fbpx

Колумна на Перо Костадинов: СОЛИДАРНОСТ, СОЦИЈАЛНА ПРАВДА И ДОБРИНА – ВЕДНАШ!

Facebook
Twitter
LinkedIn

СОЛИДАРНОСТ, СОЦИЈАЛНА ПРАВДА И ДОБРИНА – ВЕДНАШ!

Светот е исправен пред нова светска криза, сериозни предизвици на воспоставените концепти во политиката и економијата и тектонски поместувања во сите сфери на општественото живеење.

Се очекуваат месеци, а можеби и години во кои економската криза ќе биде подраматична од сите други претходно. Голем број луѓе во светот, особено во Европа ќе бидат на работ на бездната, ќе биде погоден секој граѓанин, а многумина ќе се соочат и со проблемот на голо преживување.

Во ЕУ на сцена се огромни инфлаторни тенденции и сериозно намалување на куповната моќ кај граѓаните. Балтичките држави Естонија, Литванија и Летонија, бележат стапки на инфлација од 20 до 22,7 проценти. Дванаесет земји-членки на ЕУ имаат стапка на инфлација повисока од 10 отсто. Во светот, Канада бележи 8,1 отсто, во Мексико 8,15 отсто, Бразил 11,89 отсто, Чиле 12,5 отсто. Светот има сериозен проблем со растот на цените. Високата инфлација се шири и со себе повлекува редица нови последици кои допираат до секој еден граѓанин.

Економската криза се трансформира во нова политичка реалност на штедење која пак се заканува на повеќе од шест децениската социјална солидарност и заштита на човековите права во земјите од ЕУ. Мерките за штедење ги влошуваат и онака тешките последици од економската криза обележана со рекордно ниво на невработеност. Целиот спектар на човекови права е погоден, а многу ранливи групи на луѓе се несразмерно загрозени. Економската криза, го поткопува капацитетот на централните и локалните власти да обезбедат заштита на човековите права и истите се исправени пред најголемиот егзистенцијален предизвик до сега.

Особено сакам да ја потенцирам потребата од грижа за лицата со попреченост. Овие лица имаат поголема веројатност да живеат во сиромаштија од сите останати. Како поради неможноста да вршат одредени работи, така и поради распространетата дискриминација и низата структурни бариери за економска безбедност. Затоа, повикувам на фокус на цело општество кон ова група сограѓани и заедничка акција кон нивна поддршка и полесно справување со неприликите во кои се наоѓаме.

Како ранлива социјална група, тие веќе се бореле со финансиски, социјални и тешкотии при вработувањето уште пред здравствената и економската криза. Денес се пред дополнителна обесправеност, а јазот меѓу нив и остатокот од општеството станува уште поголем.

Потребен е силен солидарен концепт на меѓународно и државно ниво, како и иницијативи од локалните заедници пропратени со индивидуални акции на емпатија и плодотворен човечки алтруизам. Потребна е солидарност како елемент на човечкото здружување кое ја нагласува кохезивната општествена врска и го држи заедништвото цврсто.

Верувајки во ова, како праведен пристап, Општина Валандово деновиве промовираше еднократна субвенција, како најнова во редот мерки наменети за помош на лицата со попреченост од нашата локална заедница. Се работи за финансиска поддршка во висина од 20.000 денари, која опфаќа повеќе групи на лица со попреченост и ја зајакнува солидарната компонента во заедницата.

Во ребалансот на Буџетот за истата се планирани околу 1,6 милиони денари кои ќе бидат исплатени како помош на овие лица и нивните семејства во наредниот период. Мерката е дел од еден поширок концепт во нашата општина и уште еден чекор кон заедничката цел да создадеме емпатична заедница со широки срца, меѓусебна поддршка, силна инклузија и ниту една категорија на отфрлени граѓани. Поддршката, иако симболична, е значајна за оние кои ја добиваат и го симболизира нашиот вредносен модел кaко луѓе.

Алтруизмот како спротивност на себичноста е насушна потреба денес. Тој како вредност, го гарантира доброто за другите над она што е добро само за себеси. Алтруизмот и заедничките вредности треба да лежат во основата на социјалната солидарност за да се избегне себично однесувањe.

Она што ќе го посееме денес како луѓе, ќе се жнее од генерациите после нас. Затоа, имаме обврска да создадеме свет на добрина и рамноправност, да си подадеме рака еден на друг, да го храниме убавото во нашите души, да бидеме добри луѓе, да помогнеме на луѓето со попреченост и да не води праведноста како основна вредност, низ животните патеки. Изборот е наш. Вистинскиот момент е сега.

Последни вести