Обраќање, Зоран Заев, претседател на СДСМ,
Завршна конференција, „16 денови женски активизам – Сина панделка, борба против родово базирано насилство“
Скопје, 12.12.2015 година
Ова е најубавата сала во моментов во Македонија.
Мои дами, почитувани социјалдемократки, благодарам на поканата.
Овие 16 дена активизам, коишто ја дрмнаа Македонија, проговоривте силно. Многу ретко кој зборува за женскиот активизам, за семејното насилство и за сите отворени прашања коишто се уште во ова ниво на развој Македонија ги има достигнато.
Секако, присутни се во нашето општество, а во вака режимски поставено општество со оваа видлива диктатура, навистина се погласно се зборува во Македонија и благодарение на нас социјалдемократите кои отворивме многу значајни прашања од коишто произлегуваат и обврските понатаму.
Но, дозволете да ги поздравам, претседателката на ПЕС Жени и потпретседателката на ПЕС Жени кои се денеска со нас, овде присутни, ни прават голема чест. Навистина задоволство е заедничко, на сите, кога вака високи претставници од Партијата на европски социјалисти се овде присутни за да го верификуваат нашиот активизам, со којшто секако ние како социјалдемократи, членки на ПЕС семејството се гордееме.
Социјалдемократките се призвукот на важноста, на активизмот на жената во секој аспект на социјалното и општественото живеење во Република Македонија. Можеби ова време-невреме не покрена сите внатре, ни проработе она длабоко во душите каде што секој можен начин на активизам го пронаоѓаме како можност да се вградиме и да дадеме силен придонес кон нормална Македонија, кон враќање на слободата и демократијата, кон враќање на човечките вредности коишто за жал во Македонија се изгубија.
Ја сум горд како претседател на СДСМ, заради тоа што Ве имам Вас. Вие знаете дека ништо не бива ни дома, ни во партија, ни на работа без жените. И тоа е така. Еве ги оперативно структурните поставености на партијата во очите на изборите, штабови се поставуваат. Се раздвижува работата во секој месен штаб, во секој општински штаб па дури и во централата кога вие жените се појавувате и сте активни. Навистина кога ќе стапне вашата нога, тогаш овде се и младите, тогаш овде се и постарите. И тоа било така и драго ми е што е повторно така.
Навистина, охрабрувањето коешто жената активист во ова наше општество го дава, севкупно гледано, посебно преку најголемата опозициона партија, претставува силно охрабрување за сите демократски сили во општеството. Дојде време да се бориме повторно враќање на слободата и демократијата во Македонија. Повторно во 21 век, во втора декада зборуваме за слобода и ова коешто овие 16 дена активизам провејуваше како тема на дебати низ Македонија е севкупната слобода.
Знаеме дека до ден денеска не постојат институции коишто директно се задолжени и имаат силна можност за интервенционизам за било каков чин на насилство, посебно насилството врз жените.
Во Македонија не можат да се набројат неколку шелтер центри на пример каде што мајки со деца можат да бидат згрижени а насилството во ова време коешто натежнало на плеќите на секое семејство, за жал се повеќе е присутно.
Ние го видовме и преку камерите како полицијата во сред парламент примени насилство врз жената пратеник, врз жената новинар, како тоа бесрамно, пред очите на јавноста се случи. Знам дека знаете, но ќе повторам, нема кој друг во оваа наша Македонија ако не ние од СДСМ, ако не жените социјалдемократки да го отворат ова прашање, и да дадат придонес во севкупното нормализирање на состојбите.
Жената социјалдемократ е основната полуга на која што се потпира партијата која имам чест јас да ја водам, вашата партија. Со овој активизам што го покажувате во овие значајни моменти, кога ја подготвуваме државата повторно исправена пред еден историски чин, навистина придонесот кој што го давате е драгоцен.
Сакам да упатам апел да продолжите со тоа темпо и да расте темпото. Заради тоа што заедно испишуваме една убава историја заради тоа што ќе зборуваме и пред нашите деца и пред нашите внуци, овие се историски моменти, пред кои што сите сме исправени, а секој активизам, дава силен придонес и поддршка кон целта кон која што се стремиме.
Ние сме земја која што заслужува да биде нормална земја, ние сме на територијата на европксиот континент, ние сме во срцето на Балканот, живееме како сите земји во втората половина на 21 век. За жал зборуваме за некој работи што се како од средината на претходниот, на 20-тиот век. Оваа работа која заедно ја отпочнавме и заедно ќе ја завршиме.
Јас сум убеден дека сите заедно ќе се гордееме, сакам да знаете дека во СДСМ повеќе не се работи само за подготвеност на машкиот дел од активните членови на партијата или одлучувачкиот машки дел од партијата. По последниот конгрес, со покачувањето на бројките за минимум 40% на рамноправност на половите, жените во СДСМ рамноправно со мажите одлучуваат за сите аспекти на партиските политики, градењето на програмските определби и документите кои што ќе претставуваат наша понуда пред граѓаните. Рамноправно се вградени со нас мажите и повеќе неможе да зборуваме дали има амбиент и прифатливост од страна на СДСМ.
Во СДСМ апсолутно еднакво важен, подеднакво и практично, еве и статутарно се надевам тоа ќе го потврдуваме, многу повеќе од 40%, многу повеќе и од 50%, во зависност од квалитетот што ќе биде понуден. За да може да ја испратиме пораката дека живееме во модерно време на 21-от век, каде што заедно сме вградени со сите еднаквости, коишто претстојат со конечна цел, да бидат констатирана појава во општествто во кое што живееме, и во кое што работиме.
Еден од темелите на понудата и програмата знаете дека е враќање на еднаквоста, односно уништување на оваа нееднаквост во Македонија, каде што постои по сите можни основи. Одличен пример сме за да покажеме какви сме внатре, за да испратиме порака да знаат граѓаните какво општество ќе градиме.
Затоа не само што ме охрабрувате, ми давате толку голема сила, гледајќи Ве низ цела Македонија, еве денеска овде присутни во оваа полна сала, што се повеќе како одминуваат денови, прашањето е колкава ќе биде разликата. Ќе победат социјалдемократите на овој изборен процес којшто претстои пред нас, а знам дека најголем придонес ќе имаат жените од СДСМ! За добрата иднина на нашата заедничка Македонија, посакувам успешна конференција и се надевам дека ќе испратиме од оваа конференција исто така одлични пораки до цела Македонија!
Ви благодарам!