Соопштение за јавност
Реформата на системот на социјална заштита, унапредување на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, спречување на маргинализацијата од секој вид, унапредување на правата и заштита на работниците, беа темите на кои денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, разговараше од врата до врата со жителите на Општина Тетово.
„Воведуваме минимален гарантиран приход. Овој приход ќе биде шанса најранливите да се извлечат над линијата за сиромаштија, но и нивните деца да се вклучат во образовниот процес. Со приближувањето до ЕУ поддршката за социјална заштита постојано расте. Европската социјална повелба ги гарантира социјалните и економските човекови права. ЕУ вложува во унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани“, изјави министерката Царовска во Тетово.
Од почетокот на следната година, четиричлено домаќинство во социјален ризик со едно работно неспособно лице ќе има можност да добива месечен надоместок од 11.700-тини денари.
За повеќе од 70% од корисниците на социјалната помош зголемувањето е повеќе од 300% или три пати повеќе од тоа што досега го добивале
Посетата на Тетово министерката ја искористи да се сретне со вработените во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, како и со пензионерите од градот.