fbpx

Денот по утре

Facebook
Twitter
LinkedIn

Колумна на Драган Тевдовски, претседател на комисијата за економија на СДСМ за Утрински весник, 25.05.2016

„Денот по утре“ е познат научно-фантастичен филм на Роберт Емерих, кој прикажува катастрофални климатски промени што водат до нова ледена доба. Филмот започнува со неуспешните предупредувања на неколкумина научници за настаните што следат, а завршува со космонаут, кој гледајќи ја од вселената замрзнатата Земјина површина, коментира: „Види го тоа… Дали некогаш си го видел воздухот толку чист?“

Актуелната власт направи се’ да ја донесе земјава во ледена доба. Ги сечеа дрвјата и воопшто не се грижеа каков воздух ќе дишат нашите деца. Правеа споменици и фасади, наместо да градат градинки, училишта и болници. Ги малтретираа учениците со екстерно тестирање, додека го рушеа квалитетот на образованието на сите нивоа. Го урнисаа јавното здравство за граѓаните да мораат да одат во приватни болници. Издвојуваа по десетина милиони евра поддршка за странски компании, додека домашните мали и средни претпријатија служеа само за полнење на буџетот преку даноци и казни. Многу сериозно го зголемија јавниот долг и ги задолжија идните генерации. Ја заменија државата со партиите на власт. Направија аболиција за луѓето на власт, а не за човекот кој продаваше коприви или за човекот кој беше гладен и украде ќебапчиња.

Економски гледано, Македонија е денес во ледена доба. Очекувањата на инвеститорите се спуштени. Нема инвестиции. Присутна е дефлација.

Главното прашање е како да излеземе од оваа ледена доба? Кои се главните работи кои ќе треба да се направат на денот по падот на актуелната власт? Кои се тие суштински промени што ќе донесат подобар живот за граѓаните во Македонија?

Првата е транспарентноста. Во денот по утре, ќе мора да се обезбеди целосна транспарентност во работењето на луѓето на власт. Трошењето на парите од буџетот на централната или локалните власти не смее повеќе да остане скриено за граѓаните. Секој граѓанин од својот компјутер ќе мора да има увид како се троши до последниот денар од буџетот, а на секој политичар ќе мора да му стане кристално јасно дека повеќе контролата во трошењето не ја прават само некои комисии (кои политичарите ги формираат), туку дека сите граѓани се можни контролори во трошењето на парите од даноците.

Пошироко, овој елемент треба да вклучува и т.н. „активна транспарентност“ на институциите, што подразбира објавување, а без да им бидат побарани на сите одлуки и документи со кои се влијае врз животот и работата на граѓаните и фирмите.

Транспарентноста треба да биде придружена со ослободувањето на механизмите за контрола над луѓето на власт: силно Собрание, департизирана полиција, независно судство, слободни медиуми и моќен граѓански сектор. Еве три примери како можат да се направат поместувања кај оние кои треба да претставуваат коректив на луѓето на власт. Бројот на пратениците во Собранието треба да се намали, а нивниот избор да се прави со отворени листи со цел да се добијат посилни пратеници, кои нема да бидат гласачка машина. Јавниот обвинител треба да се избира по предлог на опозицијата, како гаранција дека тој не е дел од екипата на власт и дека ќе си ја работи својата работа. Целосно треба да запре трошењето на средства од државниот буџет и од општините во медиумите со цел да се спречи владиното поткопување на медиумите. Слично, потребно е целосно да се забрани и политичкото рекламирање на медиумите, освен за време на изборна кампања, во строго регулирани услови.

Втората и поважна работа што треба да се направи во денот по утре е социјалната правда. Транспарентноста е само еден важен предуслов за остварување на социјална правда, бидејќи се’ додека јавноста нема целосен увид во трошењето на парите на граѓаните преку државниот буџет, малата група на луѓе на власт секогаш ќе наоѓа начини како социјалните програми да ги искривува во своја полза.

Социјалната правда можете да ја наречете како сакате социјална кохезија, еднаквост, борба за средна класа или слично. Суштината е дека е крајно време во Македонија да започне да се гради едно поправедно општество. Општество кое ќе се спротивстави на богатењето само на една мала група на луѓе на власт или поврзани со власта, а осиромашување на сите останати.

Време е во Македонија да му кажеме доста е на неолибералниот модел. Тој ги избриша работничките права, ги здроби синдикатите, ги внесе рамните даноци и ги протежираше странските инвеститори. Наместо него на македонското општество му е потребен социјален договор создаден од граѓаните. Според теоријата на Џон Ролс, таквиот договор треба да биде оној во којшто граѓаните нема да можат да ја предвидат својата социјална позиција по лотаријата на раѓањето и каде што најсиромашните членови на општеството ќе имаат еднаква можност за социјална мобилност како оние кои се родени во богатство.

За да се придвижиме во оваа насока, на Македонија и’ се потребни промени. Промени во системите на редистрибуција на доходот, каде што даночните стапки треба да бидат повисоки за најбогатите, а пониски за сиромашните, додека социјалните трансфери треба да имаат за цел извлекување на корисниците од сиромаштија. Промени кај минималната плата, која треба да биде повисока и да важи и за одделите за текстил, облека и кожа. Промени во образованието во насока на обезбедување подобар квалитет на сите нивоа. Промени во здравство кои ќе им овозможат на граѓаните повторно да добијат добри и лесно достапни услуги во јавните болници. Промени кај малите и средните претпријатија кој ќе добијат сериозна поддршка од државниот буџет, а нема да бидат гушени од притисоци и казни. Промени во системот на поттикнување на вработувањата кои ќе вбризгаат ликвидност во претпријатијата и ќе обезбедат отворање нови работни места, а нема да го рушат пензискиот фонд. А, потребни се и промени кои ќе ја ограничат моќта на големите компании и богатите индивидуи.

На крајот, вградувањето на транспарентност и социјална правда ќе влијаат на подигнување на оние моќни психолошки сили коишто ги движат пазарите и економиите, а кои Кејнз ги нарекуваше животни енергии (англ. animal spirits). Двата клучни елементи од коишто зависат животните енергии се довербата и чувството за правда. Само целосната транспарентност може да ја промени огромната недоверба во политичарите и институциите во нашава земја. Само социјалниот договор може да го врати чувството за правда.

Никогаш претходно „воздухот“ во Македонија не бил почист за да се направат вистинските работи што никогаш досега не се направени.

 

 

Последни вести