fbpx

Кој финансира режим, ќе си побарува од фамилијата

Facebook
Twitter
LinkedIn

Колумна на Кире Наумов, претседател на комисијата за финансии на СДСМ за Слободен печат, 13.06.2016 година

Многу одамна сум пишувал за овој преседан и за него знаат сите банкари во државава, другите клиенти што купуваат државни записи и секако странските банки и инвеститори. Но, морам уште еднаш да ги потсетам сите оние што не го прочитале ова или го подзаборавиле.

Не знам дали знаете, почитувани читатели, но во поновата историја или поточно во последните 150 години, постојат неколку примери кога јавниот долг на некоја држава бил суспендиран или, пак, станал приватен долг на сатрапите што претходно ја воделе некоја држава. Тоа најчесто се случувало кога по долгогодишно владеење на некои режими што бескрупулозно ја задолжувале земјата, т.е. народот, доаѓало до промена на власта преку избори или преврати. Во сите такви случаи новите власти не признавале делови од долгот што го направиле нивните претходници, а кредиторите секогаш барале меѓународна правна арбитража. Тука би навеле само еден пример во кој правната арбитража одлучила во корист на новата влада и го суспендирала долгот.

Секако, најпознатиот случај во кој една држава била ослободена од плаќање на јавниот долг е оној со Костарика. Во периодот до 1920 година со Костарика владее диктаторот Тиноко и неговата влада постојано се задолжува кај „Ројал бенк оф Канада“ и „Бритиш бенк“ при што одлуките за задолжувањето ги одобрувал самиот Тиноко и едниот од Домовите на Конгресот. Според Уставот на Костарика, во тоа време таков тип одлуки морале да бидат донесени од страна на двата парламентарни домови. По падот на владата на Тиноко, новата влада на Костарика веднаш го оспорува овој долг како јавен и одбива да го плаќа. Двете моќни банки поведуваат меѓународен спор во 1923 во кој како арбитар е назначен тогашниот претседател на Врховниот суд на САД и поранешен американски претседател Вилијам Тефт. Во своето објаснување на пресудата, тој вели дека за да постои легитимен јавен долг, потребна е јавност, односно каков било бенефит за народот на таа држава од таквиот долг. Во случајот со владата на Тиноко, не постои никаква корист за народот на Костарика од јавниот долг што бил создаден во времето на неговото владеење, па тој арбитрира дека не постои суверен долг односно долг на државата, туку може да се зборува само за приватен долг на Тиноко, неговиот брат и некои други членови од владата. Интересно е и тоа што претседателот Тефт се откажал од примање каков било надоместок од трошоците што требало да ги плати поразената страна (банките) нагласувајќи дека му е задоволство што учествувал и придонел во решавањето на вакви меѓународни спорови.

Независно од тоа на кој начин ќе се урне овој режим, идната влада на Р. Македонија мора да оспори еден дел од јавниот долг, кој во принцип е створен исто како и оној од фамилијата на Тиноко во Костарика. По којзнае кој пат ќе повторам дека сите аукции на домашен пазар и нето-долгот створен во периодот по формирањето на „владата од Пржино“, според дефиницијата на судијата Вилијам Тефт не можат да паднат на товар на граѓаните односно да се третираат како јавен долг. Како што во Костарика одлуките за задолжувањето биле донесени само од едниот дом на парламентот, кај нас сите аукции се распишани еднострано само од министерот за финансии без согласност на дополнителниот заменик-министер. Паралелно со тоа, Владата во ниту еден момент не објаснува зошто се потребни нови задолжувања кога при емитувањето на еврообврзницата во 2015 министерот изјави дека се обезбедени сите средства за 2016 година. Што би рекол Тефт „за да постои легитимен јавен долг, потребна е јавност, односно каков било бенефит за народот на таа држава од таквиот долг“. Во случајот со владата на Тиноко/Груевски не постои никаква корист за народот на Костарика/Македонија од јавниот долг што бил создаден во времето на неговото владеење, па тој арбитрира дека не постои суверен долг односно долг на државата, туку може да се зборува само за приватен долг на Тиноко/Груевски и на неговиот брат – кум и некои други членови од владата.
издадени еврообврзници

 

 

износ
Камата (принос)
рочност

2005 год
150 милиони ЕУР
4.625%
10 години

2009 год
175 милиони ЕУР
9.875%
3.5 години

2014 год
500 милиони ЕУР
3.975%
7 години

2015 год
270 милиони ЕУР
5.125%
5 години

Сето ова е посебно важно во моментов кога на шверцерски начин владата подготвува емисија на нова милионска еврообврзница. Ако за издавањето на последната еврообврзница чија сума беше преполовена од страна на СДСМ и беше неопходна согласност од страна на дополнителниот заменик-министер, секоја подруга еднострана одлука во овој момент ќе значи нова сума на јавен долг што мора да биде оспорен. Ова е само формалниот дел од оваа приказна. Сега само накратко за економските штети што би ги доживеала државава доколку владата сериозно мисли да влезе во оваа авантура.

Од своето осамостојување Р. Македонија има издадено 4 еврообврзници по следниов редослед и параметри. Како што е познато каматата го претставува ризикот односно наградата за инвеститорот и зависи пред се економската способност на државата да ги исплаќа своите долгови. Воедно, колку е рокот на доспевање подолг, нормално е дека и ризикот е поголем и со тоа и каматата е повисока.

Во 2005 година Р. Македонија ја издаде својата прва еврообврзница. Само неколку години по конфликтот таа излезе првпат на меѓународниот пазар на капитал и тоа е единствената десетгодишна еврообврзница со каматна стапка од 4,625 проценти. Владата на Груевски потоа има издадено 3 еврообврзници во вкупна вредност од 945 милиони евра и сите со рочност помала од 10 години. Еврообврзницата од 2009 со каматна стапка од 9,875 проценти и рочност од 3,5 години неможе да се коментира економски освен да се каже дека е грабеж. Останатите две еврообврзници се исти така поскапи од онаа во 2005 година. Иако номинално во 2014 владата славеше дека издала најповолна еврообврзница со каматна стапка помала од онаа во 2005, шверцерскиот моменент е тој што никој од власта не коментираше дека рокот на оваа емисија е седум години. И, конечно, кога минатата година доспеваше за исплаќање еврообврзницата од 150 милиони евра владата се задолжи далеку поскапо со каматна стапка од 5,125% со рок на доспевање од само 5 години. Ако рочноста беше 10 години каматната стапка ќе беше уште повисока. Кога се задолжувате поскапо за да исплатите поевтини позајмици, исто така правите грабеж на сопствениот народ.

Што се случува денес? Само пред неколку недели Хрватска се откажа од издавањето на нова еврообврзница. Таму владата јавно излезе и кажа дека за една милијарда евра со рочност од 10 години би добиле каматна стапка од 5 проценти. Само пред една година Хрватска издаде иста таква еврообврзница со камата од 3 проценти. Кредиторите се изјасниле дека бараа премија од плус два процентни поени поради политичкиот ризик. За премиерот на Хрватска беше неприфатливо како што изјави самиот тој неговата држава да плати два до три пати поголема камата од онаа што денес ја добиваат дел од т.н. ПИГС држави како Грција, Португалија или Шпанија, кои пред неколку години беа во финансиски колапс.

Оставам на вас да процените колкава би била стапката на нашата еврообврзница посебно кога би барале десетгодишна. Кај нас лани владата славеше дека добила 5,125 проценти за петгодишна еврообврзница, тогаш кога Хрватска била задоволна со 3 проценти и рок од 10 години. Ако за Хрватска во која има една поголема афера која не ниту промил од една наша „бомба“ кредиторите бараат плус два процентни поени, можете да замислите како тие би се надградиле за ризикот во Македонија. Но, немојте премногу да се оптоварувате со анализи. Има задолжени за тоа. Оваа анализа сигурно ќе ѝ биде дадена на Кети, која ако погодила дека еврото нема да пропадне, ова би го разрешила и без моливчето. Или пенкалце беше?

 

Последни вести