fbpx

Што тогаш кога лагите ќе се откријат

Facebook
Twitter
LinkedIn

Колумна на потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски за дневниот весник „Дневник“, 18.04.2017

Парламентарна лакрдија, односно тафтологијата содржана од пропагандно поврзани инсинуации, лаги и манипулации што доаѓаат од страна на парламентарното малцинство, во функција на новата, „купи ден – продај“ стратегија на опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше емитувана и претходната недела.

Сите се уверивме дека со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е беспредметно да се аргументира секој предлог и дискусија што ќе значи скратување на нечие време на слобода, без разлика колку тоа е деловнички или Уставно.

Пратениците од новото парламентарно малцинство мака мачат да ја поткрепат наредбата од нивната криминално-партиска врхушка, верглајќи во основа исти реченици, кои се класичен пример за инсинуации, со единствена цел, одолговлекување преку замајување на јавноста и бесконечно влечење на седниците со нивните небулозни дискусии.

Принципиелно кажано, пратеничката група на опозициска ВМРО-ДПМНЕ е сочинета и од многу квалитетни и писмени индивидуи на кои им е повеќе од јасна реалноста и вистината, но нивната индивидуалност и личен став ќе можат да го соопштат дури откако оваа партија ќе се избори за интерни промени во раководството.

Моментално тие се доведени во многу незавидна ситуација, бидувајќи алка во погубната стратегија на наредбодавачите, која со сигурност во други услови остро би ја осудиле.

Дека врхушката на до вчера владејачкото мнозинство е сериозно расклинкана се потврди и со последното интервју на оној што се колнеше дека „до гроб“ останува со нивниот наредбодавач Мијалков, кој прецизно изјави дека ги напушта. Да, Мендух Тачи можеби ја депласира ДПА како партија, но доволно е искусен да процени на каде дуваат топлите ветришта и каде е тежиштето на фактите и аргументите.

Но нејсе, во интерес на вистината, јавноста треба да знае дека и пратениците од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и пратениците од парламентарното малцинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, во своите раце држат ист деловник и исто го читаат. Но првите ги чека држава за водење и треба да обезбедат иднина за граѓаните, па им се брза. Другите ги чека опозиција, а нивните наредбодавачи некое друго место, па не им се брза толку, повеќе би дебатирале.

Но таа дебата оди на штета на државата и граѓаните и реално мора да запре. Иако претседавачот, злоупотребувајќи ја позицијата, континуирано манипулира со деловничките (не)можности, сепак јавноста, која во иднина треба да даде оценка и оправдување на одредени потези, треба да знае дека согласно член 90 од деловникот: Говорникот може да говори само по прашање за кое се води претрес, а ако се оддалечи од прашањето, претседателот на Собранието ќе го повика да се придржува за прашањето. Ако говорникот и по повторното повикување не се придржува до прашањето, претседателот му го одзема зборот.

Ако претседавачот го практикуваше овој член, досега седницата ќе беше завршена, а прогресот на државата откочен. Ако Вељановски го практикуваше деловникот, на кој е обврзан со закон, истиот ќе мораше да го стави на гласање предлогот на пратеникот Оливер Спасовски, да преминеме на следната точка од дневниот ред – избор на претседател на Собранието.

Тоа е овозможено со член 78, кој јасно кажува дека во текот на седницата по предлог на претседателот на Собранието, на предлагачот или пратеник што го поддржуваат најмалку десет пратеници, Собранието без претрес одлучува по секој предлог за измени во редоследот на претресот по точките од дневниот ред, односно да се води единствен претрес по точките од дневниот ред што се меѓусебно поврзани.

Иако некои упорно се придржуваат до членот 80 од Деловникот, во кој се укажува дека претресот трае с` додека не се исцрпи листата со пратеници што се пријавиле за збор, сепак, никаде не е наведен ниту збор дека среде претрес, с`додека не се исцрпи и последниот пратеник пријавен за дискусија, не смее да се менува редоследот на точките од дневниот ред.

Тоа, почитувани, е деловничка можност да преминеме кон поважните теми, а потоа да се вратиме на претходните. А што е поважно од изборот на претседател на Собранието од страна на пратениците?

Еве, хипотетички. Што ако времето н` донесе исправени пред одлука што истовремено е поитна и побитна отколку небулозните дискусии на опозиционите пратеници? Што ако н` пресретне одлуката за одлагањето на локалните избори, ребалансот на буџетот или воопшто донесување на буџетот за идната година? – одлуки од голема важност за нормално функционирање на институциите и општеството во целина.

Ќе речеме добро е да имаме дебата во која ќе вергламе невистини, а ќе ги оставиме земјоделците без субвенции, а пензионерите без пензии?

Излишни се беспредметните дискусии на пратениците од идната опозиција поткрепени и од Трајко Вељаноски, кој работи спротивно од неговата мисија како претседавач и спротивно на интересите на граѓаните, за што треба веднаш да си поднесе оставка.

Kако и да е, пратениците од мнозинството со граѓаните ќе ја завршат својата мисија да ги одблокираат институциите и да почнат со реформите кон посветла иднина.

Но, ме интересира, кога сето тоа ќе заврши, кога ќе избереме претседател на Собранието и нова Влада на Република Македонија и кога ќе се потврди дека с` што се дискутирало од парламентарното малцинство и за што било одземено драгоцено време на граѓаните, било лага. Дека платформи не постојат и лагите врзани со тоа, а нивните членови беа попусто малтретирани на митинзи за не знам што, а на граѓаните покрај 11-те години им беа одземени дополнителни месеци.

Што тогаш кога лагите ќе се откријат?

 

 

Последни вести