Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулевски, предупреди дека блокадата на железничката делница од Крива Паланка до бугарската граница од страна на владата значи ризик за губење над 200 милиони евра неповратни европски средства.
„Оваа делница е дел од Коридорот 8, кој има и економско и безбедносно значење за Македонија и регионот. Наместо да го изградиме со европски пари и под нивна контрола, владата го блокира проектот без објаснување“, истакна Трајчулевски.
Тој рече дека постои усвоена национална транспортна стратегија, но владата очигледно не ја следи. Дополнително, ја отфрли владината теза дека СДСМ е против изградба на Коридорот 10:
„Да, сакаме Коридорот 10 да се гради, но не на ваков нетранспарентен начин, без физибилити студија и без јасен план. Градење со кредити, без користење на европски средства, значи долг за идните генерации“, посочи Трајчулевски.
Според него, немањето стратегија и визија во транспортната инфраструктура директно го попречува економскиот развој на земјата.