fbpx

Интервју на потпретседателот Фатмир Битиќи за 24 инфо: 2022 ја завршивме со рекорден износ на странски директни инвестиции од над 753 милиони евра

Facebook
Twitter
LinkedIn

Природно е трендот на покачување на минималната плата да биде проследен со соодветно зголемување и на останатите плати, а нема апсолутно никаков простор за загриженост дека ваквото зголемување на минималната плата ќе ја забрза инфлаторната спирала вели заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи во интервју за 24 Инфо.

Битиќи потенцира дека 2022 година, според официјалните бројки на Народна Банка сме ја завршиле со историски рекорден износ на странски директни инвестиции во земјата во износ од 753,8 милиони евра. Според него, нашата економија нема потреба само од ИТ инженери и работници кои се потребни на ИКТ индустријата, туку има една подолга низа на високо квалификувани профили за кои понудата на работна сила кај нас е многу ограничена или воопшто ја нема.

Економско социјалниот совет донесе одлука минималната плата од овој месец да изнесува 20.175 денари. Колку ова зголемување на минималната плата ќе биде доволно платите да победат во трката со инфлацијата?

Зголемувањето на минималната плата на 20.175 денари од оваа година веќе абитрарно не ја одредува владата, туку таа се одредува на систмески начин кој беше воспоставен лани во овој период после неколкукратни долги состаноци со социјалните партнери.
Резултатот од тој дијалог доведе до воведување на систем за пресметка и покачување на минималната плата каде основа за покачувањето ќе се движењето на инфлацијата и просечната плата од претходната година, и на овој начин обезбедивме сигурност на нашите сограѓани со најниски примања дека нивниот стандард ќе биде заштитен, и никогаш повеќе нема да имаме вработени лица кои живеат под прагот на сиромаштија. Директниот одговор на вашето прашање е дека со новата методологија за пресметка минималната плата, инфлацијата веќе е вкалкулирана во износот на минималната плата.
Само за потсетување, пред само седум години, со тогашната минимална плата, која беше договарана во кулоарите и нејзиниот износ не се менуваше по неколку години, беа потребни нешто над 3 минимални плати за покривање на трошокот на едно четиричлено семејство според минималната синдикална кошница. Сега, со ова зголемување, ќе бидат потребни околу 2 минимални плати за покривање на една минимална синдикална кошница
„Трката“ на платите и инфлацијата е континуиран процес и секако ние како Влада ги преземаме сите мерки во насока на подобрување на стандардот. Стимулираме добро платени места дополнително ги поддржуваме компаниите од преработувачката индустрија кои исплаќаат плати над државниот просек. Исто така имаме рекордни приливи на странски директни инвестиции кои се во компании кои произведуваат производи со висока додадена вредност и кои веќе исплаќаат плати кои се над просекот,
Состојбите во ИТ индустријата се исто така многу охрабрувачки, таму просечната нето плата е скоро 3 пати поголема од државниот просек, а според изјавите во јавност, како и според тврдењата изнесени од претставниците на МАСИТ и компаниите од ИКТ секторот, потребите за ИТ инженери се големи.

Ќе следува ли покачување на останатите плати во јавниот и приватниот сектор?

Вработените во јавниот сектор веќе добија покачување на платите според колективните договори за секоја гранка одделно. Со ова покачување на минималната плата ќе се зголемат платите на административците кои имаат засновано работен однос според Законот за Административни Службеници (ЗАС), додека сите останати кои се под државна капа имаат свои гранкови синдикати кои имаат склучено колективни договори и нивните плати и надоместоци се дефинирани во овие колективни договори.
Во врска со приватниот сектор секако дека очекувам и природно е овој тренд на покачување на минималната плата да биде проследен со соодветно зголемување и на останатите плати, кое секако дека треба да биде проследено со соодветно зголемување на продуктивноста, ефективноста и ефикасноста во работењето на секој наш работник, како во јавниот така и во приватниот сектор.

Опозицијата и одредени економски експерти, велат дека ваквото зголемување на платите дополнително ќе ја забрза инфлаторната спирала. Има ли простор за грижа од такво неповолно сценарио?

Нема апсолутно никаков простор за загриженост дека ваквото зголемување на минималната плата ќе ја забрза инфлаторната спирала. Уште од самиот почеток на оваа енергетска криза на која се надоврза војната во Украина, цените на енергенсите и неколку клучни суровини кои најчесто се користат во производство на основните прехранбени продукти, на сите ни беше јасно дека овој инфлаторен притисок е исклучиво предизвикан од страната на понудата, а не од страната на побарувачката. Или со поедноставни зборови, водејќи се според основните економски законитости, ние живеевме и се уште живееме во период на повисоки цени на енергенси и основни прехранбени продукти исклучиво заради нивното намалено производство, а не заради зголемената куповна моќ на домаќинствата. Дополнително енергенсите како и основните прехранбени продукти ги користиме ограничено, односно многу тешко е во пракса да се случи зголемување на нивните цени заради енормно зголемената побарувачка.
Краткорочните предвидувања за до крајот на оваа година, како од страна на меѓународата организација за храна и земјоделие (FAO) поврзано со цените на храната, така и на интернационалната агенција за енергија (IEA) поврзани со цените на енергенсите се дека ќе има нивно понатамошно намалување, но секако со послаба динамика. Овие предвидувања охрабруваат и ни даваат надеж дека нивниот ефект ќе се прелие и врз нашата економија која знаеме дека е скоро 100% увозно зависна од енергенси, и која произведува околу ½ од вкупните потреби за храна.

Ја започнавте годината со промоција на странски инвестиции, какви се проекциите за оваа година на полето на странски директни инвестиции?

Минатата 2022 година според официјалните бројки на Народна Банка на Република Северна Македонија сме ја завршиле со историски рекорден износ на странски директни инвестиции во земјата во износ од 753,8 милиони евра. Ова е уште една потврда дека оваа влада гради економија и систем во кој предвидливоста во даночната сфера, се поголемата интегрираност во меѓународните синџири на снабдување и воведувањето на најновите модели на едукација/квалификација/преквалификација го даваат очекуваниот резултат. Дополнително ако го земеме фактот дека за овие инвестиции не е потрошени ниту еден денар од парите на граѓаните за промоција и скапи роад шоуа, туку преку градење на предвидлива економска политика, се постигнати резултати, кои долгорочно ќе одржуваат економска стабилност.
Процесите на near-shoring, или можеби посоодветно friend-shoring, кои се одвиваат на светската инвеститорска мапа секако дека очекуваме позитивно да се одразат на приливот на странски директни инвестиции во Северна Македонија. Ние како Влада ги преземаме сите неопходни мерки со цел привлекување на високо квалитетни странски инвеститори, кои создаваат производи со поголема додадена вредност и секако на крај исплаќаат и повисоки плати. Очекувам трендот од 2022 кога од квартал во квартал имаше константно последователно зголемување на приливот на СДИ да продолжи и во оваа 2023 година, кога можеби и ќе ја пречекориме психолошката граница од 1 милијарда СДИ во една календарска година.

Работодавците извесен период апелираат за недостигот на работна сила и потребата од либерализација на пазарот на труд, што се презема по однос на ова прашање?

Сериозно размислуваме во насока на понатамошна либерализација на процедурите за стекнување со дозвола за престој и дозвола за работа на странски државјани. Тука секако нема да одиме со отворање на целата економија за странски работници, но според првичните анализи кои ги имаме, и секако според податоците од изминатите неколку години за барањата на странските работници, посебно во кои сектори и од кои земји доаѓаат, мислам дека веќе е време да се реагира во насока на отворање на патот за странски работници кај нас, посебно во дејностите како градежништво и угостителство каде од неколку причини изминативе години имаме се поголем недостаток на работници.
Како што наведов и во одговорот на првото прашање, нашата економија нема потреба само од ИТ инженери и работници кои се потребни на ИКТ индустријата, туку има една подолга низа на високо квалификувани профили за кои понудата на работна сила кај нас е многу ограничена или воопшто ја нема. Дел од профилите кои се насушно потребни на нашите бизниси а на кои во моментов ми паѓа на памет од последните контакти кои сум ги имал со компаниите се: фармацевти, машински инженери со специјалност во мехатроника и роботика, хемичари и други.
Убеден сум дека веќе е време отворено да се зборува не само на оваа туку и на многу други економски теми со цел подобрување на условите за водење бизнис во државата и фаќање чекор со високо-конкурентните економии од цел свет.

Последни вести