Соопштение за јавност
Колку и ВМРО-ДПМНЕ да не може да прифати, факт е дека Договорот со Грција го заштитува и зајакнува македонскиот идентитет и ја отстранува последната пречка за интеграција во ЕУ и НАТО. Граѓаните се свесни дека постигнатиот Договор е фер и најдобро можно решение за нив и за Македонија и затоа на референдумот на 30 септември тие ќе заокружат ЗА влез во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот со Грција.
Говорот на ВМРО-ДПМНЕ и начинот на кој оваа партија комуницира со јавноста, е уште една потврда за конфузијата и немањето политичка зрелост во редовите на опозициската партија.
Не само Македонците како што тврди ВМРО-ДПМНЕ, туку сите граѓани без разлика на етничката, национална и верска припадност се суверен на Република Македонија и токму затоа сите граѓани на референдумот на 30 септември имаат еднакво право да одлучуваат за иднината на државата. Референдумот е најсилниот облик на демократско одлучување и волјата на граѓаните мора да биде почитувана од сите.
Што е толку непријатно за Христијан Мицкоски, па наместо јасен став, покажува страв да даде директен одговор за најважното прашање во историјата на независна Македонија?
На десеттина денови до референдумот, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се уште имаат време да ја напуштат поразената матрица на лажен патриотизам, поделби и изолација и да се приклучат на процесот што обезбедува сигурна иднина во ЕУ и НАТО.
Скопје, 17.09.2018
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА