СТОП ЗА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ
Поттикнат од Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, како и кампањата „16 дена активизам против родово заснованото насилство“, сакам да ја потенцирам важноста на оваа тема за заедницата и сериозноста на ова прашање за нашата иднина, како општество.
Податоците од повеќе студии спроведени во светот, покажуваат дека во сите земји без оглед дали станува збор за развиени или неразвиени, како и религиската припадност, возраст или статус на жената во нив, повеќе или помалку е изложена на некој облик на насилство. Било да е физичко, сексуално или психичко, насилството како такво представува најчест облик на кршење на човековите права. Според статистичките податоци кои се јавно достапни, секоја трета жена во светот е жртва на насилство од страна на својот партнер, а секоја петта е подложна на закана од сексуално насилство. Жените во светот се предмет на насилство, а големината на овој проблем често останува скриена.
Насилството врз жените длабоко е вкоренето во дискриминаторските убедувања и ставови кои ја злоупотребуваат физичката или секој друг вид надмоќ врз жените, уште од најрани години. Родовите стереотипи во општествата често се користат за да се оправда насилството врз жените.
Втемелените непишани норми често диктираат дека мажите се оправдано агресивни и доминантни, додека жените се послушни, потчинети и предодредени да бидат инфериорни на мажите. Овие норми можат да поттикнат култура на целоснa злоупотреба, како што се раниот и принуден брак, телесни повреди или стигматизација во околината каде живеат. Особено изразени се негативните тенденции при истражувањата во посиромашните земји.
Насилството е закана за целокупната демократијата како вредност и бариера за одржување на мирот. Родово базираното насилство е терет за националните економии и грубо кршење на втемелените човековите права. Тоа не е само проблем на жените, тоа е одговорност на сите нас. Неопходно е да покажеме одлучност и посилна волја, како и да мобилизираме поголеми ресурси за запирање на насилството врз жените. Ова е прашање од врвен приоритет.
Да создадеме бунтовна и безбедна средина. Секој еден да размислува за сопственото однесување и да зборува гласно, кога некој ќе ја премине линијата. Да пријавуваме сексуално вознемирување, секогаш кога ќе го посведочиме и никогаш да не премолчиме.
За многу жени, сексуалното вознемирување е секојдневно искуство кое најчесто се премолчува. Без разлика дали е онлајн, на улица или на работното место, отстранувањето на несоодветното однесување е неопходно. Културата на неказнивост, мора да се искорени.
Жените кои преживеале насилство, да добијат поддршка од целокупното општество и да знаат дека стоиме со нив. Да ги кажат гласно нивните искуства и да бидат алармот во заедницата. Соочени со зголемените антифеминистички движења, поважно е од кога и да било да зборуваме отворено. Табуата, околу родовото насилство им овозможуваат на сторителите неказнивост и ги спречуваат жените и девојките да ја добијат потребната помош.
Да ги зајакнеме ресурсите на феминистичките движења и организации. Земјите со посилни феминистички движења имаат тенденција да имаат поефикасна политика за насилството врз жените отколку оние со послаби или непостоечки движења. Граѓанското општество, организациите за правата на жените и феминистичките активистки се клучни за градењето на движењето и иницијативите за ставање крај на насилството врз жените и девојките.
Да го поддржиме женското лидерство. Многу е важно жените да се на масата на која се одлучува и нивниот глас да се слуша. Особено во телата кои ги креираат клучните политиките и каде се носат одлуки за распределбата на јавните финансии.
Застапеноста на жените во телата за одлучување помага да се осигури потребите на жените бидат во центарот на вниманието.
Жените треба да бидат столбот на еднаквоста. Да застанеме цврсто против културата на малтретирање уште од најрани години, да се мобилизираме сите против насилството и да создадеме подобра иднина, зад себе. Општеството има сила да изнедри еднаквост и ниту една деструктивна тенденција не може да го спречи.
Одговорноста е заедничка, а прашањето не засега сите.