Колумна, „Слободен печат“, 22.01.2016, Дамјан Манчевски
Сите граѓани деновиве се преокупирани со едностраната одлука на коалицијата ДПМНЕ-ДУИ за распишување избори на 24 април. За тоа се зборува на медиумите, свои ставови искажуваат аналитичарите, луѓето зборуваат само за тоа. Постои загриженост. И сосема е нормално. Нормално е да постои загриженост кога луѓето не знаат што понатаму ќе се случува. Постои голема неизвесност. Не сум психолог, но според моето лаичко искуство, еден од најголемите стравови на луѓето е стравот од непознатото.
Но, би сакал да ги потсетам читателите дека оваа ситуација најмалку треба да предизвикува чувство на неизвесност. Напротив. И сега ќе објаснам зошто. Поранешниот премиер Никола Груевски не ги сакаше овие избори. Тие ќе се случат против негова волја. Тој исто така не сакаше да се случат и многу други работи. Не сакаше да се формира Специјално јавно обвинителство што ќе се занимава со криминалот на неговата заедничка банда заедно со Мијалков и кумот Ставрески. Велеше дека нема шанса да се формира преодна влада. Влезе во комична приказна дека разговорите ги сечеле, лепеле и монтирале странски служби. Да продолжевме, веројатно Миленко ќе донесеше вонземјанин во емисија, кој лично ќе потврдеше дека прислушувал по нарачка на Зоран Заев. Знам дека помина поприлично време, ама се сеќавате ли на сите оние глупости и небулози кои ги трескаа Груевски и ДПМНЕ целиве овие година дена? Сè што кажаа, сè погазија. Целосно обратно од нивните официјални ставови.
Така ќе биде и сега. На прв поглед едностраната одлука на сестринските партии ДПМНЕ и ДУИ за избори на 24 април без исполнување на Договорот од 15 јули/2 јуни, изгледа прилично тврд став. Дополнително, што е донесен во Собранието. Но, која е реалноста?
Едната опција е дека избори на 24 април ќе нема. Согласно со искуството од целата мината година, Груевски повторно ќе си поплука што си кажа и изборите ќе се одложат сè додека не се исполнат условите за фер и демократски избори. Жртва, нормално, ќе биде дигнитетот на пратениците и Собранието. Но, и тоа не е првпат, напротив, редовна практика е поранешниот премиер Груевски целосно да ги понижи пратениците на сестринските ДПМНЕ и ДУИ, а попатно и загубениот Ѓорге Иванов, кому најмалку му е јасно што се случува. Кога ќе има избори? Тогаш кога ќе се исполнат условите согласно со договорот од 15 јули/2 јуни. Тоа значи откако ќе се прочисти Избирачкиот список и се реализираат потребните реформи во медиумскиот простор за да може да се создадат услови за фер шанса за претставување. Датум? Што побрзо, откако ќе се завршат овие две клучни работи за изборите.
Втората варијанта е сестринските ДПМНЕ и ДУИ да одржат избори на 24 април. Во овој случај, овие избори ќе бидат без учество на СДСМ, но според најавите и поголем број други партии, како и со повик за бојкот од страна на невладиниот сектор. Одржување избори на 24 април ќе ја воведат Македонија во убедливо најголемата политичка и безбедносна криза од независноста до денес. На исто ниво, па можеби дури и поголема од онаа во 2001 година. Ние, како најголема опозициска партија, во овој случај ќе се повлечеме од сите институции на системот. Во Македонија нема да има демократски институции. И, како што веќе најавив на Твитер, ќе се видиме на барикадите.
Изборот за која варијанта ќе се определи е очигледно кај Груевски. Тој одлучува како ќе си замине. Со избори или на друг начин. И тука повторно доаѓаме до одлучувачкиот фактор при неговиот избор. Она за што зборував. Тоа е стравот. Стравот, кој го натера на едностраната одлука заедно до сестринската ДУИ да оди на избори, е нивниот заеднички страв од истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Деновите пред објавување на првите резултати од истрагите и покренување на пријави незапирливо поминуваат. Секој ден, секое будење на Никола Груевски почнува со стравот да не има нешто од СЈО. Неговиот провиден план е целосно да го растури Договорот од 15 јули/2 јуни, еднострано отиде на избори и потоа ги поништи сите придобивки од Договорот, како СЈО, новата Државна изборна комисија и др. Така гледа можност дека можеби би можел да се спаси. Има и друг страв поврзан со ова сценарио. Тоа е стравот од реакцијата на граѓаните. По евентуални избори на 24 април, на граѓаните им останува само да тргнат по своето, по она што тој им го одзеде. Граѓаните ќе тргнат да си ја вратат слободата. Можеби има и трет, не многу голем страв кај него, а тоа е стравот од реакцијата на меѓународната заедница. Но, се покажа дека тој за тоа и не размислува многу.
И ајде сега малку да резимираме од малку поинаков агол. Кој е резултатот на потегот на двоецот Груевски-Ахмети денес? Груевски поднесе оставка. По десет години, тој не е веќе премиер на Македонија. Се соочува со истрагите на СЈО, од позиција на обичен граѓанин. Фер и демократски избори на 24 април ќе нема. Можеби и воопшто избори на 24 април ќе нема. На крајот на денот, резултатот е дека Никола Груевски поднесе оставка од функцијата премиер, многу повеќе од сто дена пред одржувањето на фер и демократски избори во Македонија. Чуден начин, за уште еден успех на сите граѓани, борци за слобода, демократија и подобар живот. Одиме понатаму. Збогум Никола!