Повик за акција!
Во последните 20 години близу 40.000 млади ја напуштиле државата, ова е факт кој го покажа пописот спроведен во државата. Со исселување се соочуваат сите држави во регионот, не сме исклучок но сепак е поразителен факт. Треба прецизно да ги лоцираме причините и да делуваме сите заедно: дали е тоа подобар стандард или поголема културна разновидност или можеби нешто сосема друго? Call to action! Делувањето за младите во земјава мора да биде надпартиска мисија, затоа што тоа е влог за иднината!
Спроведовме успешен попис после 20 години, бројките може секој да ги толкува, но фактите се пред нас, и време е да почнеме да делуваме заеднички. Решенија а не виновници. Од пописот, нема јасна причина зошто младите се исселуваат, но доколку на вашиот интернет пребарувач напишете ‘исселување на млади во Македонија’ ќе може да дојдете до сите истражувања од последните неколку години. И токму таму може да се види дека огромна улога во создавањето на исселеничката психологија имаат повеќе фактори како ефикасноста на институциите, владеењето на правото, начинот на образование, ефектите од тоа и други.
Велат политичарите не соработуваат, пред не повеќе од 10 дена се одржа првиот политички хакатон во Тетово, во организација на Охрид институт. Претставници и претседатели на речиси сите политички подмладоци во државава, седнавме на иста маса, разговараме на многу теми и подготвивме 4 документи за предлог политики. Млади политичари, на иста маса, креиравме политики и решенија за иднината на сите млади во државата. Од една страна многу ме радува фактот што конечно излеговме од комфор зоната наречена ‘нашите политички партии’ и одлучивме заедно да пристапиме на проблемите и да изнајдеме решенија, од друга страна поразителен е фактот што на младиот политичар јавноста не му дава доволно простор, односно позитивните примери не продираат доволно длабоко низ живиот песок често полн и со лажни вести. Во едно да бидете сигурно, во нашата држава има образовани, амбициозни и доволно потковани млади за да го промениме светот, да го промениме нашето општество на подобро.
Младите, без разлика колку и како ќе соработуваме или пак секој со своите агенди, сеедно, треба засилено да работиме амбиентот во кој живееме да стане прифатлив. Ние, кога веќе историски сме предодредени да го носиме знамето на напредокот, треба силно да работиме на јакнење/ригидна професионализација на институциите, јавно и гласно да покажуваме на сите видови на неправда, почнувајќи од елементарното „преку ред“ и “само да прашам“, па се до поефикасно постапување на државните органи, а особено правосудството, судовите, полицијата, инспекциите итн. Дали тоа ќе бидат составени тимови за набљудување или пак воспоставени дежурни телефони, опциите се отворени за сите креативни идеи кои ќе дадат плод.
Ова не е само битка на една влада, на една држава, ова е битка на секој еден од нас. Со истиот непосакуван феномен се соочуват и Албанија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина па и во европските земји, иако таму оваа тенденција е помала, битка на целиот регион. Иницијативите како Отворен Балкан, RYCO, програмите на Националната Агенција за Европски образовни програми, ни отвораат можности и искуства кои што може да ги стекнеме преку размена на идеи и искуства во целиот регион и Европа.
Како општество треба да престанеме да го туркаме под тепих и да поченеме јавно да зборуваме за менталното здравје на младиот човек, бидејќи менталното здравје на младите е важно за целото општество. Ковид пандемијата највеќе ги погоди младите, и дополнително го разгорува огнот на стравот од неуспех, анксиозноста, депресијата и ги обесхрабрува дека може да успеат во својата средина, и ги насочува својата иднина да ја бараат во некоја од европските земји.
Да се вратам на почетокот, да, 40.000 млади се иселени во последните 20 години, ние сме тука, со намера тоа надвор да го создадеме тука, дома.
Марко Михаилоски
Претседател на СДММ