fbpx

Колумна на Сања Лукаревска: ЕДНА НЕДЕЛА ВО 2

Facebook
Twitter
LinkedIn

ЕДНА НЕДЕЛА ВО 2

Пред неколку години на ХТВ, гостинка во емисијата „Недељом у два“ (Во недела, во 2) беше Мира Фурлан. Таа прекрасна жена, позната југословенска актерка, зборуваше за нејзиното присилно заминување од нејзината Татковината која повеќе ја нема. Зборуваше како, на почетокот на деведестите години, во зенитот на својата кариера, под притисок на воената пропаганда и на сервилните медиуми ( дел од нив потоа медиумски тајкуни во Хрватска) си заминала со три куфери. Не можеше да каже „од дома“ зашто домот во Загреб кој го наследила од својата баба и бил конфискуван. Нејзиниот „грев“ бил зашто играла претстави и во Белград и во Сараево и во Подгорица и зашто се вљубила во србин !? Во една од најубавите и најбараните актерки се „пукало“ со тешка артилерија, со омраза во продолженија до фељтонски размери и наслови во весниците – „Тешкиот живот на лесната жена“. Лагите за неа биле повторувани додека не „станале“ вистина. Голем дел од медиумите се претвориле во погон за лаги. Не и било полесно ни во Белград.

„Говорот на омраза страсно ме зграбчи. Јавно ме линчуваа. Сите ми го завртеа грбот, и колегите и театарот. Никој не ме заштити. Бев дивеч за отстрел. За општеството и онака актерството е сомнителна професија. Не беше така одамна, кога за глумците беше забрането да ги закопаат на гробишта“-рече Мира Фурлан во интервјуто, а мене силно ме заболеа тие зборови. Од актерскиот леб јас пораснав, од тој леб се образував.

Можеби и затоа толку силно го запомнив ова интервју на Фурлан во 2008 година, претпоставувам снимено во фоајето на некој белградски хотел. Годините за кои зборуваше јас не ги памтев, бев дете. Но, 2008-мата бев девојка и имав доволно години за да разберам.

А Мира Фурлан сето тоа го зборуваше насмеана зашто, рече, не е пристојно да плаче.
Со дистанца од 17 години од нејзиното принудно емигрирање, таа констатира дека многу малку е сменето на тие простори. „Реториката е иста, наши и предавници. А заминав не можејќи да ја издржам таа болна страст. Сега гледам дека платената пропаганда успеала да им ја избрише меморијата на граѓаните за сопственото минато. Со заборав не се лекуваат раните, треба да памтиме и да не забораваме зашто тоа е одговорен начин на живот. Тоа не беше наивно, а владееше општ молк“. Така говореше Фурлан во 2008 ма.

Која иронија. Таа година почна да се загрева режимската пропагандна машинерија и во мојата Македонија. Наши и предавници, сомнителни лица, подобни и неподобни, новоразбудени патриоти, говор на омраза, линч, повторувани лаги дури не станат вистина…само за првите лица на режимот да можат нелегално да се богатат. Не беше наивно, а владееше голем молк.
Мира Фурлан почина во 2021 година. Хрватските медиуми емитува In memoriam прилози. Се оправдаа и можеби ја кажаа вистината, дека за Фурлан пишувале гадости „под притисок“ на креаторите на уредувачката политика.

Повторно го гледав интервјуто на Фурлан од 2008-ма. Со временска дистанца од 13 години од неговото прво емитување сега други зборови ми станаа уште посилни. На прашањето како се снашла во Америка, Фурлан ќе одговори : „да си емигрант таму тоа значи – од некој до никој ( from somebody to nobоdy), да го изгубиш и полека да создаваш или не нов идентитет или да го изгубиш чувството за тоа. Но, најважно во Америка е да имате став (attitude). Не мора да се согласувате, не мора да имате ист став, но важно е да имате став“.

Дали ние имаме став ? Сопствен став, па макар и спротивен. И тоа е став.
Имаме ли постојан став ? Зашто има вистина во зборовите дека непостојаниот став станува непостојан карактер. Разбираме ли воопшто што е став и колку е важен?!
Ставот не е мислење, па да се менува. Ставот не е предизборна програма, па да се ветува. Ставот е нешто што треба да се почитува. Став е и да го почитувате ставот на вашиот неистомисленик.
Според некои истражувања ставот е 85 % од успехот. Останатите 15 % се талент, интелигенција, способност. Затоа е важно да се има став. И да станете „од некој до никој“ е став. Тоа не е пораз. Пораз е да немате став. Дури и слободата не е лесна ако немате свој став.

Грашокот е зеленчук, но да не сакате да го јадете на планина е став. Тој став момчето Петар страствено си го бранеше. И браво за тоа. Познавам луѓе на кои кога ќе се „качат“ на врвот исто така не им се јаде грашок, ама од друга причина.

И за крај, да се вратам на почетокот.
Мира Фурлан почина од западнонилска треска. Настрада од каснување од комарец зашто единствениот нагон кај инсектите е да се најадат. Нагонот не е став.

Упатство:
Ако немате став, не го читајте овој текст. Во спротивно, консултирајте го вашиот лидер.

Сања Лукаревска

Последни вести