Соопштение за јавност
„Јас сум вечерва дојден овде да побарам поддршка од сите граѓани на нашата убава мултиетничка Струга. Единствената опција за Македонија е единство, сплотеност, еден живот имаме сите и има заедно да го живееме и никако поинаку! Само сплотени и здружени можеме да одиме напред!“ порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев синоќа на средбата што ја имаше со граѓаните од Струга.
Претседателот Заев порача дека граѓаните и општина Струга ќе ја имаат целосната поддршка на Владата за проектите што ќе се реализираат и додаде дека проблемот со депонијата целосно и трајно ќе се реши преку модел на санитарна депонија со најмодерни технологии.
„Сметајте целосно на поддршка и за колекторскиот систем. Сметајте целосно на поддршка на одблокирање на општина Струга. Да и дадеме ветер во грб, да се развива достоинствено и да биде ваша и наша и моја, заедничка гордост на сите!“ соопшти претседателот Заев.
Тој побара поддршка од граѓаните на Струга во вториот круг од локалните избори за кандидатот за градоначалник номиниран од коалициониот партнер ДУИ, Рамиз Мерко, за кој рече дека по завршувањето на изборите ќе има обврска да работи и помага на сите граѓани подеднакво.
„Да градиме пријателство. Да помагаме на секој граѓанин. Да не ги делиме граѓаните по ниедна основа!“ порача претседателот Заев.
Претседателот Заев потенцираше дека од голема важност е вториот круг од локалните избори да продолжат да бидат кристално чисти како што започнаа и да се одвиваат во мирна демократска атмосфера.
„Сакам да знаете, никому нема да простиме ако го крши законот. Никому! Светост е слободно изразената волја на граѓаните“ порача претседателот Заев.
На самиот крај, претседателот Заев порача дека иднината на Струга и на Македонија лежи во концептот едно општество за сите и за таа цел ги повика граѓаните достоинствено и гордо да гласаат во недела за кандидатот за градоначалник од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко.