fbpx

Колумна на Васко Кичевски: Скопје мора да дише!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Со недели наназд една од главните теми за која се дискутира е загадениот воздух. А оваа тема е директно поврзана со локалната власт, како на град Скопје, така и на сите други општини, а таму царува безидејност и целосна неспособност за решавање на проблемите. Како и секогаш, решение на проблемот имаат советниците на СДСМ кои излегоа со сет мерки за намалување на загадувањето во град Скопје и побараа вонредна итна седница на која требаше да се дискутира за предложените мерки и навистина не можам да сфатам зошто власта во град Скопје, ВМРО – ДПМНЕ, Левица, Зелен Хуман Град и Данела упорно бегаат од проблемот.
Накратко ќе ги објаснам предлог мерките кои СДСМ ги предложи:

1. Итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот превоз.

– Колку и да е тежок проблемот со приватните превозници, крајно време е Данела Арсовска да го надмине сопственото его и да седне со нив за да се изнајде заедничко решение. Со оглед на фактот дека никој не се пријави на јавниот повик за линиите 20 и 22, повеќе од јасно е дека без нив проблемот со недостигот на автобуси нема да биде надминат, а дел од проблемот со загадувањето се токму тие. Недостигот на јавен превоз ги тера граѓаните да си бараат решение за нивнот проблем, а тоа е да стигнат навреме до посакуваното место. Без разлика што опцијата со автомобил е неколкукратно поскапа, на крајот од немање друга алтернатива, граѓаните ќе мораат со сопствено возило да ги завршуваат дневните обврски.

2. Воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје

– За оваа мерка нема потреба да образложувам многу бидејќи токму ова беше главното ветување на Данела Арсовска и ВМРО ДПМНЕ во кампањата за локалните избори во 2021 година. Но, кога веќе е празно ветување може барем делумно да се реализира и во овие денови на загадување, не треба да чекаме граѓаните да се гушат три последователни дена, туку да превземеме иницијатива со која нема да се чека туку ќе се делува пред проблемот да настане, така што од декември до март, ЈСП треба да вози бесплатно за сите граѓани.

3. Итна пренамена на пари во Буџетот на Град Скопје, за зголемување на средствата за борба против загадувањето

– Постојат повеќе методи за намалување на загадувањето, но за нивна реализација се потребни средства. Ќе нафрлам само неколку, овозможување на услови за селекција на отпад, интензивирање на активности за садење на поголем број на дрва во градската средина, забрана за греење на мазут и дрва во индивидуалните домувања и замена со други уреди итн. За ваквите програми потребни се средства од буџетот на Град Скопје и истите долгорочно ќе имаат голем придонес за намалување на загадувањето.

4. Финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси

– Еден од главните причинители на загадувањето е и греењето во главниот град, како на индивидуалните домови, така и на индустриските објекти. Дел од училиштата во Скопје сè уште се греат со нееколошки енергенси и во овој случај обврска на градот е да покаже грижа за своите објекти која е нужно потребна. Со пренамената на средства, коишто верувам дека ќе ги изнајдат во буџетот без некоја потешкотија, средните училишта можат да се адаптираат и затоплувањето да биде на еколошки енергенси.

5. Подготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје

– Ветувањето дека за 82 дена ќе бидат отстранети сите депонии во главниот град секако дека не се реализираше, но затоа конкретен акциски план за реализација на оваа акција мора да се направи со краток рок на делување. Скопје има премногу диви депонии кои од ден на ден стануваат се помасовни и побројни, но без план за третирање на отпадот.

6. Чистење на улиците и јавните површини со помош на цистерни

– Во зима во која температурите не се ни приближно до 0 степени и можноста за мрзнење на коловозот ја нема, комунална хигиена мора да ги мие улиците. Оваа мерка е многу едноставна и за нејзино спроведување не се потребни никакви дополнителни средства ниту што било друго освен малку подобра организација и желба за работа која очигледно ја нема.

Проблемите сами нема да се решат, а одложувањето на проблемот само ќе доведе до уште поголеми проблеми. Никој не вели дека со спроведување на мерките коишто ги предлагаме веднаш проблемите ќе се решат, нема, но ќе придонесат барем малку да се подобри сегашната состојба која е неиздржлива. За проблемот да се реши треба долгорочен и системски пристап поддржан од сите политички партии и без разлика кој е на власт, а кој во опозиција, планот мора да се спроведува бидејќи на крајот сите ние живееме заедно во оваа држава.

Последни вести