fbpx

Колумна на Фатмир Битиќи: Политички рефлекс

Facebook
Twitter
LinkedIn

Политички рефлекс
„Политика, тоа не е мислење, тоа е рефлекс“ ќе забележи американскиот писател Курт Вонегат со намера, меѓу другото, да означи политичка структура која дејствува со отсуство на свест, на намера за вградување на одредена смисла или идеја во нејзиното поведение, а кое ќе значи и добробит за членовите на заедницата. Таа структура е затворена во себеси, ја исцрпува различноста и ја поништува индивидуата. Централизиран и авторитарен склоп кој се репродуцира од сите нејзини припадници. Во кратки црти оваа рамка нуди најдобро портретирање и разбирање на политичкото поведение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Јавноста е изложена на канонада од изјави во кои не може да се препознае личниот белег на тој што ги кажува, на тој што изјавува. Осмислени и формулирани во партискиот центар за комуникација, со затворен простор за изразување на некоја своја лична креативност или идеја, редица на партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ се препуштаат на нивно механичко повторување, без изградена свесност за потреба да се преиспита дали тоа што се кажува е вистинито или не, дали соодветствува на реалноста или пак рефлектира некои илузии. Од најниски партиски функционери, преку градоначалници, до пратеници, па се и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, се насочени во градење на наративи чија основна функција не е изразување на некои идеолошки или програмски определби и визии за развојот на нашата држава, туку примарно е создавањето на атмосфера на општ сомнеж и недоверба во државата, поткопување на нејзините темели.
Не може некоја политичка партија да се декларира дека се бори за унапредување на квалитетот на животот во нашето општество, за неговиот развој, а во својата јавна комуникација кон граѓаните да нема некоја идејна содржина, било тоа да е и во рудиментирана форма, за тоа кои се патеките по кои треба да се развива политичкиот, социјалниот, образовниот, културниот и вредносниот систем во државата. Основната функција во која се исцрпува целокупното политичко поведениe на ВМРО-ДПМНЕ е репродуцирање и повторување на пропаганда во јавноста, без смисла за реалност или вистина, „копи пејст“ површен политички наратив во кој индивидуата е поништена, погазена, а сето тоа во атмосфера и стил кои ги влечат своите корени од нивниот претходен лидер, кој сега „ја сака Македонија и се грижи за неа“ од Будимпешта.
Не може да се најде ниту една друга референтна точка која ќе објасни, на пример, зошто Кристијан Мицкоски даваше црни прогнози и предвидувања за енергетската криза, зошто зборуваше за рестрикции и драстични зголемувања на цените на струјата, кои се покажат дека немаат допир со реалноста. Нашите граѓани и бизнис заедницата имаа доволно електрична енергија, без ниту еден ден на рестрикција, а цената за домаќинствата не се зголеми, освен оние кои трошеа повеќе.
Сега сведочиме како од страна на опозицијата се изразува загриженост за тајност за Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д, обидувајќи се да создадат слика за изграден политички капацитет и сензибилитет за тоа дека за јавноста ништо не треба да биде оставено необјаснето, а уште помалку да се крие како се трошат нејзините пари. Овие „грижи“ доаѓаат од политичката партија која цела една деценија водеше целосно затворен, далеку од очите на јавноста, процес на привлекување на странски инвестиции. Во четири очи се преговараше и договараше, по арбитрарни критериуми, колку народни пари ќе се доделат на некоја странска компанија. Ниту некој можеше да провери, ниту некој знаеше како 26 странски компании беа поддржани од државата со 121 милион евра, затоа што договорите беа под превезот на државна тајна. Постои разбирање за потребата на компаниите одредени техничко-технолошки процеси да останат заштитени, но за тоа како и по кои критериуми се трошат јавни пари, во едно демократско општество не постои ниту една причина која ќе биде доволна за тој дел да биде државна тајна.
Токму оваа аномалија од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е една од првите која беше разрешена од страна на СДСМ по само самото доаѓање на власт во 2017 година. Веднаш се воведе целосно системско и транспарентно решение во делот на финансиската поддршка на инвестициите. Согласно ова, секој граѓанин на нашата држава може во секое време да провери по кој основ 45 милиони евра народни пари беа потрошени за поддршка на 433 компании минатата 2022 година, кога бележиме и рекордни 753,8 милиони ера нови инвестиции. Ова е пример како внатрепартискиот квалитет се рефлектира во системско решение за трошење на народни пари. Кога сме и кај Коридорите 8 и 10д, самиот министер за транспорт и врски Бочварски, соопшти во јавноста дека е исплатена првата транша кон „Бехтел и Енка“ од 117 милиони евра.
Сите овие „грижи“ на ВМРО-ДПМНЕ се само ехо од времето кога од првично планираните 80 милиони евра, беа потрошени седум пати повеќе, односно над 560 милиони евра во проектот „Скопје 2014“. Сосема јасно се препознава истиот политички менталитет кој кога раководеше со државата, преку длабоки системски аномалии се проектираа автопатски делници од канцеларии на „Гугл мапс“ и како резултат на што автопатот Кичево-Охрид, од првично планираните 374 милиони евра, достигна цена од 600 милиони евра.

Последни вести