од клучните фактори заради кој младите ја напуштиле или сакаат да ја напуштат РМ е немањето на соодветно работно место, извор на егзистенција, за градење на кариера, сопствен дом и семејство. Затоа силен акцент ставаме на отворање на бизнис центри за вработување на млади.

Ова се однесува на оние кои сакаат да започнат нешто сопствено. Иако, можеби звучи како клише, затоа што владејачката партија често збореше за “охрабри се, осмели се, направи го првиот чекор”, оваа мерка е поразлична од постоечкото решение. Се разботи за наградување на најдобрите 300-400 бизнис идеи годишно, со по 10 илјади евра неповратен грант.

И до сега, имаше некои буџетски средства кои ги нудеше државата, далеку помали, меѓутоа од тие средства ако млад човек основа бизнис, од тие средства треба да си најде канцелариска просторија, канцелариски мебел, опрема, треба да си најми сметководствена и книговодствена фирма, да си најде правник, претприемач кој ќе му го развива бизнисот.

Овој пат, тоа нема да треба да го бараат младите и нема да трошат од тие 10 илјади евра грант, за оваа потреба. Бидејќи во планираните 16 бизнис центри, по 2 во сите статистички региони на државата, младите кои ќе добијат 10 илјади евра за бизнис идеја, ќе добијат и просторија опремена со канцелариски мебел и опрема, и ќе добијат беспплатна правна поддршка, сметководствена поддршка и бесплатна поддршка и совет од претприемачки карактер, кој ќе има за цел правилно да ги насочи оние средства кои им се доделени од државата.

Дополнително, во тој бизнис центар ќе има вкрстување на бизнис идеи коишто се комплементарни. На пример, доколку Дона произведува посебен вид на вода и добива за тоа награда, а јас имам идеја и добивам награда за производство на еко амбалажи, за токму таква вода, а притоа не се познаваме, бизнис центарот има задача да не спои и наместо 10 илјади евра да бидеме партнери и да добиеме 20 илјади евра помош. Се надевам ќе се согласите, дека овие средства ќе завршат голема работа и се сериозна сума за започнување на бизнис, кој понатаму ќе расте и ќе вработува други млади луѓе.

Логично, некој ќе праша, и за младинската гаранција и за бизнис инкубаторите, како државата ќе најде пари. Ќе најде пари државата бидејќи 630 милиони евра за споменици нема да троши, бидејќи 35 милиони евра за нова фасада на НБРМ нема да троши, бидејќи нема да трошиме 250 илјади евра за жални врби во Вардар.

За студентските домови и студентскиот стандард, имаме изготвено идејно решение за изградба на студентски кампус во рамки на студентските домови Гоце Делчев и Стив Наумов.

Покрај темелна реконструкција на постоечките домови, тоа значи и повеќе интервенции во просторот и изградба на повеќе содржини, како мултифункционални театарски и кино сали (за ораторски вечери, аматерски театарски претстави, кино проекции, да настапуваат алтернативни аматерски бендови). Предвидени се нови мензи, со нови кујни, затоа што сме сите сведоци во каква состојба се рестораните во студентските домови. Предвидени се и нови читални, спортски сали и дополнително во рамки на студентскиот кампус Стив Наумов, изградба на нова зграда со 700 нови легла.

Она што ќе биде новитет е дека студентот што ќе добие легло, почитувајќи ги сите критериуми кои и денеска ги има, но за жал не се почитуваат ќе има право на таа соба и легло, се до крајот на неговото/нејзиното студирање со обврска да биде редовен студент, редовно да ги положува испитите.

Дополнително студентите ќе добијат и студентска платежна картичка, која ќе се користи за сите плаќања вос тудентските домови и дополнително за попусти на јавни услуги кои им следуваат.

Би ја истакнал и картичката за субвенциониран меѓуградски превоз, за оние млади кои доаѓаат од други градови.

Бесплатен јавен транспорт за сите млади до 29 години, не само за студентите. Бидејќи голем дел од младите се невработени и треба да бидат мобилни за полесно да најдат работа.

Во поглед на студентските и средношколските организации, ние и како опозиција тоа го докажуваме дека сме подготовени и отворени проблемите да ги решаваме со студентите, средношколците, со цел да се поттикне плурализмот во овие организации.

Се обрзуваме како идна влада да бидеме целосно отворени за креирање на суштинско битните политики во образованието.

Да не дојдеме во ситуација како со екстерното во средното и високото образование и да не дојдеме во ситуација како со основањето на Дамјан Груев, контра универзитет на УКИМ.

На присутните млади, но и на оние кои не се тука, сакам само од лично искуство да им порачам дека најдобар начин да имаме успешни политики за млади е младите да бидат вклучени во нивното креирање, имплементирање и во контролата на нивното спроведување.

Велиме иднината на младите останува. Но, ќе се согласиме дека дефинитивно на нас младите ни треба парче од сегашноста, за да можеме да влијаеме на иднината, која на нас ни припаѓа.

Јас сум убеден и сигурен дека младите можат, дека младите ќе успеат!

Ви благодарам.

 

Последни вести