Интервју на кандидатот за градоначалник на Град Скопје и потпретседател на СДСМ, Петре Шилегов за Слободен печат
Слободен печат: И вие како и неколку Ваши колеги пратеници решивте да го напуштите Собранието и да влезете во трка за градоначалничка функција. Кои се мотивите за таквиот чекор?
Шилегов: На парламентарните избори успеавме да го демонтираме груевизмот на централно ниво, но тој е сè уште присутен на локално ниво. Мојот мотив за кандидирањето е со сиот свој капацитет лично да се вклучам во борбата за подобро и поубаво Скопје, за Скопје кое ќе биде гордост за идните генерации. Скопје, за сите! Имам решенија, мерки и програма за кои сум убеден дека ќе го унапредат квалитетот на живот на жителите на Скопје и на сите оние што тука учат, работат или студираат. Пратеничката функција несомнено е одговорна и важна позиција, но како роден скопјанец кој и емотивно е врзан со овој град, јас сакам преку конкретни чекори да влијаам врз квалитетот на живот на сите мои сограѓани, скопјани. Сите да почувствуваат придобивки од едно поинакво, услужно раководење со градот. И пратеничката и градоначалничката функција се минливи, но не е минливо и она што го оставаме зад нас. Јас зад мене сакам да оставам дела со кои градот и граѓаните ќе се гордеат, наместо да се срамат.
На крајот на денот, ова е мој град тука живеам, тука ќе продолжам да живеам, тука живее моето семејство оттука јасно е колку ќе се вложам да работам во интерес на мојот град и моите сограѓани.
Слободен печат: Генерален впечаток е дека ова се клучни избори што ќе ја одредат иднината на државата но и односот на силите помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Како Вие гледате на овие локални избори?
Шилегов: Како што реков, ова е шанса да се освои слободата и на локално ниво. Слобода што ќе значи живот за сите. Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ работат како продолжена рака на Никола Груевски и во целост ги застапуваат неговите криминални, расипнички и погубни политики. Ист е случајот и овде во Скопје. Овие избори ќе бидат клучни не толку во односот на силите помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, туку во односот кон иднината на Македонија. Изминативе години докажаа дека колку е посилен Груевски толку е послаба Македонија. По заминувањето на Груевски во опозиција, Македонија секој ден станува се посилна. Сега секоја општина, секој град, почнувајќи од Скопје, треба да стане се посилен, да се движи напред, во интерес на граѓаните. И затоа, очекувам дека на локалните избори граѓаните на Скопје и ширум Македонија ќе му кажат конечно збогум на груевизмот, расипништвото и криминалниот начин на управување. На локалните избори граѓаните ќе си ги вратат општините и тие ќе работат само за нив, граѓаните.
Слободен печат: Коце Трајановски два мандати го водеше Град Скопје, што различно ќе понудите од него?
Шилегов: Скопје во изминатите години го водеше Никола Груевски, а Коце Трајановски беше само негова продолжена рака. Трајановски беше тука само за да ги исполнува желбите на Груевски. Се носеа половични и штетни решенија за градот и граѓаните. Многу пари се потрошија за проекти за кои граѓаните не добија ништо и не беа воопшто консултирани. За сите овие години, градската власт мислеше единствено на личните и партиски интереси, а не на јавниот интерес. Коруптивното, самоволно и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и Трајановски го доведоа Скопје во состојба на непрепознатливост. Се изврши масакр врз зеленилото, експанзија на урабинистички хаос, се потрошија стотици милиони евра за барок и стиропорни фасади, а делови од Скопје сè уште се без основни услови за живот. За жал, сè уште во главниот град имаме населени места без соодветна канализација, без соодветна водоводна мрежа. Тоа ќе го промениме. Ќе ставиме крај на таквиот однос кон градот и граѓаните. Сите решенија ќе ги носиме во договор и консултација со граѓаните. Град Скопје ќе се отвори за нови идеи од граѓаните, еснафот, граѓанските иницијативи и невладините организации. Град Скопје ќе има отчетна, услужна и одговорна локална власт што ќе работи во интерес на граѓаните. Нема да дозволиме локалната власт во Град Скопје да биде механизам за лично богатење на поединци.
Слободен печат: Кои се приоритетните мерки што ќе ги преземете уште во првата година од вашиот мандат?
Шилегов: Недвојбено, загадувањето ќе биде мојот најважен приоритет. Прашањето со загадениот воздух не смее повеќе да се третира повремено, половично и несериозно. Јас велам здравје за секој скопјанец, чиста вода и чист воздух за сите. Затоа уште во првите денови од стапувањето на функцијата, преку опсежни и сериозни анализи ќе понудиме краткорочни и долгорочни системски решенија со кои ќе го вратиме чистиот воздух во градот. Во прв план ќе биде ставена заштитата и унапредувањето на зелените површини. Мора да се зголеми процентот на зелени површини особено во централното подрачје. Освен загадувањето со ПМ-честичките, ќе се мери и загадувањето со тешки метали, ќе се засилат инспекциите на ниво на скопските општини и на ниво на Град Скопје, ќе се инвестира во економични и обновливи извори на енергија, а ќе се интервенира и во јавниот превоз, кој мора се одвива по повисоки еколошки стандарди, достојни за 21 век. Гасификацијата како сериозен проект очекувам да донесе резултати и на ова поле.
Паралелно со тоа, ќе работиме и на подигнувањето на квалитетот на основните потреби за живот на сите жители на Скопје. Недозволиво е места и населби на само неколку километри од центарот на градот да бидат без квалитетно водоснабдување, без канализации, асфалт или без улично осветлување. Недозволиво е на само еден квадратен километар градска површина, криминално да се потрошат 500-тини милиони евра пари на граѓаните за барок, палми, тркала и споменици додека остатокот од градот живее во лоши услови. Јас велам поврзани и безбедни граѓани со современа улична мрежа.
Убеден сум дека заедно со мојот тим уште во првата година ќе спроведеме мерки што ќе го подобрат животот за сите. Преку посветена работа ќе обезбедиме чист воздух и чиста вода за сите, безбедни сообраќајници, пешачки и велосипедски патеки за сите учесници во сообраќајот, а локалната власт ќе ја ставиме во целосна функција за потребите на граѓаните.
Впрочем, за деталите за подобро и гордо Скопје, за сите мерки и решенија од програмата граѓаните ќе бидат запознаени во текот на кампањата
Слободен печат: Дали очекувате поддршка од албанските партии и колку се потпирате на албанските гласови како клучен елемент што би го одредил победникот, особено во вториот круг?
Шилегов: Очекувам поддршка од сите граѓани и политички субјекти кои сакаат промени во Град Скопје и од сите оние кои сакаат да се стави дефинитивен крај на криминалниот, арогантен и расипнички пристап на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Гласовите не ги делам ниту на албански, ниту на македонски или ромски, српски, турски итн. Гласовите на Македонците и на Албанците и на сите други вредат еднакво. СДСМ на претходните избори покажа дека силно верува во концептот мултиетничност и едно општество за сите. Таквиот концепт уште позасилено ќе продолжи на овие локални избори. Македонија мора да биде еднакво општество за сите и убеден сум дека на изборите како во Град Скопје, така и во останатите општини, ќе се докаже бенефитот од концептот на едно општество. Граѓаните во центарот на вниманието, тоа е мојот пристап, моето мото.