fbpx

Старото е мртво, новото мора да се роди

Facebook
Twitter
LinkedIn

Колумна на Кире Наумов, претседател на комисијата за финансии на СДСМ за порталот Плусинфо, 11.04.2017 година

Постои едноставна и многу точна дефиниција на моментната криза во Македонија. Тоа е состојба во која старото умира и, знаејќи дека станува неповратно мртво, не дозволува да се роди новото. Впрочем, и во природните процеси ова е состојба на криза од која доколку не се излезе со смрт на старото и со раѓање на новото, угинале голем број видови. Во нашиот случај е сосема јасно дека старото не може да преживее, а единствен проблем е дали може да нè повлече и нас останатите и сето тоа да заврши во еден нецивилизиран расплет со крвава оргија.

Сосема се на место сите сомнежи на оние што велат дека не секогаш цивилизираниот пристап го победил варварството. Притоа, мора секому да му е јасно дека Македонците по некоја случајност нема да бидат првиот народ што го снемало во текот на историјата. Тоа им се случувало на многу поголеми народи. Од таа причина, новото мора да се роди, природно е дека старото ќе се бори да не умре, иако тоа е невозможно, а процесот мора да заврши минимум цивилизирано и што побрзо.

Гробар на национализмот

И покрај ваквата можеби драматична дефиниција на состојбата, оваа криза изроди две работи што се извонредно важни за посветлата иднина на Македонија. Најважно е тоа што, покрај другото, Никола Груевски е гробарот на македонскиот национализам. Во целиот период на неговото владеење, а посебно во последните неколку месеци, тој ги заковува последните шајки во сандакот на македонскиот национализам. По ова, тој може да егзистира само во оној карикатурален облик, кој денес го гледаме на улиците или на екраните. Тоа е козерија што не може да ја смисли ни продукцијата на Дизни под наслов „Влијанието на јужноамериканските револуции од минатиот век врз македонските Паја Патак и Мики Маус“. Не помалку важно е и второто. Не знам дали владеењето на Али Ахмети во 13 од последните 15 години го погреба албанскиот национализам целосно. Но, знам дека ниту еден Албанец или Албанка нема повеќе никогаш својот син, брат или сопруг да го довери во рацете на кој било командант, за тој да биде доброволен дарител на туѓа крв за некаква албанска кауза. Овие два момента се најважната основа на која ќе се темели перспективата на просперитетното општество.

Сепак, за да се ефектуираат овие две придобивки, новото мора да се роди. Оној што со своите постапки најотворено го закочи овој процес уште во февруари е – Ѓорге Иванов. Во секоја мафијашка фамилија постои најмалку еден или повеќе приглупи членови, кои единствено се користат за во даден момент да ја признаат вината на другите и да одлежат за нив. Што поради својата тупост, а што поради тоа што му е одамна прилепена една квазиразузнавачка булумента, Иванов неповратно ита кон тоа со својот грб да им намали на своите шефови дел од одговорноста. Оние што се прилепени околу него се полусвет, кој како разузнавачко подземје функционира од осамостојувањето па до денес. Како „осми патник“ тие се префрлаа од една на друга структура, независно дали е таа на власт или во опозиција, дали е лева или десна. На крајов, по долг период најдоа домаќин во Иванов.

Клерофашистички талог

Официјалните структури на разузнавачките заедници секогаш мудро стојат на дистанца од нив и прикриваат било каква официјална врска. Сите се срамат дека кога било некој ќе докаже дека користеле таков талог од персони. Од таа причина се користат петро-рубљи и нарко-динари (српски), кои многу тешко се врзуваат за главните налогодавачи. Секако, и валутите не се такви како што ги пишува овде, но така е полесно да се разјаснат работите. Таа структура паралелно, секогаш како на свирче, ја активира својата булумента скриена зад мантиите. Веднаш се активираат владиките, кои отсекогаш сонувале кога ќе пораснат да станат Амфилохие, Пахомие или некој сличен клерофашистички талог од СПЦ.

Со раѓањето на новото, покрај другото, овој „осми патник“ ќе остане на отворено и ќе умре заедно со старото. Од таа причина, неговата борба за сопирање на процесот содржи највандалска компонента, која е и најопасна закана за цивилизирана разрешница. Во константата на овој „осми патник“ секогаш било и останало делувањето против западот. Нивниот таргет и сега се ЕУ дипломатите и, пред сè, американскиот амбасадор Бејли. Нивниот најголем успех е што денеска во јавноста создадоа атмосфера дека секој треба да се плаши да брани или да пофали кој било западен дипломат, а посебно Џес Бејли. Лицемерието тука е така смислено што структурата на „осмиот патник“ распослана низ државава, е токму онаа што во долг период, во последниве 27 години, им се умилкувала на сите амбасадори на САД. Тие биле први на официјалните средби, а притоа десетици пати оделе да плачат и да бараат заштита во истата таа амбасада затоа што наводно биле шиканирани тие како личности или, пак, нивниот бизнис од власта или од опозицијата.

Авторот на овој текст имал можност да се запознае само со една амбасадорка на САД и тоа исклучиво службено кога интензивно се среќавал со сите амбасадори во државава. Не сум имал можност ниту да се ракувам со ниеден од нив, заклучно и со актуелниот денес. Но, тука со целосна одговорност тврдам дека напорите на ЕУ, а пред се на недвосмислениот ангажман на Џес Бејли за враќање на правната држава и на принципите на евроатлантските интеграции е единствената, и последна, шанса Република Македонија да опстане, а со тоа и македонскиот народ. Тоа го знае и режимот, а секако и „осмиот патник“ што живее во Иванов.
Проблемот е што знаат дека во тој филм ги нема нив и затоа се подготвени вандалски да претстават дека сè што е за овие принципи, значи предавство на некакви македонски интереси. Во принцип, тие работат на она што значи суицидна варијанта на снемување еден народ.

Бакшиш за Кремљ

Пред крајот, само неколку реченици за оние свесни и несвесни краци од „осмиот патник“, кои дебилски тврдат дека место ЕУ и НАТО иднината треба да ја бараме во некоја источна варијанта на сивото руско гето. Секогаш сум се прашувал дали некој од нив ја прашал Москва и Путин дали воопшто не сака во својот атар? Во далечната веќе 2007 година бев во долга службена посета на Москва. Приемот беше извонреден, но без никаков ефект. Се обидував да иницирам каква било соработка на економски, културен, политички, па и на безбедносен план. На крајот од средбата на московскиот аеродром, мојот домаќин кој и ден денес е високо позициониран во Кремљ, ми рече: „Не се сакалдисувајте, господине Наумов. Тука можам да ви зборувам неофицијално. Сега ќе дознаете и дека, освен англиски, знам и некоја мешавина на македонско-српско-руски јазик (се фалеше дека го знае зборот сакалдисува). Македонија никогаш историски не била и нема долго да биде на мапите со кои оперира Кремљ. Нашата цел секогаш била таму да ја имаме Бугарија или Србија. Кога наши партнери се Бугарија или Србија, или пак двете, Македонија ни е како бакшиш (буквално изговорено – бакшиш). Ако немаме некој од нив, вие не ни вредите ништо“.

И, сосема на крај. Се лажат оние што мислат дека ова со блокадата на Собранието може да трае со години. Ако ништо друго, неопходен е ребаланс, бидејќи и лани ова време тој почна да се подготвува од страна на актуелнава влада. Во спротивно, или Буџетот, односно трезорот, ќе колабира, или министерот за финансии и вработените кај него ќе мора да работат незаконски за што ќе мора драконски да одговараат. На крајот на краиштата, ќе дојде крајот на годинава и ќе мора да се носи нов буџет. Воедно, не сакам ни да помислам дека Владата случајно се подготвува за издавање нова еврообврзница некаде во јуни, а пак, во друга варијанта Македонија би дифолтирала кон странските кредитори.

Значи, новото неминовно мора да се роди на цивилизиран начин и час поскоро.

Последни вести