Соопштение за јавност
ВМРО-ДПМНЕ го кочи донесувањето на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумиски услуги и тоа е факт. Ова е веќе видено лицемерно однесување на партијата којашто е симбол за гушење на медиумските слободи, пропаганда и корупција.
Кога ВМРО-ДПМНЕ обвинува за партизација на медиумските регулаторни тела и јавниот сервис веројатно мисли на дел од сегашните членови на Советот и на АВМУ и МРТВ коишто се партиски членови, сегашни и поранешни партиски функционери токму на ВМРО-ДПМНЕ.
Последен пример е назначувањето на Косана Мазнева на партиска функција во кабинетот на Христијан Мицкоски, додека истовремено е и член на Програмскиот совет на МРТ.
Ова потврдува дека на ВМРО-ДПМНЕ не и се важни независните регулаторни тела и јавниот сервис. За ВМРО-ДПМНЕ не е важна слободата на говорот, граѓаните и слободата на медиумите. ВМРО-ДПМНЕ единствено се води од теснопартиските интереси и затоа ги кочи реформите и работи спротивно на интересите на граѓаните и државата.
Благодарение на досега спроведените реформи во медиумската сфера, Македонија од страна на релевантни меѓународни организации е препознаена како светла точка во регионот.
Зацртаните реформи со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе стават крај на политичките влијанија врз медиумите и нема никогаш повеќе да дозволат Македонија да биде оценета како неслободна држава во која медиумите работат под притисок, уцени и закани, како што тоа беше за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Скопје, 12.06.2018
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА