Прес конференција, Даниела Николва – пратеничка на СДСМ
Николова: Јаневска продолжува со еднострани одлуки за гимназиското образование
Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,
На предлог на СДСМ, Собраниската Комисија за образование, наука и спорт го усвои предлогот за одржување јавна расправа за Предлог Концепцијата за гимназиско образование. Водени од ставовите на стручната фела кои своите мислења ги даде во јавноста, сметаме дека оваа јавна расправа е од исклучителна важност бидејќи ќе овозможи поширока дискусија со сите засегнати страни – наставници, експерти, претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и учениците.
СДСМ останува доследна на својата заложба реформите во образованието да се носат низ темелен и инклузивен процес. Образовните политики мора да бидат резултат на стручни анализи, научни евалуации и конструктивен дијалог со сите релевантни чинители.
За жал, министерката Јаневска во досегашниот процес не покажа подготвеност за вистинска јавна дебата. Наместо да отвори простор за дијалог со експертите и наставниците, таа продолжува со еднострани одлуки кои предизвикуваат сериозна загриженост во јавноста. Начинот на кој досега се турка оваа концепција покажува отсуство на транспарентност и недостаток на слух за критиките и сугестиите од стручната фела.
Затоа, сметаме дека оваа јавна дебата во Собранието треба да се организира поскоро со што ќе се покаже дека е разбрана важноста на овој процес. Само низ искрена и отворена дискусија можеме да донесеме решенија кои ќе бидат во интерес на учениците, наставниците и целиот образовен систем. Универзитетските професори, наставниците, средношколците и сите засегнати страни имаат суштинска улога во креирањето на квалитетен и одржлив образовен систем.
СДСМ ќе продолжи да се залага за подобрување на условите во образованието и за реформи кои ќе бидат во најдобар интерес на учениците, наставниците и општеството во целина.
Ви благодарам.