Колумна на Стефан Богоев, пратеник во Собранието на Република Македонија и претседател на СДММ за Радио Слободна Европа, 12.08.2017
Сите заедно, ние граѓаните на Република Македонија поминавме, а за волја на вистината и сè уште поминуваме низ еден тежок период за државата. Македонија со години ја тресат политички, на моменти и безбедносни кризи кои започнаа со мега скандалот за масовно прислушување и целиот криминал кој беше откриен во Вистината за Македонија, па сè до аболициите, Диво Насеље и обидот за убиство на 27 април во Собранието. Од ден во ден, од криза во криза, сите ние се надевавме и сè уште се надеваме дека ситуацијата конечно ќе се врати во нормала. Се надевавме на изборите кои два пати беа одложувани, се надевавме на помош од меѓународната заедница. Сепак, иако меѓународната помогна и сè уште значително помага, на крајот од денот, сите ние сме самите господари и креатори на нашата сопствена судбина.
После долги години имавме делумно фер и нормални избори и конечно после скоро 11 години имаме Влада која е од и за граѓаните на Република Македонија. Влада составена и предводена од чесни професионалци кои имаат идеја, имаат визија и имаат план како навистина да го вратат животот во Македонија. Сите ги полагаме нашите надежи токму во овие луѓе и тоа е сосема оправдано, нормално, логично и очекувано.
Но сепак, на мое лично, а верувам и на дел од вас драги читатели очекување, остатоците од режимот сè уште опстојуваат и ни прават навистина сериозни проблеми на нас, граѓаните, но и на Република Македонија во целост. Всушност, режим не е само партија, режим е концепт и идеа кој сè уште треба да работиме за докрај да го поразиме за, како што честопати велевме, „ова зло никогаш повеќе да не се повтори“.
Новата реформска Влада веднаш дава позитивни ефекти. За прв пат после една декада, Македонија гради мостови наместо ѕидови кон соседите. Постигнат е историски договор за добрососедство со Република Бугарија. Стигаат позитивни сигнали од НАТО и ЕУ, а после долги години и од грчка страна. Република Македонија забрзано се враќа на вистинскиот пат. Сепак и ова наидува на проблематизирање од страна на остатоците од режимот.
Се носат и нови мерки и политики кои ќе ги решаваат реалните проблеми на граѓаните. После долги години, минималната плата ќе се покачи на 12 илјади денари, се обештетуваат стечајците, се укина Кембриџ и екстерното, се укинува радиодифузната такса, се воведуваат олеснителни даночни реформи, се помага на работниците и граѓаните. И таман ќе помислиме дека сето ова ќе помине едногласно, некој веднаш ќе почне да бара влакно во јајцето. Остатоците од режимот, злоупотребувајќи го Деловникот на Собранието, наоѓаат низа шибицарски финти за сето ова да го блокираат.
Ситуацијата кулминира со долго очекуваното разрешување на заштитникот на режимот и фамилијата, Марко Зврлевски. Опозицијата предводена од Груевски (кој патем речено како пратеник не е појавен со месеци на работа), со жив штит го брани оној кој долги години ги бранеше нив од криминалот. Формираа од една коалиција десет пратенички групи, злоупотребуваат паузи и процедурални забелешки. Командата од Николае Груеску е јасна, Зврле не смее да падне!
И кога многумина логично мислат дека Зврлевски е последната брана и упориште на режимот, јас сакам да дојдам до поентата на оваа колумна. Точно, Зврлевски е една од последните брани кои стојат на патот на реката наречена Правда, но не е и последниот. ВМРО-ДПМНЕ контролира повеќе од педесетина општини. Таму се вршени најголем број на вработувања на партиски послушници, тоа се дувла на криминалот на груевистичкиот режим кои истовремено со децентрализацијата имаат и големи ингеренции и можности на располагање.
Па така, покрај Зврлевски, на чело на последните режимски упоришта сè уште опстојуваат инкриминирани ликови како Јакимовски, Трајановски, Коневски, Талевски, Захариев, Ристески, Бакрачевски, Чадиев… Луѓе кои сè уште ревносно и редовно му служат на груевистичкиот режим и ги кочат преку нивните инсталации во Собранието и институциите реформите кои треба да го вратат животот во Македонија.
Впрочем, по она што чаршијата го зборува токму тоа е и мантрата на Груевски и фамилијата во последната битка за спас на нивната кожа. Очајно, но редовно, уплашено, но мотивирачки, секојдневно зборуваат по нивното членство дека мора да победат на локалните избори за потоа да бараат предвремени парламентарни и да се вратат на власт. Тоа им е последната карта, тоа е сламката за спас за која се фаќаат.
Ние останатите, свесните и чесни граѓани на Република Македонија треба веднаш ова да го пресретнеме. Локалните избори не се и нема да бидат само и само за идеи за решавање на комуналните проблеми на граѓаните. Локалните избори се од суштинско значење за патот по кој ќе се движи Македонија во наредните години. Со убедлива победа на локалните избори на граѓаните предводени од СДСМ и коалицијата, ќе обезбедиме гаранција за нас, но и за идните генерации дека државата ќе продолжи да се движи по патот на прогресот и реформите по кој почна пред повеќе од два месеци со формирањето на новата Влада.
Познавајќи ги состојбите во Собранието, ве уверувам дека тактиката за блокада на Собранието, а со тоа и на реформите и на животот во Македонија, многу лесно ќе биде урната како кула од карти со убедлив пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори. Пораката треба да тргне од поголемите центри како Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Прилеп, Штип, Охрид, Велес па сè до најмалите рурални општини. Општините се последниот бастион на режимот, пипците кои се останати под контрола на главата на грогираниот и криминален боксер. Требаме и мораме во корен да ги исечеме за државата да продолжи да чекори напред.
Да сумирам, реформите предводени од реформската влада ќе продолжат отежнато, но сепак ќе течат. Борбата со десетте пратенички групи на ВМРО ДПМНЕ ќе продолжи и ќе се интензивира. Но, за да превенираме вакви блокади, да превенираме ваков режим, да превенираме вакво зло во нашата Македонија, мораме да извојуваме убедлива победа на локалните избори. Тоа е клучот за докрајчување на груевизмот, тоа е суштинска потреба за да продолжи Македонија да чекори напред.
Затоа, од петта да префрлиме во шеста брзина и да си ги вратиме општините назад кај граѓаните. Да ги избереме најдобрите кандидати и да се впуштиме во интензивна работа. Потоа, неминовно режимот целосно и конечно ќе биде распарчен. Дури, можеби и токму на десет дела, како што денес има десет пратенички групи.
П.С. Ние карпошани ќе ја имаме најслатката битка. На Стевчо нема да му биде многу драго, но нам ќе ни биде многу мило и ќе му вратиме за сè во изминатите години, мило за драго.