Соопштение за јавност
Филипче: Можеме да градиме со грантови од ЕУ, но власта сака кредити без контрола на трошењето
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вчеерашното гостување на Канал 5 предупреди на нетранспарентноста и опасностите од огромното задолжување на државата со кредити склучени зад затворени врати, кои ќе ги враќаат генерации граѓани.
„Огромното задолжување со унгарскиот кредит, којшто е нотиран и во Извештајот на Европската унија, како што ние предупредувавме, може да станува збор за кинески пари. Пари коишто се земаа по многу понеповолни услови отколку што тогаш имаше на располагање за локалните самоуправи од Светска банка, на пример,“ рече Филипче.
Тој ја критикуваше владата што никој не излезе да објасни како се склучил таков заем, кој ќе го враќаат следните неколку генерации, и тоа „во четири очи“. „Каква нетранспарентност. И како може владата да си дозволи таква работа?“ праша Филипче.
Претседателот на СДСМ порача дека токму ова однесување ја држи државата подалеку од Европската унија. „Сметам дека тоа што немаме чекор напред кон Европската унија е само заради една работа, а тоа е дека не сакаат систем на контрола. Не сакаат правна држава и не сакаат систем којшто е контролиран од Европската унија, кој ќе ги дава парите и ќе го контролира трошењето. Сакаат на овој начин во четири очи, нетранспарентно.
Ние не знаеме кој ќе прави ревизија на тие проекти, како ќе се прави контрола на трошењето на парите, и на унгарскиот кредит и на ова што сега се најавува од Велика Британија,“ предупреди Филипче.
Во однос на кредитот што владата го преговара со Велика Британија, тој праша како може да се тврди дека ќе се гради и пруга и болница со пари чие договарање се крие од јавноста. „Зошто земаме заеми, договорени во четири очи, нетранспарентно? Еве сега преговараат со неколку банки и како велат од владата, ‘доверливи се информациите, ќе ги соопштиме на крај’. Каква е таа транспарентност? Од каде знаеме ние што се прави зад параванот?“ рече Филипче.