Соопштение за јавност – прес конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче
ВМРО-ДПМНЕ за една година ја доведе државата во најголема економска несигурност што сме ја виделе досега, а граѓаните живеат сé потешко, посочи претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче.
Тој нагласи дека додека владата ги користи своите ПР трикови за да прикаже дека во државата добро се живее, реалноста е поразителна- граѓаните се тие што знаат како живеат и каква е реалната состојба со економијата, цените и платите.
„Реалните бројки, не оние измислените од премиерот, покажуваат дека платите стагнираат, цените растат, а граѓаните губат. Инфлацијата е 4,8%, секојдневно растат трошоците и реалноста е дека се живее сè потешко“, рече Филипче.
Говорејќи за животниот стандард, Филипче нагласи дека минималната синдикална кошница, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, секој месец урива нови рекорди.
„Во јуни 2024 година, минималната синдикална кошничка изнесуваше 60.325 денари, а во август минатата година надмина 61.199 денари. Денес, после една година таа достигна 65.507 денари. Тоа значи дека во периодот откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, основните трошоци за живот се зголемени за околу 4.300 денари. Во исто време, минималната плата е зголемена за само 1.800 денари. Ова е директен удар врз стандардот на граѓаните, рече Филипче.
При тоа, Филипче потенцираше дека реалните бројки, не оние измислените од премиерот, покажуваат дека платите стагнираат, цените растат, а граѓаните губат.
„Премиерот Мицкоски се фали со бројки за „раст на платите од 11, 12 или 13%“. Но, да ги погледнеме реалните бројки. Реалната плата, онаа што ја покажува куповната моќ на граѓаните, во јуни порасна само 3,8%, а пред една година со мерките на СДСМ растот беше 11%. За прв пат после долги години имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец – тоа беше случај во јуни“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.