Пред три години започна пишувањето на новата историја на нашата држава. СДСМ и Владата која ја предводи донесе важни одлуки и презеде храбри чекори, кои со децении наназад никој не се осмели да ги направи.
Замрзнати процеси, стоење во место, заглавени во чекалната на НАТО и ЕУ. Режимот правеше се за да ја држи земјата што подалеку од двата најмоќни светски сојузи.
Пред само три години нашата држава беше во длабока изолација, заробена во режим, скарана со соседите, без никаква евроинтегративна перспектива.
Но за луѓе со визија за подобра иднина, со волја за напредок , нема невозможно.
После само една година од доаѓањето на власт на СДСМ се решија отворените прашања со нашите соседи и почнавме да градиме мостови на пријателства, на сојузништво.
Денеска сме горда 30 земја членка на НАТО, еднаква со најсилните и најмоќните земји во светот.
Веќе никогаш повеќе нема да сме сами и незаштитени. Обезбедивме сигурна иднина за сите нас и за нашите деца. Затоа што, НАТО не е само безбедност и сигурност, НАТО е и нови инвестиции, работни места и повисоки плати.
Денеска имаме армија по светски стандарди и пристап до пазар од 4 милијарди евра годишно.
По членството во НАТО подготвени сме и знаеме дека можеме до 2024 да отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ. Од европските фондови обезбедуваме 2,5 милијарди евра за Северна Македонија. Тоа се повеќе пари за справување со корона кризата, за новата македонска економија, за зелена агенда, енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализации, патишта, водовод. Тоа се европски пари за европски стандарди дома.
Почитувани,
Наспроти сите наши влогови и успешни резултати, стоеше ВМРО-ДПМНЕ кои освен чувањето на земјата во изолација и под режим, јавно покажаа дека се против тоа земјата да оди напред.
Додека Северна Македонија зачекоруваше во НАТО, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски навиваа тоа да не се случи, а кога формално се случи влезот во НАТО, Мицкоски не смогна сили ниту да аплаудира и да го честита историскиот успех на државата.
Тоа е таа деструктивна партија.
Немаше став за ниту едно важно прашањe, бегаше и опструираше секогаш кога се носеа промени важни за иднината на државата и граѓаните.
Ништо друго ВМРО-ДПМНЕ не нуди освен обнова на режимот, изолација и продавање на лажен патриотизам, додека парите завршуваат во белиот дворец.
И така, од едната страна е членството во НАТО, од другата страна е белата барокна палатa.
Од едната страна се Брисел и преговорите со ЕУ, од другата страна се Хунзите, Белизе и Субрата Роj.
Додека СДСМ нуди кадри кои земјата ја однесоа на прав пат, ВМРО-ДПМНЕ ги нуди луѓето на Груевски.
Затоа, на 15 јули да продолжиме на прав пат кон ЕУ и НАТО, нема враќање назад во изолацијата и обнова на режимот. Сите ние МОЖЕМЕ повеќе и подобро!