ШТО ЌЕ БЕШЕ, ДА НЕ БЕШЕ
На 12 март 2003 година бев премногу млада, но доволно возрасна за да сфатам дека лошата вест од Белград, е лоша вест и за Балканот – убиен е српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ.
Со временска дистанца од 20 години, многу полесно се поврзуваат информациите и се анализираат фактите. И сė води кон едно прашање – дали Балканот би бил сосема поинаков ако 12 март 2003 беше само еден обичен, сончев ден во Белград ?
„Да беше жив, Србија и регионот денеска ќе изгледаа поинаку. Зоран би ја постигнал својата политичка и животна цел, Србија веќе би била членка на ЕУ. Со неговото убиство долго време е убиена европската иднина на Србија и на Западен Балкан“, ќе напише на твитер, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.
После падот на Милошевиќ, Србија се обидуваше да го „проголта“ тескобното минато, последиците од бомбардирањето во 1999 година и да се устрои на Европскиот пат. Задачата на Ѓинѓиќ беше повеќе од подвиг.
И Република Македонија минуваше низ период на болно зацелување од воениот конфликт во 2001 година и Уставните измени според Рамковниот договор. Новата влада на Црвенковски, по убедливата победа на изборите во 2002, се соочи со голем предизвик – од земја „увозник“ на конфликти , да стане „извозник“ на стабилност.
Почетокот на овој милениум беше време на растечка свест дека државите во регионот мора да работат заедно за да ги решат проблемите во сферата на организираниот криминал, корупцијата и нелегалната трговија. Време кога државите се определуваа за соработка во економијата и време кога стана јасно дека интеграциите не се цел сама по себе туку начин за Балканот да живее подобро.
Модерниот и европски стил на контакти и соработка во регионот доведоа до започнување на демаркацијата на државната граница меѓу Република Македонија и тогашна Сојузна Република Југославија (Србија и Црна Гора) како чин за трајна безбедност на регионот и отпочна спроведувањето на договорите за слободна трговија.
И во Албанија, и во Бугарија почна трендот на „запоседнување на политиката“ од страна на модерни и далекугледи политичари.
Но, за бизнисот на „подземните инсталации“ на Балканот, поврзани како крвни садови, тоа не беше добро. Поткупија, купија или создадоа свои медиуми и рејтингот на модерните политичари почна вртоглаво да паѓа. Впрочем, лажните вести не се нова работа на Балканот, а за волја на вистината, имало и слаби „алки“.
„Ни недостасува традиција за градење на сериозна стратегија. Ни недостасуваат луѓе со силен карактер во јавниот живот. Премногу имаме мудрување и површно незадоволство кои не поттикнуваат на акција туку ја блокираат. И премногу интриги и озборувања, како во последната година пред падот на Римското царство. Затоа нашата национална историја некогаш потсетува на Сизифовска работа – со големи жртви каменот да го дотуркате речиси до врвот, и тогаш, ќе „проработи“ нешто кобно, и сè ќе се врати на почеток“, ќе рече тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ.
Во 20 години од неговото убиството, Србија отвори поглавја од преговорите за членство во ЕУ и го држи отворено прашањето за Косово. Ние, станавме членка на НАТО и го почнавме скринингот за членство во ЕУ со отворени прашања од Бугарија. Албанија е наша сопатничка. Бугарија стана членка и на НАТО и на ЕУ преку „брзата лента“ заради отворената порта кон Исток. Сė на сė, на Балканот многу малку ново. Отворено секаде по нешто, а во суштина сите на провев.
Ќе беше ли Балканот поинаков ако 12 март 2003 беше само еден обичен, сончев ден во Белград ?
За таа среда во агендата на Ѓинѓиќ , кој се двоумел дали да оди на работа заради повреда на ногата, бил предвиден состанок со Советот за борба со корупцијата и средба со шведската министерка Ана Линд, која во Белград допатува од Скопје. По игра на судбината, истата година и таа беше убиена со нож во трговски центар во Стокхолм. Убиецот, кој е осуден на доживотен затвор, по потекло е србин.
Секретарката на Ѓинѓиќ, во роковникот, за тој ден запишала и порака: „Груја во Белград до недела“. Иако, веројатно, се однесува на прекарот на тогашниот генерал во МВР Србија, Горан Радосављевиќ, мислата ми отиде на еден друг Груја за кој во тоа време се зборуваше дека го советува српскиот вицепремиер Божидар Ѓелиќ. Од тој период има една анегдота. Незадоволен од хотелската соба во Белград, „друг“ Груја се јавил на рецепција и на српски рекол: „Нисам задовољан собом“. Што во превод значи – „Не сум задоволен со себе“. Одговорот бил: „Ту вам ми не можемо помоћи“.
За после, ние си знаеме.
П.С. Инаку, на 17 март се навршуваат 75 години од потпишувањето на Бриселскиот договор со кој Велика Британија, Франција и земјите од Бенелукс ја основаа Западноевропската унија. За после, они си знаат.