Нереaлен дефетизам
Неспособност да се соочиш со вистината
Големиот Блаже Конески со едноставен збор ја изговори вистината за важноста на македонскиот литературен јазик и неговото значење за македонското културно воздигнување, но и опстојување. Акцентирајќи дека Јазикот е нашата единствена Tатковина, Конески ја детерминираше таа силна неделивост помеѓу македонскиот јазик и Македонците.
Македонската посебност како народ, а со тоа и за македонскиот јазик како негова единствена татковина е нешто за кое наместо политика и лажен патриотизам, намесо нерелаен дефетизам ни треба сигурност во себе и во своето.
Таа сигурност ќе не донесе до резултатот кој му го должиме на овој народ.
Можеби некој се обидел да го смени коренот на ова општество со тоа што македонскиот јазик го носел во една паралела со едно нереално античко време. Можеби некој се обидел да разбуди чувства со користење на методи кои ни во време на градењето на пирамидите не било својствено, но на крај тие “методи” останале да висат во нечиј гардеробер.
Тоа е всушност дефитизмот- неспособноста да се соочиш со вистината. Или пак коренот на нереалниот дефетизам што некој се обидува да го наметне во македонскиот јавен дискурс лежи во неможноста да се соочи една индивидуа со фактот дека јазикот е недделив дел од едно (ова, наше, македонско) општество!
Јазикот и културата се столбовите на идентитетот на еден народ, на едно општество. Тие се средството со кое луѓето се самоидентификуваат, комуницираат со другите, со кои се потврдува нивното постоење и опстојување.
Обврската да го зачуваме и да го негуваме нашиот јазик не е само долг кон нашите предци и нашите потомци, тоа е обврска на сите што го љубат, го почитуваат и го негуваат македонскиот јазик.
Впрочем, тоа е обврска и долг кон културното наследство на човековата цивилизација, кон суштината на човековото суштествување.
Во светот денес се зборуваат меѓу 6.000 и 7.000 јазици, но на околу 3.000 им се заканува исчезнување. Според статистиката, во последните три века изумреле или драматично се намалил бројот на јазиците. Во секоја држава, изучувањето на мајчиниот јазик на нејзините државјани е обврска и право. Во секоја држава се изучува мајчиниот јазик.
И покрај тоа ние мора да ја искористиме силата на напредокот за да ги зачуваме разновидните претстави на светот и да ги промовираме сите извори на знаење и форми на изразување.
Но, колку ја негуваме нормата на стандардниот јазик? Колку и во кои ситуации зборуваме литературно? Тука ја согледуваме нашата јазична култура. Нормата треба да се почитува во секоја формална, официјална комуникација: на училиште, во пошта, во суд, на телевизија, радио. Дали во службената електронска комуникација пишуваме на кирилица? Дали употребуваме интерпункциски знаци? Интерпункцијата во пишаниот текст го одразува ритамот на зборувањето – паузите, интонацијата. Можеби овие работи изгледаат незначителни, но тие се слика на јазичната култура.
Јазикот е културно наследство во кое што се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Македонскиот јазик е најреферентното обележје на македонскиот народ. Да се занемари македонскиот јазик, значи да се занемари естетиката на македонската меморија и современост.
Јазикот е неизбришлив дел од културната меморија на еден народ, независно од тоа дали тој е голем или мал. Од гледна точка на јазичните и естетските вредности, не постојат мали и големи јазици, мали и големи книжевности, мали и големи културни мемории! Таа поларизација се прави само од гледна точка на глобализирачките и империјалистичките интереси на моќните држави. Затоа секоја јазична и книжевна практика треба да се негува како привилегија на човечката цивилизација и како неотуѓиво право на народите во светот.
Богатство е сè што човек ќе научи, а за познавањето на повеќе јазици одамна е кажано – колку јазици знаеш, за толку луѓе вредиш.