Соопштение за јавност
Пратеникот на СДСМ Благој Бочварски од собраниската говорница нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ најавувавше реализација на 100 милиони евра оваа 2024 година и 250 милиони евра идната 2025 година за општините.
Првата манипулација беше откриена при ребалансот на буџетот за 2024 година кога констатиравме дека нема 100 милиони евра на располагање, туку има некаде околу 70 милиони евра, а втора беше манипулацијата од страна на власта дека наредната 2025 година ќе има 250 милиони евра кои повторно сите заеднички констатиравме дека во буџетот не се предвидени толку пари, туку околу 100 милиони евра, истакна Бочварски.
Тој ја запраша министерката за финансии колку од тие први 70 милиони евра за општините за 2024 година до денеска се реализирани?
Ова прашање го поставувам од причина што кога вие помпезно најавувавте 100 милиони евра за 2024 година, ние овде се обидувавме да ви укажеме дека тоа е манипулација и дека оваа календарска година речиси ништо нема да се реализира, бидејќи тоа практично е невозможно. Прашањето го поставувам со цел да се расчистат дилемите, а бројките кои ги имаме на хартија, добро е да знаеме колку реално се реализирани и сите овде кога дебатираме да располагаме со вистински точни аргументи пред граѓаните, бидејќи многу се зборува со бројки кои не секогаш се остваруваат така како што ги најавувате, нагласи пратеникот на СДСМ Благој Бочварски во рамките на собраниската седница посветена на пратенички прашања.