За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, со заедничко прифатливо решение. Тоа е многу побитно од броење денови меѓу една и друга седница на Советот на министри на ЕУ. Но, тоа не смее да значи бесцелно и бескрајно одлагање на почетокот на преговорите, нешто што одамна сме го заслужиле и што ни припаѓа, вели Ковачевски за „Слободен печат“
Коментарите во јавноста се дека Вие претставувате одредено „заедничко лидерско решение“ за обединување на главните фракции во СДСМ. Дали сте толку близок и до Бранко Црвенковски колку и до Зоран Заев?
Ковачевски: Ваквите коментари ги сметам за позитивни, бидејќи значат дека низ годините имам изградено добри релации со сите што имале врвни позиции во СДСМ. И тоа е точно. Како член во СДСМ од 1994 година сум бил дел од речиси сите досегашни раководства, било на локално или на централно партиско ниво. Секогаш сум имал коректен и професионален однос со сите и од таа позиција ќе го дадам својот максимум за да го обединам членството. Во повеќе интервјуа досега посочив дека сум голем противник на политичките фракции и гледање на внатрепартиските односи низ ваквата призма. Не случајно главниот слоган на мојата кампања беше ЗАЕДНО, затоа што сум убеден дека тоа е единствениот пат по кој треба да продолжиме. Ние, како членови на СДСМ, што е и суштината на демократијата, често меѓусебно имаме различни ставови или несогласувања, но имаме една заедничка цел, а тоа е силна и обединета партиска организација што ќе работи во интерес на граѓаните. Поаѓајќи од ова, јас цврсто верувам дека во периодот што следува СДСМ ќе доживее трансформација како во начинот на работа и организацијата, така и во унапредување на внатрепартиските односи. Заемната доверба и почит мора да ја засноваме на квалитетна соработка, ангажман, но и одговорност на секој член од тимот.
Учествувате во преговорите со коалициските партнери во постојната Влада. Како се одвиваат тие разговори?
Ковачевски: Преговорите се одвиваат добро. Јас сум оптимист дека новата Влада ќе има квалитетна програма што ќе ги содржи најдобрите проекти и предлози на сите коалициски партнери. Веднаш потоа треба се посветиме и на ефикасна реализација, бидејќи што поефикасно работиме и го почитуваме заемниот договор, постабилна ќе биде Владата. Исклучително е важно да имаме добро усогласена владина програма, без отворени прашања што подоцна би можеле да бидат причина за нестабилност. Во периодот што следува приоритет е да обезбедиме функционирање на институциите со полн капацитет. Пред нас е предизвик во менаџирање на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на преговорите со соседна Бугарија за одблокирање на европскиот пат на земјата. Јас верувам дека можеме да ги надминеме сите овие предизвици, но за тоа ни треба Влада поставена на здрави темели и со јасни принципи. Токму тоа се обидуваме да го постигнеме со преговорите.
Ќе го „наследите“ ли и договорот на Заев со Ахмети за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот на оваа Влада?
Ковачевски: Јас сум човек што секогаш го почитува договореното и токму затоа инсистирам на чист, јасен договор по однос на сите прашања во коалицијата. Оттука, секој коалициски договор што ќе биде постигнат во период на формирање на Владата, јас ќе се залагам да се почитува. Истовремено, ќе барам и одговорност од секој партнер за реализација и менаџирање на сопствените ресори и преземени обврски. На ова особено инсистирам во преговорите, бидејќи ако сакаме ефикасна Влада што ќе влева доверба кај граѓаните, тогаш таа мора да функционира на најдобар начин.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ од првиот ден почнаа да „фрлаат со дрвја и камења“ по Вас, иако Мицкоски подоцна соопшти дека лично Ви ја честитал победата. Дали очекувате добра соработка со опозицијата и, можеби, усогласување околу клучните прашања од интерес на граѓаните?
Ковачевски: Не можам да кажам дека сум изненаден од „дрвјата и камењата“, иако се надевав дека, можеби, конечно ВМРО-ДПМНЕ ќе го подигне нивото на политичка култура. Токму тоа и беше мојата порака до господинот Мицкоски кога ми се јави на телефон, но само неколку часови подоцна, неговата партија излезе со ноторна лага за моето образование и истите навредливи етикети што постојано ги користат. Очигледно, тешко се менуваат работите во таа партија, но тоа не значи дека јас ќе го спуштам моето ниво.
Како претседател на СДСМ ќе за залагам за постојано унапредување на соработката со сите партии во државата и ќе ја подигнеме партиската комуникација на повисоко ниво. Ова е во интерес на државата и на политичкиот развој, но и на граѓаните кои се заморени од ваквата реторика. Што се однесува до соработката, јас секогаш ќе подадам рака кога станува збор за градење консензус по важни прашања или реализација на клучни стратегиски проекти. Но, Мицкоски треба да знае дека нема да дозволам кочење и уназадување на државата. Одговорност на секој лидер е најде начин да ги премости препреките. Ничија политичка кариера или штетни стратегии за доаѓање на власт не смеат да бидат поважни од граѓанскиот и од државниот интерес.
Кога планирате да го воспоставите првиот официјален контакт со новиот бугарски премиер Кирил Петков? Како ги оценувате неговите првични изјави за решавање на македонско-бугарскиот спор?
Ковачевски: Прво, би сакал да му го честитам изборот на господинот Петков, убеден сум дека ќе донесе нова енергија, политики и реформи во соседна Бугарија. Првите средби треба да бидат со соседните земји со кои имаме одлични односи. Но, со оглед на тоа дека имаме дополнителен предизвик, прв би го поканил г. Петков да ја посети нашата држава, по формирањето на новата влада. За мене е позитивна пораката дека Бугарија ќе престане да ја кочи кандидатурата на Северна Македонија, како и поставувањето временска рамка за пронаоѓање решение, но останува да видиме што значи тоа во практика и со каква динамика ќе се одвиваат разговорите.
Ние во нашето Собрание ги изградивме позициите во однос на спорот, исто како и Бугарија во своето Собрание, па во рамките на тие позиции треба да се бара решение прифатливо за двете страни. Ова го кажувам во контекст на постојаните притисоци од страна на нашата опозиција, која за секоја нова пречка се обидува да прикаже неуспех на Владата во однос на ова прашање. Иако сите сакаме решението да се најде што побрзо, брзината не треба да биде единствен приоритет и ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да врши притисок, бидејќи со тоа само ги слабее нашите позиции. За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, со заедничко прифатливо решение. Тоа е многу побитно од броење денови меѓу една и друга седница на Советот на министри на ЕУ. Но, тоа не смее да значи бесцелно и бескрајно одлагање на почетокот на преговорите, нешто што одамна сме го заслужиле и што ни припаѓа. Ние треба да останеме посветени и ангажирани во разговорите со искрен пристап. Ако ист таков пристап има и новата бугарска влада, верувам дека ќе изнајдеме компромис за отворените прашања.
Планирате ли менување на даночната политика во Македонија? Кој е Вашиот став за воведување прогресивен данок?
Ковачевски: Главна цел на даночната политика што ја креираме е да обезбедиме праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем што ќе биде во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст.
Еден од главните приоритети во стратегијата за реформа на даночниот систем се поголема праведност во оданочувањето, со цел да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот.
Во овој реформски процес е важно да се оди постепено, без брзање. Потребно е да се најде оптималниот даночен модел за нашата економија што, пред сѐ, би го поддржал економскиот раст, но и правилната дистрибуција на доходот, бидејќи целта е даночниот систем да ја има својата фер улога во општеството.
Во моментот се разгледуваат и ефектите од прогресивното оданочување, што беше воведено во 2019 година, како и недоследностите што се појавија во периодот додека тој се применуваше. Прогресивните стапки на данокот на личен доход се суспендирани до 1 јануари 2023, а периодот на одложување се користи за подобрување на предложената даночна реформа. Во целиот процес се вклучени и се прават консултации со социјалните партнери и со јавноста.
Исто така се работи и на повеќе системски закони, преку кои се прави и дополнително усогласување со европските најдобри пракси за подигнување на степенот на дигитализација и поедноставување на голем број даночни процеси и постапки.
Државата прoдолжува да се задолжува надвор. Дали, во догледна иднина, Ве загрижува податокот за големиот јавен долг?
Ковачевски: Според последните податоци, јавниот долг е близу мастришкиот критериум од 60 отсто од БДП. Заклучно со третиот квартал, во 2021 година изнесува 59,3 отсто, но би нагласил дека и во услови на криза, со добро поставената фискална политика и доброто управување со јавните финансии, успеавме да го намалиме за 3,8 процентни поени во однос на претходниот квартал.
Веќе е познато дека тоа ниво е резултат на кризата и на потребите што таа ги појави. Значи, државата беше исправена пред носење брзи одлуки за да се одговори на потребите на здравствениот сектор, за да се заштити здравјето на граѓаните, но и да се поддржи економијата. Ние тоа го сторивме и донесовме шест пакети антикризни мерки и тоа влијаеше на зголемување на јавниот долг за околу 10 проценти. Тоа не е само состојба со нашата земја, тоа се случува во речиси сите земји во светот во услови на ваква криза.
Секако, цврсто стоиме на заложбата за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво под 60 отсто од БДП. Така, согласно Стратегијата за управување со јавниот долг на среден рок, јавниот долг ќе се стабилизира и ќе се намали на ниво од 56,5 отсто.
Она што е важно и што го правиме е секогаш да ги обезбедиме средствата по најниска цена, како што беше случајот и при издавањето на Еврообврзницата во 2021 година со историски најниска каматна стапка од 1,625 отсто. Од друга страна, исто така е клучно што државата редовно и навремено го сервисира долгот кон кредиторите.