Проф. д-р Ана Чупеска – Претседателка на Совет на СДСМ
Ќе започнам со тврдењето дека фразата „сите се исти“ е најелегантната форма на политичко самоубиство.
Тоа е нешто слично на доброволна ампутација на сопствениот глас, со која неопределените граѓани самите се успиваат, додека авторитарните партиски ботови си го земаат мандатот без да им капне ниту една капка пот.
Притоа, сакам да нагласам — ова што го тврдам не е „кафеанска“ дијагноза, туку тврда емпирија: контролираните експерименти на Ансолабехере и Ајенгар и студиите на Тилбург и AJC докажуваат дека политичкиот цинизам (проектиран во фразата „сите се исти“) де факто е потврден и успешен модел за политичка демобилизација на граѓаните.
Поточно, оваа намерна гаслајтирачка пропагандна тактика е насочена точно со таква цел — системски и систематски да ги усмрти мисловно и да ги избрка неопределените од политичкиот живот (од промислување, активизам, од гласачките кутии), да им даде наркотична политичка седација (буквално, дури и на неврохемиско ниво скоро и да ги анестезира) со тоа што им ја топи вербата дека нивниот глас има тежина.
Но додека трае наркотична политичка парализа, истовремено — нив ги претвора во лесен плен за дезинформации. Па така, бајасот само се бетонира на долг рок.
Со тоа, гаслајтот е успешен, дијагнозата е поставена — имате политичка депресија!
Во Скопје, дури, алибито дека сите се „исти“ сè уште се носи како Jo Malone или некој уште полуксузен парфем. Седнувате на еспресо со поглед на човек што ги преживеал сите транзиции, го вртите лажичето со поза на мрзлива надмоќ и фрлате: „Брат, сите се исти.“ Во тој миг делувате како да сте го пробиле Матриксот. Но, проблемот е што е точно обратното. Всушност, Матриксот од „Тему“ ве пре…л вас.
Па така, оваа евтина мудрост што звучи демек секси — во реалноста, односно науката (Теохарис, на пр.) докажува дека со таа мантра „сите се исти“ воопшто не сте над играта, туку, многу пожално: вие сте нејзиниот најпослушен статист.
Ова слепило во изедначувањето не е резултат на нова технологија на манипулирање и датира одамна — дури може да се препознае и во онаа стара новинарска апсурдност: „5 минути за Евреите, 5 минути за фашистите.“ Па така, неретко се случува да улеташ во моуд на неутралност со тоа што ќе ставиш знак еднакво меѓу сè. Што апсолутно не е никаква објективност — туку толку голема интелектуална мрза спакувана во дебел целофан, дотолку инертна и комотна што ти дава чувство на надмоќ. Но, надмоќ под пропагандна наркоза.
Ако ја симнеме позата и зборуваме отворено, оваа наркотична надмоќ — да одбиеш да избираш политичка идеја затоа што никој на листата не е платонски идеал — е исто како да одбиеш да излезеш од запалена зграда зашто и двата излеза за евакуација имаат лошо осветлување.
Да кажеш дека сите се исти зашто сите прават компромиси е како да тврдиш дека нема разлика меѓу оган и калорифер, зашто и двете креваат температура — сè додека не ти се запали дневната соба. Или, да мислиш дека од каучот водиш празен отпор против системот, а всушност правиш кукавички бојкот со кој му плаќаш пијачка на оној што никогаш не пропушта гласање во седум сабајле и усовршил полтронски лојализам.
Така што, ова е директен разговор со вас што искрено верувате дека „сите се исти“. Но, разбирам дека вашиот бес не е халуцинација!
Дури, можам и да се сложам дека оправдан е. Впрочем, извештаите на сите релевантни тела (да не ги редам) одамна нотираат дека скоро 50% од граѓаните немаат доверба во институциите на политичкиот систем, вклучувајќи ги и партиите — кои управуваат со институциите на истиот тој политички систем откако ќе освојат власт. Значи, документирани и оправдани се и скептицизмот, и цинизмот, и недовербата.
Но, тука е вашата/нашата слепа точка: скептицизмот е став, цинизмот е удобна капитулација (IJOC)!
Разликата е суштинска.
Скептикот има остар радар — ги гледа маните на сите, ама не ја гаси логиката. Циникот ги затвора очите и не сфаќа дека неговиот празен лист е чист автогол со кој на најавторитарната и најпослушната партиска база им подарува бесплатен мандат (Policy Centre Jersey има добра анализа за оваа софистикација).
Погодете чија е таа база?!
Со тоа, да се вратам на почеток. Тезата ми е дека фамилијаризацијата на фразата „#сите се исти“ е еден од најуспешните пропагандни методи за граѓанска демобилизација!
Докажано и применето во повеќето авторитарни околности! Сега, ќе замолам за мало внимание пред следното еспресо, па погледнете каде суштински се судираат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и зошто не се исти, односно се суштински различни, да речеме во актуелен контекст:
Прво, СДСМ е упорна и истрајна на европскиот пат — и тоа по цена на сопствен рејтинг, но заради повисоки државни, а не партиски интереси. Спротивно, ВМРОДПМНЕ блефира за ова по основи и можности, па дури шурува со сомнителни геополитички фактори. И ова не е иста песна со друг диџеј — туку се две драстично спротивни геополитички траектории!
Значи не се исти!
Второ, видете го цехот на вашата сметка.
СДСМ инсистира на модел потпрен врз европски неповратни фондови и раст на минималната плата (BTI). Спротивно на ова, ДПМНЕ функционира на база на рапидно буџетско задолжување, шминкање на бројките за долгот, неплатени обврски кон стопанството и доцнење на трансферите кон вториот пензиски столб сосе кратерот во него! Слично, ДПМНЕ се традиционален бранител на рамниот данок, наспроти прогресивниот и праведниот данок кај СДСМ (најбогатите најмногу да плаќаат). Е сега, ако ви се досадни претходните фрази, сепак разликата меѓу овие два модели директно ви удира по џебот, фрижидерот и сметките!
Значи, различни се.
Трето, исто така актуелно. СДСМ алармира дека измените на Законот за јавни набавки ги креваат праговите за договори во четири очи и ја укинуваат контролната улога на Бирото за јавни набавки, плус има сериозни критики за партизација на правосудството, безбедносните служби, регулаторите (случаите „Алта банка“ и ПИОМ) и медиумскиот притисок. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ државата ја гледа како плен.
Значи, различни се.
Ова се само 3 од 1001 причини и факти кои го разбиваат тврдењето дека сите се исти. Значи, различни се, односно не се исти!
Но, секој има право да се лути, да биде циничен, па и недоверлив. Сепак, обидете се да се разоружате од наркотичната надмоќ што ја нуди таа фраза. Мислењето, активизмот, па и гласањето не се љубовна афера, туку ладен и моќен механизам за контрола на штетата. Не мора да обожавате никого за да излезете — да се спротивставите. Не мора да ја сакате СДСМ. Може едноставно да се засакате себе во својот полн мисловен и логички капацитет и да ја воочите разликата – да се одлепите од таа леплива и комотна фраза. Доволно е, за почеток, само да се обидете да се разбудите од пропагандната наркоза.
