fbpx

Филипче: Пред уште еден историски избор сме – патриотски чин да ја обезбедиме иднината

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска беше во посета на општина Кочани и општина Оризари при што на средбите со граѓаните им го честита 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија на сите граѓани.

-Македонија помина низ многу крстопати и во клучните моменти секогаш избираше иднина. Горди сме на референдумот од 1991 година, како важен историски момент од борбата за нашата независност и државност. На 8 септември избравме самостојност, мир и стабилност. Нека ни е честит Денот на независноста на Република Македонија и догодина да го прославиме како членка на НАТО и на сигурен пат кон европското семејство!

Пред 27 години Македонија се избори за својата независност, остварувајќи ја вековната борба на нашите предци. Денес сме на само 20тина дена пред уште еден историски избор. Пред еден патриотски чин – да се грижиме за подобра иднина. Ние избираме да одиме напред, преку членство во НАТО и ЕУ. Не сакаме да останеме заглавени во неизвесност, ризик и изолација.
Филипче на средбите им порача на жителите на Кочани дека придобивките од членството на Македонија во ЕУ и НАТО се огромни.

-Досега за Koчани од фондовите на ЕУ се издвоени околу 4 милиони евра. Проектите на ЕУ во општината се фокусирани во земјоделието и рурален развој, образование, вработување и социјална заштита. Во мала општина ваквата директна помош може да постигне многу. Вие тоа најдобро го знаете. Со почетокот на преговорите со ЕУ, забрзано ќе расте и економската соработка со соседна Бугарија, што е значајно за овој регион. Повеќе трговија, туристичка размена, нов граничен премин, а потоа, конечно, и крај на границите.

Ова е историска можност, а нашите млади заслужуваат подобра иднина како рамноправни граѓани на Европа. Заеднички да го направиме следниот патриотски чекор за нашата држава, носејќи правилна одлука.

-Патриот си ако го сакаш најдоброто за својата земја, за своето семејство, за луѓето околу себе. Пред 27 години избравме да бидеме дел од демократскиот свет за да создадеме можности за подобар живот за нашите деца. Како резултат на тоа, денес имаме горди граѓани и држава која е на вистинскиот пат. Време е за нова правилна одлука, време е да излеземе ЗА европска Македонија! – потенцираше Филипче денеска на граѓанската трибина во Оризари!

 

 

Последни вести