fbpx

Колумна на Васко Кичевски: За организмот наречен Скопје да функционира, „некој“ треба да засука ракави

Facebook
Twitter
LinkedIn

Во ова време/невреме, на Скопје му требаат луѓе што целосно ќе се вложат и без никакво его ќе се фатат да работат за Скопје и скопјани да живеат поубаво и похумано. Затоа на градската управа сакам да ѝ порачам:

РАЦЕТЕ НА ОРГАНИЗМОТ ДА ФАТАТ ДА ПОРАБОТАТ

Секојдневна слика на градот се преполните контејнери, а во последно време и хаос околу контејнерите и кантите од индивидуалните домови. Од неодамна, Градот и Комунална хигиена решија да го сменат терминот за отстранување на ѓубрето, веројатно за да заштедат ја укинаа втората смена, а со воведувањето на оваа одлука настана целосен хаос со ѓубрето по градов.

И сега наместо да зборуваме за понатамошен развој на комунална хигиена и како да почнеме со селекција на отпад на ниво на град, ние се враќаме децении наназад за да зборуваме за начинот и времето на собирање на отпадот. За неспособноста на Градската управа да достигне ниво, повисоко зборува фактот што ГЕС е во фаза на укинување на грант доделен од Energy cities за енергетска сиромаштија. Ако не ги користиме грантовите и не земаме позитивни искуства од европските градови, како „најдобриот“ менаџер планира да го развие Скопје?

ВКОЧАНЕТОСТА НА ВРАТОТ Е ВИДЛИВА

Развојот на културно-уметничкиот живот во Скопје никогаш не бил на пониско ниво. Како вкочанет врат без можност да ја свртиме главата лево или десно и да може да го облагородиме културниот живот во Скопје. Безидејноста оди дотаму што се копираат претходни градоначалници и се прави Виноскоп, веројатно следно е Пиволенд, па и Баскер-фест.

Не знам како никој во градската управа не гледа дека Скопје нема содржина, сѐ што остана се неколку претстави и некое иновативно кафуле што се обидува да остави простор за уметниците да го изразат револтот кон општеството. Со ваков културен живот без никаква програма, просторот за турбофолк и кафеански живот е претставен како идиличен простор за развојот на идните генерации.

Жалосно е да се гледа како Скопје културно пропаѓа, а со ваква градска управа, работите веројатно ќе станат уште полоши и ќе се радуваме на Цеца и слични на неа.

Еве да не биде дека постојано само критикувам (во следната колумна ќе давам решенија), ќе му предочам на градот да го земе позитивниот пример на Општина Центар и ЈАДРО каде што неколку културни работници со минимални средства од буџетот на општината успешно менаџираат со културно-социјалниот простор и создаваат содржина за почит. Вратот навидум е малку важен орган, но во суштина, можеби и најважен за да почнеме да гледаме пошироко и подалеку во нашите животи.

ГЛАВАТА СО МИГРЕНА НЕ Е ВО МОЖНОСТ ДА МИСЛИ

И стигнавме до најважниот дел од нашето тело, а секако тоа е главата – Данела Арсовска. Ниту еден од горенаведените проблеми не може да биде решен за шест месеци. Но, по 6 месеци власт се излегува со конкретен и веќе разработен план, како и со роковник, за тоа како ќе изгледа Скопје за 4 години, како и план за развој на Скопје за следните 15 години.

За ваквиот план се отвора широка дебата и се бара поддршка и од опозицијата и од позицијата, се бара и поддршка од сите етнички заедници, бидејќи Скопје е местото каде што планираме да останеме и местото каде што нашите децата ќе растат и ќе се развиваат во здрави индивидуи.

Има уште многу за што да се пишува, но темите за кои пишував денес се акутен проблем на Скопје и, без итно пристапување за нивно решавање, организмот Скопје целосно ќе биде метастазиран, по што враќањето ќе биде блиску до невозможно.

(Авторот е претседател на Градската организација на СДСМ)

Последни вести