fbpx

Интервју со Богоев: Опозицијата се однесува како да е на „копче” активирана од странски центри кои не и мислат добро на Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn

Во овие години често пати гледавме дека секогаш кога државата е во деликатна ситуација, тогаш ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски се обидува да ја дестабилизира, да крене тензија, да го закочи нормалното функционирање и на тој начин да се обиде да профитира врз грбот на граѓаните. Опозицијата се однесува како да е на „копче” активирана од странски центри кои не и мислат добро на Македонија, вели во интервју за „Локално“ потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, со кого поразговаравме воочи големиот протест на опозициската партија, кој е закажан за утре во главниот град.

Во однос на тоа дали реакцијата на премиерот Ковачевски била соодветна на сарказмот на Рама, откако го нарече „иден премиер на Западна Бугарија“, потпретседателот на партијата на власт смета дека тоа било обид да се создаде „една општа хистерија од страна на опозицијата“ викендот кога во саботата, канцеларот Шолц беше во официјална посета на земјава, а во неделата МПЦ-ОА се врати во канонско единство со православниот свет и Вселенската патријаршија да одржи заедничка литургија.

-Значи трбаше да падне во вода силна поддршка од една Германија и признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, смета Богоев.

На прашањето како досега се справува Владата со поскапувањето на цените и очигледното влошување на животниот стандард на граѓаните, дециден е дека мерките што се преземени и дел се уште се преземаат се „навремени и ефикасни и даваат резултати“.

-Секако дека следуваат и нови прилагодени и таргетирани мерки кои ќе се реалзираат по усвојувањето на ребалансот на Буџетот. СДСМ покажува постојана грижа за стандардот на граѓаните и тоа ќе продолжиме да го правиме преку конкретни мерки и политики.

За тоа како гледа на досегашното работење на новото раководство на Општина Карпош, чиј поранешен градоначалник е, посочи дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица „заглавија во деструкција, кочење на општината и напаѓање на се што било сработено во минатото“.

-Забораваат дека веќе локално не се опозиција. Кога си опозиција можеш колку сакаш да критикуваш. Кога си власт, граѓаните очекуваат решенија. Решенија до сега нема!, посочи Богоев, додавајќи дека водењето на советот од страна на Левица е аматерско, дури опасно.

Ние продолжуваме да дејствуваме самостојно во советот на општината, категоричен е екс-градоначалникот на прашањето за можната повторна соработка со Стевчо Јакимовски.

За почеток една тема која ја разбранува македонската јавност и донесе многу критики на адреса на лидерот на СДСМ и премиер, Ковачевски – дали реакцијата за „идниот премиер на Западна Бугарија“ беше соодветна, без разлика на познатиот сарказам на Рама?

-На тоа јас гледам поинаку, сметам дека беше обид да се создаде една општа хистерија од страна на опозицијата викендот кога во саботата, германскиот канцелар Шолц беше во официјална посета на земјава а во неделата МПЦ Охридска архиепископија да се врати во канонско единство со православниот свет и Вселенската патријаршија да одржи заедничка литургија.

Значи трбаше да падне во вода силна поддршка од една Германија и признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Што се однесува на самиот настан рековте и вие, Еди Рама е познат по своите иронични и саркастични коментари и тоа е реалноста што се случи. И тој како и ние чувствува горчина што процесот на евроинтеграција Северна Македонија и Албанија е закочен поради блокадите на Бугарија.

Премиерот Ковачевски има сериозен однос кон сопствената Влада и држава, сериозно ги води процесите и да точно е дека Северна Македонија нема да стане Западна Бугарија исто како што е точно дека македонскиот идентитет е обезбеден и сигурен.

Ветото од Бугарија е се поизвесно, такви најави се слушаат од Бугарија, а и кај нас не се преголеми очекувањата за „чудо во последен момент“. Како да се однесува С.Македонија ден по новата блокада од својот сосед? Како понатаму?

-СДСМ неколку пати повтори дека без разлика од исходот на јунскиот самит ние ќе продолжиме со реформите кои значат воведување на европски вредности и стандарди дома.

Тоа е процес кој е важен многу повеќе за нас самите како државата отколку за процесот на интеграција и од него нема да се откажеме.

Неколку извештаи на Европската комисија недвосмислено потврдија дека ние сторивме се, а во некои сегменти дури и повеќе од потребно и дека се исполнети сите предуслови за да ги започнеме преговорите. Тоа го констатираше и Советот на ЕУ.

Тоа значи дека како држава сме направиле се што е потребно, сме на вистинскиот пат. На ред е ЕУ да го испорача она што го заслужуваме.

Во меѓувреме Владата ќе продолжи да бара решение за отворените прашања со Бугарија но притоа цврсто стоејќи на црвените линии и бранјеќи ги државните национални интереси, потврдени и со усвоената Резолуција во Собранието. Ние нема како Мицкоски дома да зборуваме едно надвор друго. Знаете дека Мицкоски прифати, поддржа Резолуција на ЕПП со ставови на Бугарија, знаете како пред Бојко Борисов велеше „поткрепаме договора“. Ние сме принципиелни и одговорно ги водиме процесите водејќи сметка за националниот, државен интерес.

Дали со право е незадоволен народот од тоа како се води политиката во однос на Бугарија, нешто што со засилено темпо почна да се дебатира по палењето на бугарскиот културен центар во Битола? Треба ли да се заземе поинаков став во однос на тоа што треба да исполниме за да ги задоволиме барањата?

-Нашите ставови и позиции во однос на прашањето со Бугарија се јасни, нема поместување ниту милиметар од она што значат црвените линии потврдени со консензус и во Собранието.

За македонскиот јазик, македонскиот идентитет, македонската посебност и историја не се разговара и нема да се разговара, ниту со Бугарија ниту со кој било друг.

Македонци, македонски јазик, македонска посебност, сето тоа е меѓународно признаено и потврдено.

Како партија и Влада сме определени да водиме политика на пријателство како со соседите така и со целиот свет, но истовремено и да спречиме какво било евентуално загрозување на македонскиот идентитет.

Да ве потсетам, и за Преспанскиот договор викаа дека е предавнички и лош па врз основа на тој договор денес во срцето на православното христијанство, сред Цариград, се пее “Оче наш” токму на македонски јазик.

Во очекување сме на голем протест на ВМРО-ДПМНЕ на 18 јуни, во меѓувреме активната блокада во Собранието, како што велат од опозициската партија „е добро спроведена и ќе продолжи и понатаму“. Како го оценувате однесувањето на партијата во овие турбулентни времиња – економска и енергетска криза, инфлација, цените на производите и услугите се покачуваат на дневна основа…Дали можеби гледате некое смислено сценарио за дестабилизација на земјата?

-Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ во време на ваква сериозна светска економска криза е безобразно и лицемерно. Гледаме во целиот свет обединување на партиите само кај нас ВМРО-ДПМНЕ нешто одмага, кочи, блокира.

Наместо да бидат конструктивни, да поддржат мерки кои се за помош на граѓаните, тие го блокираат Собранието и сакаат да предизвикаат тензии.

Додека граѓаните чекаат законски решенија, чекаат усвојување на ребалансот за да добијат помош од државата, тие опструираат и блокираат.

Еве последен пример е тоа што нивниот пратеник Бојан Стојаноски наместо да ја води комисијата каде се расправа за ребалансот, тој замина за Египет и сега носењето на ребалансот дечакше денови. А со ребалансот чекаат и граѓаните, затоа што се предвидени поголеми плати, пензии, нови мерки за заштита на стандардот и слично.

Но затоа пак се многу ревносни во одбарана на криминалот на режимот, криминалот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Последната судска пресуда за Талир 2 и криминалот со Белиот дворец се последна потврда за тоа. Наместо да се извинат, да повикаат на одговорност и да побараат сите пари украдени од граѓаните да се вратат кај народот, на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да го бранат Груевски. За жал гледаме дека ништо не се променило во опозициската партија, тоа е стара, криминална, нереформирана партија.

Во овие години често пати гледавме дека секогаш кога државата е во деликатна ситуација, тогаш ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски се обидува да ја дестабилизира, да крене тензија, да го закочи нормалното функционирање и на тој начин да се обиде да профитира врз грбот на граѓаните.

Опозицијата се однесува како да е на „копче” активирана од странски центри кои не и мислат добро на Македонија.

Но тоа никако не им успева и нема да им успее ниту сега, граѓаните не сакаат блокади, не сакаат враќање назад, туку тие од нас политичарите бараат решенија, мерки и проекти што ќе им го подобрат животот, а тоа гледаме дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не можат да го обезбедат.

Избори веднаш, како што секојдневно бара Мицкоски, или по две години? Дали СДСМ е подготвен за предвремени избори и дали, по резултатите од минатите локални избори, очекувате подобар резултат? Се цитираат анкети кои велат дека заостанувате….

-Парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година. Парламентарното мнозинство е стабилно и брои 64 пратеници, владината коалиција функционира одлично.

Мицкоски бара избори единствено за да ја зачува својата фотелја додека партијата се уште го има белиот дворец.

Знае тој дека оној капитал што го стекна на локалните избори брзо му се троши поради неспособноста, неработењето на неговите градоначалници, но истовремено е и уплашен за својот внатрепартиски рејтинг па затоа глуми заменик градоначалник на секој општина раководена од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој е повеќе уплашен за својата позиција внатре во партијата и затоа има насушна потреба континуирано да бара избори, а во партијата да најавува на своите “Внимавајте што правите, самошто не сум станал премиер”.

СДСМ, заедно со парламентарното мнозинство, заедно со граѓаните нема да дозволи државата да се парализира во време на криза и неколку месеци да минеме во неизвесност, само затоа што Мицкоски од исклучиво себични причини сака да има избори.

Изборите ќе бидат редовни и на нив Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочат со уште еден пораз од граѓаните.

Граѓаните знаат од искуство во минатото дека СДСМ е најстабилниот партнер во кризни времиња за државата.

Како досега, според вас се справува владата со поскапувањето на цените и очигледното влошување на животниот стандард на граѓаните? Колку мерките преземени помогнаа во олеснување на граѓаните да го пребродат овој период?

-Кризата е глобална и голема а граѓаните од Европа но и целиот свет ги чувствуваат последиците поради воената агресија на Русија врз Украина. Мерките што Владата предводена од СДСМ ги презеде и дел се уште ги презема се навремени и ефикасни и даваат резултати.

Со 26 мерки вредни 400 милиони евра реагиравме веднаш за да го заштитиме стандардот на граѓаните и тоа донесе резултат во борбата со поскапувањата.

Се уште ја субвенционираме цената на струјата за домаќинствата и благодарение на тоа над 2.000 денари месечно заштедува едно просечно семејство на сметките за струја, повторно ги ограничивме маржите на основните прехранбени продукти, за да спречиме раст на цените во следниот период.

Но покрај тие мерки донесовме и системски решенија кои значат повеќе пари кај граѓаните. Минималната плата ја зголемивме на 18.000 денари, договоривме зголемување за 15 отсто на платите во образованието, детската заштита, правосудството, а следува раст на платите во сите останати сектори.

330.000 пензионери ќе добијат рекордно зголемување на пензиите, а претходно за три месеци добија дополнителна финансиска помош од по 1.000 денари.

Секако дека следуваат и нови прилагодени и таргетирани мерки кои ќе се реалзираат по усвојувањето на ребалансот на Буџетот.

СДСМ покажува постојана грижа за стандардот на граѓаните и тоа ќе продолжиме да го правиме преку конкретни мерки и политики.

Како поранешен градоначалник на Карпош, како во моментов гледате на работењето на новото раководство на чело со Јакимовски? Доста обвинувања стигнаа на ваша адреса откако го напуштивте градоначалничкото место…

-Сметам дека не е воопшто доволно направено во овие скоро 8 месеци. Иако за волја на вистината, свесен сум дека трошоците за струја и осветлување на општината се драстично зголемени. Но, карпошани за жал сметаа дека треба да направат комплетна промена во општината, и градоначалник и советници. Но тоа веќе се покажува како неуспешно.

Дополнително, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои требаше да направат некаква промена, заглавија во деструкција, кочење на општината и напаѓање на се што било сработено во минатото. Забораваат дека веќе локално не се опозиција. Кога си опозиција можеш колку сакаш да критикуваш. Кога си власт, граѓаните очекуваат решенија. Решенија до сега нема!

Што се однесува до нападите кон мене, тоа не е ништо ново. Истите ги имаше и кога бев градоначалник и тоа од истите партии и луѓе. Но како што претходно кажав, времето истекува, граѓаните чекаат решенија на проблемите.

Времето ќе покаже дали јас и СДСМ или тие сега подобро ги решавале проблемите на карпошани.

Очекувате ли проблеми во работата на општината по „раскинувањето“ на ГРОМ и ВМРО-ДПМНЕ во Карпош? Можна ли е повторно соработка на СДСМ со својот поранешен член?

–Јас воопшто во овие осум месеци не видов дека советот на општината функционира. Особено водењето на советот од страна на Левица е аматерско, дури опасно. ВМРО – ДПМНЕ, Левица и ГРОМ имаа проблем да сфатат дека се власт и од нив се очекуваат решенија.

СДСМ и коалицијата останува со својата советничка група да делува во интерес на граѓаните. Тоа значи поддршка на се што е конструктивно и корисно за карпошани, а од друга страна остро спротивставување на се што штети на општината и нејзините жители. Нашите советници добија мандат за тоа. Дополнително, очекувам и серија на предлози од нашите советници во Карпош од програмата којашто се презентираше пред изброите.

Ние продолжуваме да дејствуваме самостојно во советот на општината.