fbpx

Колумна на Перо Костадинов: ПОТРЕБНА Е РЕФОРМА НА ВРЕДНОСНИОТ СИСТЕМ

Facebook
Twitter
LinkedIn

ПОТРЕБНА Е РЕФОРМА НА ВРЕДНОСНИОТ СИСТЕМ

Човекот е општествено битие кое тешко може да опстане без интеракција со останатите во заедницата, која е заснована на почитување на воспоставените вредносни норми и предуслови за егзистирање во неа.

Денес, повеќе од секогаш, живееме во свет каде материјалното е императив, и критериум за оценување и вреднување. Како луѓе, имаме потреба да припаѓаме, сакаме да се вклопиме и да успееме во средината каде живееме. Затоа за очекување е да направиме сè за да бидеме прифатени, ценети и сакани од заедницата. Носејќи ја способноста да преживееме, правиме сè што е неопходно, без да забележиме дака ни се заканува реална или метафорична смрт од модерното време.

Денешницата е инфицирана од консумеризмот и чувството дека никогаш ништо не ни е доволно. Секогаш ни недостига уште нешто, за да го постигнеме очекуваното „совршенство“, без кое не можеме да бидеме среќни, мирни, задоволни и во мир со самите себе. Затоа стремиме кон она што го немаме, со постојано чувство дека немаме доволно, и дека другите неправедно имаат повеќе од нас.

Постојано чувствуваме глад за материјални добра и копнееме по инстант среќа која нè обзема, откога истите ги добиваме. Но, по кратко време повторно сме празни. Како празна кутија, од брендираната облека која сме ја купиле денес. Задоволно се гледаме во огледалото, чекориме облечени во неа и штом направиме неколку чекори стануваме свесни дека сепак не нè направила среќни. Затоа што суштински не ни била ниту потребна. Најпрво ни треба подобра облека, па за кратко време ни затребал и поголем стан, како и нов автомобил. Вртлогот на несреќата не запира овде. За сето тоа ни требаат повеќе пари со кои треба да ги платиме нашите нови желби кои го хранат сопственото его. Така, сè повеќе сме незадоволни, понапнати и сè помалку комуницираме со најблиските. Затоа што, по моменталната среќа, сфаќаме каде сме навистина. Во илузија. Имаме сè, но во основа не поседуваме ништо. Затоа што над нашите глави стои долг, кој ни се насмевнува и се восхитува на нашата површност. Фрустрацијата и зависта стануваат наша реалност, чувствуваме завидливост кон другите кои имаат повеќе од нас и нè обзема неподнослива огорченост, самосожалување и незадоволство од „неправедноста“ на животот.

Нема излез без промена на парадигмата. Потребите се безгранични, а визијата за богатство не е ништо повеќе од утопија, кон која постојано се трча. Неопходни се коренити промени кај секој еден од нас, треба да го напуштиме концептот на површност и бесмислен натпревар со остнатите. Потребен ни е нов поглед на светот и темелни промени во свеста на човекот за да се спречи вртлогот на бездната, во која несомнено се наоѓаме сите. Во целото воспитување и растење најмалку учиме за себе и за нештата важни за индивидуалниот живот, за воспоставување рамнотежа помеѓу внатрешниот и надворешниот свет.

Во метежот и вревата на животот, често оптоварени со стрес, грижи, стравови, напнатост и сомнежи кои нè растргнуваат, едноставно забораваме дека животот е многу повеќе од материјалното. Важно е да изградиме систем на вредности и да го пронајдеме мирот, во себеси. Нашиот живот не се нашите успеси или неуспеси, и не е она што би сакале да го поседуваме или она што веќе го поседуваме. Ние сме нешто многу повеќе од тоа. Нашиот живот е нашиот духовен мир, нашата добрина, чесност, емпатија и посветеност кон нашите блиски.

Алтернативата е во концептот на духовното. Потребно е да се посветиме на љубовта, хуманизмот и себеспознавањето, како вредности преку кои ќе го мериме успехот на животниот пат, кој го одиме. Во секој од нас, има добро, кое најчесто е скриено, треба да се открие и развие. Потребно е да се свртиме кон својата внатрешна свест, да ја зајакнеме љубовта и да го развиеме сочувството кон сите живи суштества и кон целата природа. Вистинската среќа заснована на слобода, се наоѓа во нас самите.

Последни вести