Кој подалеку ќе плукне
Денот на независноста е ден кога ја славиме борбата-во секоја своја форма и на секое ниво, колективно или индивидуално- за осамостојување и постигнување на највисоко ниво на демократија. Таа демократија може да се однесува на остварување на колективно или индидвидуално право. На пример, демократија е поголема застапеност на жените во политика, медицина, наука, приватен сектор, но демократија е и остварување на колективно право на одредена група, како на пример правото на образование на маргинализирани групи. Демократија е и да можеме да кажеме што мислиме на глас. Точка. Толку. Тоа е демократија. Највисоко ниво на демократија е правото на говор. И покрај сите обиди за моментот “волк волк” од страна на одредени поранешни трпители на тој феномен, слободата на говор е нешто што денес се ужива на високо ниво. Кога порано, во не толку далечна иднина, некој ќе се дрзнеше да искритикува јавно или уште полошо да исмее јавна личност а камоли сопствената надлежна личност? Можеби се должи на моите години, ама не се сеќавам порано да се уживала слободата да се каже дека воздухот е загаден и дека не се живее, а притоа да не се добие телефонски повик и “најдругарска” молба да се брише коментарот бидејќи “читаат”и ќе има последици?
Да се вратиме на правото на говор и независноста. Прославите за денот на независноста не само во државата туку низ целиот свет, беа проследени со мал милион коментари- чија независност славиТЕ? И се прашувам- кои се ТИЕ што се изделуваат од толпата? Не славеа тој ден? Не се потсетија на Киро Глигоров? На Борис Трајковски? На борците од НОВ? На Илинденците? Или селективна ни станала меморијата наместо колективна? Го употребија денот за политички препукувања? Се фотошопираа слики, се креваше фама за уставното име, се броеа луѓе, безброј статуси на социјалните мрежи се пишуваа…
Кога станавме народ кој не се радува на самостојноста на својата држава? Кога се претворивме во народ кој едвај чека да најде “влакно во јајцето”?
Кога станавме народ односно од кога нашите интелектуалци посакуваат честит јубилеј на државата со “затворени очи, црни мисли, со кнедла во грло”? Зарем не поминавме толку многу за да можеме да кажеме дека 30 турбулентни години не направија горди на сите борби? На борбите на секоја генерација, без разлика дали била борба за стиропор или борба за сплотување. Секој со приоритетите, нели.