fbpx

Филипче: Буџетот за 2025 година ќе ја загрози финансиската стабилност на државата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче во Собранието

 

Фискалната политика што ја предлага власта во Буџетот за 2025 година ќе ја уништи финансиската стабилност на земјата, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и пратеник, Венко Филипче, на денешната собраниска Комисија за финансирање и буџет, на која на дневен ред за расправа е Буџетот за 2025 година.
Зборувајќи за фискалните политики предложени во новиот Буџет, Филипче потенцираше дека нереалните високи стапки за економски раст не се ништо друго освен изговор за планираната зголемена буџетска дупка и нови задолжувања.

„Владата предвидува раст на БДП од 3,7% за 2025 година. Народната банка го проектираше растот на 3,3%, а Светската банка е уште попесимистична со 2,5%. Буџетскиот дефицит е поставен на 4% од БДП, што директно го нарушува Законот за буџетите. И ова мора да биде јасно, таквиот пристап не значи развој. Тоа значи дека Владата планира да троши повеќе отколку што заработува. И кој ќе го враќа тој долг? Ќе ги зголемиме ли даноците? Ќе ги скратиме ли јавните услуги? Ќе се задолжуваме?“, посочи Филипче.

При тоа, Филипче нагласи дека ваквите планирани параметри упатуваат на тоа дека Македонија е единствена земја во регионот која не планира фискална консолидација.
„Сите други земји од Западниот Балкан уште во 2024 година, буџетскиот дефицит го сведоа под 3% од БДП. Јавниот долг веќе годинава силно ќе ја помине границата од 60%. Со еден збор ова е фискална политика за уништување на финансиската стабилност на земјата“, нагласи Филипче.

Во обраќањето пред пратениците, Филипче порача вака како што е скроена новата буџетска каса, јасно е дека и во наредните години ќе ги има истите нереални проекции, истата безидејност и истото неодговорно трошење.
„Ова требаше да биде буџет во кој ќе видиме вистински политики што ќе донесат подобар живот за граѓаните и економски развој на државата. Но, дали ги гледаме тие политики? Дали има барем еден развоен проект што ќе ни донесе долгорочен раст? Одговорот е не. Од ветувањата на Владата нема да има ништо. Без никаква визија и без никаква креативност, Предлог Буџетот за 2025 година наместо да обезбеди основа за економски развој, овој буџет ќе биде генератор на нови долгови и на уште една изгубена година за економијата и за граѓаните“, потенцираше Филипче.

 

Последни вести