Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Радио Слободна Европа ја повика Владата да работи на темелна реформа на Кривичниот законик во согласност со европските стандарди.
„Апелирам до Владата сериозно да поработи на новиот Кривичен законик, кој се работи со претставници од ЕУ и кој треба да биде усогласен со германското законодавство. Овој закон треба да биде донесен врз основа на препораките на оценската мисија на ЕУ. Сметам дека било која реформа треба да се носи согласно европските стандарди, а не преку привремени решенија кои немаат ефект“, нагласи тој.
Филипче ја обвини Владата за неодлучност и манипулации во делот на реформите, истакнувајќи дека најавите за промени во Судскиот совет и другите правни институции се водат без јасна стратегија.
„Еднаш ќе се менува Судскиот совет, па нема. Владата и премиерот постојано лавираат. Ајде конечно да застанеме заедно зад решенијата што се во интерес на граѓаните и на државата. Наместо да измислуваат половични решенија, нека се насочат кон реална реформа што ќе го адаптира нашето законодавство кон европското, затоа што тоа е нашата стратешка цел“, порача Филипче.
Тој искористи оваа прилика за јавен повик до сите парламентарни партии, барајќи од нив да седнат на заедничка стратешка средба на која ќе ги дефинираат долгорочните правци на државата, зад кои сите ќе застанат без разлика која партија е на власт.
„Ги повикувам сите партии да седнеме во Собранието и заеднички да ги дефинираме стратешките цели на државата. Треба да создадеме национален консензус за реформите, за утре, без разлика која партија е на власт, никој да не може да отстапи од тој план“, заклучи Филипче.
Линк до целото интервју: https://www.slobodnaevropa.mk/a/filipche-intervju-sad-onkologija-/33298380.html