fbpx

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ дозволи ценовен хаос, граѓаните плаќаат за нивната неспособност!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа истакна дека актуелниот пораст на цените и незадоволството на граѓаните се директен резултат на неспособноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која не презеде никакви конкретни мерки за заштита на куповната моќ на граѓаните. На прашањето на новинарката што направил СДСМ кога бил на власт за цените, Филипче рече:

„Знаете ли зошто тогаш немаше протести? Поради тоа што тогаш имаше реална причина за раст на цените – високата инфлација како резултат на бројните кризи: Ковид, финансиската и енергетската криза. Но, ние успеавме со сите мерки на владата да ги држиме цените под контрола, цената на струјата да не порасне, односно граѓаните да не ја осетат, затоа што беше субвенционирана од страна на владата“, изјави Филипче.

Тој потсети дека во периодот кога СДСМ беше на власт, државата активно интервенираше за да го заштити животниот стандард на граѓаните.

„И во најголемите кризи воспоставивме систем во којшто континуирано растеа платите. Минималната плата се зголеми за три пати, просечната плата порасна двојно, ја надминавме границата од 500 евра и стигнаме на над 600 евра, односно околу 40.000 денари. Сега, Владата на ВМРО-ДПМНЕ прва и најбрутално го запре тој раст на платите“, нагласи Филипче.

Тој ја обвини Владата дека со своето неделување дозволила цените да се зголемат неконтролирано, правејќи ги основните производи во Македонија поскапи дури и во однос на маркетите во регионот.

„Се најавуваа мерки за стабилизација на цените, а всушност се остави простор маркетите да се подготват за тие мерки. Резултатот е јасен – неконтролиран раст на цените, поскапување на основните производи, а граѓаните останати без заштита“, посочи тој.

Филипче потсети дека токму Владата на СДСМ со сериозни економски мерки успеала да ја задржи стабилноста на пазарот, спречувајќи големи ценовни шокови, додека денес ВМРО-ДПМНЕ нема одговорност ниту капацитет да реагира.

„Денеска цените растат без контрола, граѓаните организираат бојкоти затоа што се оставени сами на себе. Владата молчи и ги штити профитерите. Ова е класичен доказ за нивната неспособност“, заклучи Филипче.

Линк до целото интервју: https://www.slobodnaevropa.mk/a/filipche-intervju-sad-onkologija-/33298380.html

Последни вести